Објавено на:

Златната треска се враќа – еден грам достигна 140 евра

t

Со зголемените геополитички тензии и неизвесноста на финансиските пазари, цената на златото продолжува да расте и повторно се приближува до историски високи нивоа. На светските берзи, цената на благородниот метал денеска се движи околу 4.370 – 4.390 евра за унција, што значи дека еден грам 24-каратно злато се тргува за приближно 140 евра. Ова претставува умерено дневно зголемување од околу 0,3 до 0,4 проценти. Во доларска вредност, цената достигнува околу 5.020 долари за унција, што укажува на стабилизација по неодамнешните осцилации на пазарот.

Светските аналитичари велат дека еден од главните фактори што го туркаат порастот на цената на златото е зголемената геополитичка неизвесност, особено конфликтите и тензичната ситуација на Блискиот Исток. Потенцијалните ризици за глобалното снабдување со енергенти и порастот на цената на нафтата создаваат дополнителни инфлаторни притисоци, што традиционално ја зголемува побарувачката за злато како заштита од економска нестабилност. Во вакви услови, инвеститорите често ги намалуваат вложувањата во поризични средства, како акциите, и се префрлаат во побезбедни активи.

На цената на златото значително влијаат и движењата на американскиот долар и каматните стапки. Кога доларот слабее, купувањето злато станува поевтино за инвеститорите што користат други валути, што дополнително ја зголемува побарувачката. Податоците покажуваат дека цената на златото во Европа е повисока за повеќе од 50 проценти на годишно ниво, што претставува најголем пораст на пазарот на благородни метали во последната деценија.

Според прогнозата на домашната компанија „Инвестапедија“, цените на златото би можеле да продолжат со умерен пораст и во текот на следниот месец. Нивните анализи покажуваат дека геополитичката неизвесност, можната ескалација на конфликтите на Блискиот Исток и очекувањата за монетарно олабавување од страна на големите централни банки ќе останат главни двигатели на пазарот. Сепак, силниот американски долар и високите каматни стапки би можеле делумно да го ограничат порастот. Според проекциите, во следните 30 дена, цената на златото би можела да се движи во широк распон, со можни вредности меѓу 4.760 и 8.356 долари, со просек од околу 6.558 долари за унција.

Инвеститорите постепено ја намалуваат изложеноста кон средствата директно поврзани со Блискиот Исток, додека премиите за осигурување на поморски транспорт растат. Овие процеси доведуваат до пад на некои регионални берзи и до зголемен интерес за безбедни инвестициски инструменти, меѓу кои златото традиционално има водечка улога.

Дополнителен фактор што ги поддржува цените на благородниот метал се економските политики и трговските тензии. Одлуката на американската администрација да воведе универзални царини од 10 проценти, со можност тие да се зголемат на 15 проценти, создава нови ризици за глобалната трговија. Во вакви услови, дел од инвеститорите се насочуваат кон златото како заштита од потенцијални системски ризици и економски турбуленции.

Според економскиот аналитичар Дарко Крстески, златото со децении се смета за една од најсигурните заштити од инфлација. Тој посочува дека, во последните години, светот се соочува со низа кризи – економски потреси, пандемија, енергетски шокови и воени конфликти – кои доведоа до значителен пораст на цените на храната, енергијата и на другите основни производи.

– Во вакви услови, златото се покажува како еден од најстабилните инвестициски инструменти. Во последните 15 години, неговата вредност порасна за околу 400 проценти – вели Крстески, додавајќи дека краткорочните падови на цената често претставуваат можност за инвеститорите да купат злато пред новиот пораст на цените.

Аналитичарите очекуваат дека пазарот на благородни метали ќе остане волатилен во краток рок, а тоа значи дека цената на златото, среброто и на другите благородни метали може брзо да се менува, поради фактори како геополитички случувања, промени во каматните стапки, инфлација или движење на доларот. Особено во пресрет на новите одлуки на големите централни банки за каматните стапки.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Златната треска се враќа – еден грам…

Со зголемените геополитички тензии и неизвесноста на…

Германија до Трамп: Ова не е војна…

Германските власти изјавија дека евентуалната американска војна…

Две мали деца се затруле со хемикалија…

Две деца на возраст од три и…

Истрели во владина зграда во Анталија: Специјалци…

Во турскиот град Анталија се слушнале истрели…

ИДФ почнале „целна копнена операција“ во Јужен…

Израелската војска објави дека започнала „целна копнена…