Зошто наместо функционална, имаме формална демократија?

t

Зошто наместо функционална, имаме формална демократија?(3.)

Кога нема демократска политичка култура, има аномично општество

Денес ќе пишувам за главната причина за лошите состојби во македонскиот плурален систем и демократијата во него. Најконкретно ќе го посочам коренот на зболувањето на демократијата, т.е. ќе го скенирам “изместениот зглоб“ на македонската демократија. Тоа е несоодветната политичка култура на политичките актери во Македонија.
Се покажа дека во досегашните изборни циклуси политичката култура на учесниците во изборите, најчесто е на ниско ниво. Крајно време е тие да прифатат и применат политички вештини за настап на избори, засновани на научни теории, стратегии, тактики и техники, кои се сообразени со позитивната пракса на европската и светската демократија и традиција. Најконкретно треба да се примени вистински политички маркетинг за привлекување на избирачите и освојување на нивниот глас. Тоа е вистинскиот начин да се врати дигнитетот и суверенитетот на граѓанинот избирач, не само во формална и инструментална смисла, туку и во вистинска, суштинска смисла. На граѓаните треба да им биде овозможено слободно и без влијание од никого да го “троши“ својот глас. За таква слобода потребно е, граѓанинот од Република Македонија да не биде уценуван, загрозен и исплашен за своето учество или не на изборите, за што е потребно со него да не се постапува како поданик. Продолжуваме со последните три констатации(15, 16 и 17) во врска со предметната тема.

15.
Статус кво на нецелосно отфрлената политичка култура од минатиот едноумен систем и докрај неизградената демократска политичка култура својствена на плуралистичките општества. Како да не стигна “проклетството“ на германскиот политолог и социолог Ралф Дарендорф дека “Земјите од Источна Европа ја променија власта за шест дена, законите за шест месеци, институциите за шест години, но за промена на начинот на размислување и однесување на нивните граѓани ќе им требаат шеесет години.“ Кај нас недоволно се респектираат демократските поими и институци од типот на изборен натпревар, плурализам, партиципација на граѓаните, демократски дијалог, демократски консензус, толеранција и разбирање, слобода на мисла и говор, слобода и независност на медиуми, почитување на човекови права и сл. Замислете ние сме само на половина пат до освојување и на тој посакуван идеал или потребна и неопходна демократска матрица. Сеуште не сме дефинирале дали сме општество во промени, општество во транзиција, постсоцијалистичко општество или демократско општество во зародиш (“во пелени“).

16.
Нашето демократско општество и до ден денес му недостасуваат следните детални проучувања:
 систематско проучување на структурните и институционалните аспекти на постојните политички партии;
 социјалните и политичките расцепи и интеракцијата помеѓу партискиот систем и гласачкото расположение;
 позиционите и ставовски димензии на партиите и на траекторијата на движење на граѓанската култура во Македонија; и
 аналитичка типологија и класификација на партиите кои го сочинуваат партиско-политичкиот спектар во Македонија.

Откако сето ова ќе биде детектирано, проучено, постојат шанси демократијата во македонија конечно да се ослободи од “детските болести“, кои не и дозволуваат вистинско демократско полнолетство и после 30 години практицирање демократија.

17.
Најзагрижувачки од се е што македонското општество, преку штетна изборна аномија поприми карактеристики на аномично општество(anomos – беззаконие). Отсуството, пропаѓањето, конфузијата и судирот на деструктивното однесување на политичките и економски субјекти со постојните законски норми се наше непосредно, актуелно и акутно однесување веќе подолго време.
Аномичната свест на овие субјекти, таа не-свест и не-свесност, се агрегат на ментални и психички својства(на политичарите и бизнисмените), која во своето конкретно пројавување, ја храни општествената аномија. Законите не се спроведуваат, институциите не функционираат. Изгубена е границата помеѓу она што е допуштено и она што е дозволено. Со години царува неодговорноста и не снаоѓањето во новите услови, стнандарди и норми. Тоа пак доведе до дезориентација и деморализација.
Изострената политичка(партиска) борба е доведена до апсурди, партизацијата на институциите веќе е до состојба на нивна фукционална парализа што е состојба и на еднонасочно дејствување и запаѓање во своевидна патологија. Политичките субјекти зборуваат за демократија, а прават злоупотреби кои ги уназадуваат демоккратските процеси и односи. Се фалат дека се чесни, а извршуваат грабежи. Се претставуваат како големи борци за правда, а нанесуваат неправди. Токму таа патологија е аномијата – изрзена како непотизам, корупција и организиран криминал, штетни појави кои општеството го направија болно и канцерогено, а како такво и бесрамно општество.

