Зеленски, Навални и Асанж, но и Трамп, Столтенберг и Маск во игра за Нобел
Во период на големи војни во Украина и во Газа, на официјалниот список годинава доминираат мировни активисти и организации за човекови права и мир, пред сѐ во Русија, во Украина, Белорусија, Кина и на Блискиот Исток
Вкупно 196 лица и 89 организации се официјално предложени за годинешната Нобелова награда за мир во рокот за пријавување од почетокот до крајот на февруари.
Норвешкиот Нобелов комитет во Осло забележува дека бројот на номинираните е значително помал од лани, кога беа пријавени 259 лица и 92 организации, и од рекордната 2016 година, кога имало вкупно 376 кандидати.
Право да кандидираат добитник на Нобеловата награда за мир имаат шефови на држави, универзитетски професори, пратеници, министри, поранешни лауреати и членовите на Норвешкиот Нобелов комитет. Имињата на кандидатите се чуваат во тајност, но предлагачите вообичаено самите ги пријавуваат, заради сопствена или промоција на кандидатот.
Првата строга селекција се прави веќе во март, а за лицата од скратениот список се прават консултации со стручни советници до август. Во септември повторно се состанува Комитетот во Осло и го избира лауреатот, чие име официјално се соопштува во втората недела од октомври, в петок точно на пладне.
Во период на големи војни во Украина и во Газа, на официјалниот список годинава доминираат мировни активисти и организации за човекови права и мир, пред сѐ во Русија, во Украина, Белорусија, Кина и на Блискиот Исток.
На обложувалниците најголеми шанси за победа им се даваат на веќе покојниот руски опозициски лидер Алексеј Навални, кој неодамна почина во логорот во поларниот круг, на активистот за правата на Ујгурите во Кина – Илхам Тохти, на лидерката на белоруската опозиција во егзил Свјатлана Цихановскаја и на Меѓународниот суд на правдата, а меѓу фаворитите е и украинскиот претседател Володимир Зеленски, иако никој јавно не објави дека официјално го номинирал.
Меѓу номинираните се и затворениот основач на Викиликс, Џулијан Асанж, британскиот истражувач и автор, сер Дејвид Атенборо, тројца палестински новинари и многумина активисти и дисиденти.
Меѓу оние што постојано се номинирани, но кои вообичаено не стигнуваат до потесниот избор, и годинава се папата Франциск, генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш, а веројатно и екоактивистката Грета Тунберг.
Меѓу контроверзните ликови се политичкиот шеф на НАТО Јенс Столтенберг, номиниран од норвешкиот министер Абид Раџа поради „работата на постигнување мир и демократија во Европа и во светот во изминатата година“.
Номиниран е и поранешниот американски претседател Доналд Трамп, промовиран од конгресменката Клодија Тени „поради улогата во склучувањето на Аврамовите договори за нормализирање на односите на Израел со Обединетите Арапски Емирати и Бахреин“.
Наградата во вредност од 1 милион долари може да заврши и кај милијардерот Илон Маск, предложен од норвешкиот пратеник Мариус Арион Нилсен поради „одбраната на дијалог, слободен говор и слободно изразување во сѐ пополаризиран свет“.
Лани наградата ѝ беше доделена на затворената иранска активистка Наргес Мохамади, за борбата за правата на жените и за демократија во Исламската Република. Наградата во нејзино име ја примија нејзините деца.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Филипче: Наместо економски бум, Македонија тресна на…
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, вечерва укажа…
Украина дозволи двојно државјанство за справување со…
Парламентот на Украина денес усвои нов закон…
Евакуирани дел од американските дипломати во Израел
Двајца американски претставници велат дека владин авион…
Филипче: Скопје е затрупано со ѓубре, Мицкоски…
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, се обрати…
Утре ќе има боево гаѓање кај делчевското…
Поради боево гаѓање со огнено оружје, утре…