Како да ја надминиме изборната аномија ?

Многу важно е севкупната општествено-политичка и економска состојба во која се наоѓа Република Македонија да ја гледаме со реална диоптрија, а не со специјални наочари за разубавување на реалноста. Исто така, треба да ја избегнеме и замката за неосновано нејзино нагрдување(на реалноста такава каква што е). Како и да е, не треба да ги затвораме очите пред непотизмот, корупцијата, организираниот криминал и се поприсутниот неморал во Република Македонија. Тоа се нус појавите на транзицијата која предолго трае и која се состои во симболични промени, кои есенцијата на животот, наместо да ја подобрат ја влошија.
Многу тешко но и многу малку, во овие 30 години ги менувавме старите сваќања, лошите навики и инертното однесување. Од едно општество, со свои утврдени норми, вредности и институции поминавме, и сеуште поминуваме, во општество со сосема други, вредности, норми и институции. Не зафати аномична свест на отсуство, пропаѓање, конфузија или судир на законските и моралните норми во општеството. Ваквата свест не воведе во аномично општество. Тоа е состојба на: непочитување на постојните уставни, законски и подзаконски прописи и норми и нивно прекршување, а секако и отсуство на законска регулатива, на морални норми и утврдени општествени вредности, прилагодени на еден модерен демократски систем. Овие две не сакани и не завиудни состојби се резултат на брзите општествени промени, кои најчесто беа површни, а не сеопфатни, длабоки и суштински. Но, исто така, тоа е и состојба во која старите општествени норми пропаѓаат, а новите, сеуште, не се создадени. За ваквата состојба Кристофер Лаш употребува еден многу остар израз – безсрамно општество(Јован Корубин, Аномично општество, Матица македонска, 2004).
Како резултат, или поточно последица на напред наведеното во секојдневниот живот во Македонија, веќе со години, царуваат, неодговорноста, недисциплината, дезориентацијата и деморализацијата. Изострената политичка борба е доведена до апсурди, а партизацијата на институциите до состојба на нивна функционална парализа или еднонасочно дејствување, чија основна карактеристика е патологијата. А токму таа патологија е аномијата, во која длабоко сме загазиле. Без сомнение најизразена е изборната аномија, затоа што целосно е изгубена границата помеѓу она што е допуштено и она што е забрането во изборите и изборните кампањи. Безмалку сите политички партии во изборната трка функционираат врз исти принципи:

 Прави (најчесто незаконски работи) и оправдувај го тоа што го правиш Fact et excusa,
 Доколку си направил престап, одрекувај го Si facisti nega,
 Раздели, па владеј Divide et impera

Ваквата “филозофија” на политичките партии, сама по себе се покажа брилијантна, која лесно стана и девијантна реалност на изборите и изборните кампањи. Краен резултат се недемократски и нефер избори, без разлика дали се локални, претседателски или парламентарни, од почетокот на плурализацијата и воведувањето на демократијата па се до денес. Единствени исклучоци се изборите од 1998-та, 2002-та и 2006-та година.

(продолжува)

Сотир Костов

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Универзитетот за туризам и менаџмент ја “избриша”…

Вечерва Универзитетот за туризам и менаџмент ја…

ХРВАТСКА САКА ДА ГО СРУШИ ВУЧИЌ ЗАТОА…

Претседателката на српскиот парламент, Ана Брнабиќ, денеска…

ВИСАТ ВО ВОЗДУХ НОВИТЕ АРМИСКИ ХЕЛИКОПТЕРИ ОД…

Техничкиот аранжман за набавка на 8 армиски…

Двајца осудени за 27 април побарале помилување

Дел од обвинетите за организирањето на упадот…

Касами со албанско знаме го пречека таткото…

Градоначалникот на Тетово Билал Касами Денес во…