Објавено на:

Иако нè кодошат, не се повлекуваме од одлуката за реотворање на рудникот за антимон!

t

Владата нема да се повлече од одлуката за повторно отворање на рудникот за антимон Крстов Дол во близина на кривопаланечко Луке. Премиерот Христијан Мицкоски смета дека отворањето на рудници е значајно за иднината на економијата во услови на глобални кризи, како што е на пример, тековнава. Тој вели дека критиките што се посочуваат во јавноста преку медиумите кои ги именува како „структури во општеството што бараат сите рудници да се затворат“, нема да ја поколебаат Владата.

– Тие структури бараат да се затворат сите, па и оние рудници што ги исполнуваат еколошките стандарди. На тој начин, сакаат да ја банкротираат државата за да добијат грант повеќе. Гледам реакција за стратешкиот рудник за антимон, кој е светски конкурентен. Ја критикуваат и ја кодошат државата и оваа Влада, но овој пат мислам дека ќе налетаат на тврд орев. Нема да се повлечеме, ако сакаме да имаме држава, тоа е иднината – истакна Мицкоски.

Инаку, антимонот е редок и стратешки важен метал кој има широка примена – од батерии и електроника до одбранбената индустрија. Токму поради неговата ограничена достапност и големата побарувачка, тој се смета за една од критичните суровини во светот.

Достапните геолошки податоци покажуваат дека во источниот дел на Македонија се проценува дека има неколку десетици илјади тони резерви на антимон, со значаен потенцијал за дополнителни истражувања и експлоатација. Токму поради тоа, во Вашингтон беше потпишан договор за финансиска поддршка во износ од пет милиони долари за истражување критични минерали во Македонија, вклучително и за рудникот Крстов Дол, со цел експлоатација на антимон од страна на американска компанија. Намерата е, како што беше образложено „Македонија да се позиционира како значаен светски снабдувач на антимон и е шанса за отворање нови работни места и зголемен прилив на девизи“. Премиерот истакна дека инвеститорот од САД ќе изгради топилница во Оклахома, каде што ќе ја преработува рудата што ќе се извезува од Македонија.

Ова решение предизвика сериозни реакции кај граѓаните и дел од експертската јавност. На социјалните мрежи, под хаштагот #НеПродaвајРуди, граѓаните повикуваат на јавна дебата и транспарентност затоа што сметаат дека „нашата земја не е трговски пазар за странски фирми“.

Штипскиот универзитет во своја научна студија анализирајќи ја мобилноста на арсен и антимон во нашата земја, укажува дека водите околу Крстов Дол се умерено алкални, но со влез на елементи од рударските и преработувачките активности. Во анализата се нотира дека неколку водни примероци ги надминуваат „скрининг“ вредностите и препораките за водата за пиење, а концентрациите на антимон остануваат покачени сè додека потокот не се влее во поголема река. Исто така, во студијата се укажува и на зголемени концентрации во седиментите неколку километри низводно, како последица на влијание од талинг-јаловиштето на рудникот, кој престана со експлоатација од 1981 година. Авторите на студијата посочуваат на претпазливост сметајќи дека „во вакви алкални услови, арсенот и антимонот можат да останат растворени и да се пренесуваат на подолги растојанија“. Експертите нагласуваат дека ваквата студија е само лекција што владата треба да ја прочита пред повторно да дозволи ископ и преработка на антимон.

Инаку, истражувањето ѝ е доверено на австралиската компанија „Пела глобал лимитед“, чиј извршен директор е Николче Јовановски и која е веќе инсталирана кај нас, во бизнисот со наоѓање злато, сребро и антимон во Македонија и во енергетиката. На веб-страницата на „Пела глобал лимитед“ стои дека стратегија на оваа компанија е унапредувањето и развојот на проектот за рестартирање на рудникот за кристалот антимон во Крстов Дол, кај Крива Паланка и проектот за пронаоѓање злато кај кривопаланечко Луке.

– Луке КП лежи во рамките на српско-македонскиот масив, клучна геолошка карактеристика на Балканскиот Полуостров што се преклопува со тетискиот металоген појас – глобално значајна зона позната по тоа што содржи минерални наоѓалишта од светска класа. Овој регион се протега низ Србија, Северна Македонија, Косово и Албанија и е познат по своите разновидни карпести формации и значителен минерален потенцијал. Во рамките на масивот, различни тектонски единици, како што се скопската зона и Пчиња-тополничката зона, покажуваат уникатни структурни и литолошки карактеристики кои се совпаѓаат со трендовите на минерализација забележани во тетискиот појас. Овие поволни геолошки услови го позиционираа проектот Луке КП како ветувачка можност за истражување и развој во рамките на еден од најперспективните металогени појаси во светот – пишува на веб-страницата на компанијата.

Рудникот Крстов Дол беше затворен во 1981 година поради ниските цени на антимонот, што сега не е случај. Иако претходно биле ископани од утробата на земјата приближно 50.000 тони руда, во извештајот се наведува дека има ресурс од 2.916.000 тони, заедно со неистражените паралелни структури во кои се присутни и злато, цинк, олово и бакар.

Солиден пораст на индустриското производство

Коментирајќи ги статистичките податоци за прометот во индустријата, премиерот Христијан Мицкоски рече дека на порастот на индустриското производство, освен слабата активност на рудниците, влијае и стабилизацијата на производството на електрична енергија. Тој го оцени како солиден порастот на прометот во индустријата во услови глобалните предизвици, нагласувајќи дека економијата веќе шест квартали има пораст кој се вбројува меѓу највисоките во Европа.

– Имајќи ги предвид состојбата во светот и состојбата во Европа, ценам дека порастот во прометот во индустријата и дома и надвор е солиден. И ние сме единствена земја што има таков пораст во регионот, друга нема таков пораст. Често пати кога коментираме, мора да правиме споредби. Оваа Влада, шест квартали по ред има просечен пораст на бруто-домашен производ од 3,5 % и тоа во услови кога порастот во ЕУ е под 1 %. Некој ќе каже, имало периоди кога по растот бил и 5,5 % и 6 %, но да, тогаш и порастот во рамките на Европската Унија бил идентичен 5,5 % и 6 %. Сега имаме повеќе од 3,5 пати поголем пораст од оној просечниот што е во ЕУ, што за нас е инспирација дека добро ги тераме работите. Сега, не велам одлично, секогаш може подобро, но сега засега имајќи ја предвид глобалната ситуација – рече Мицкоски.

Државниот завод за статистика објави дека прометот во индустријата е вкупно зголемен за 1,6 % во февруари годинава во однос на февруари минатата година. На домашниот пазар, во февруари годинава, во однос на февруари минатата година, прометот во индустријата е со пораст од 0,8 %, а во периодот од јануари до февруари годинава во однос на периодот од јануари до февруари минатата година, со опаѓање од 2,4 %. На странските пазари, пак, во февруари годинава во однос на февруари минатата година, прометот во индустријата бележи пораст од 2,2 %, а во периодот јануари – февруари годинава во однос на периодот јануари – февруари минатата година бележи опаѓање од 4,1%.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Иако нè кодошат, не се повлекуваме од…

Владата нема да се повлече од одлуката…

Трамп му забрани на Израел да го…

Израел сè уште не ја „завршил работата“…

ВМРО-ДПМНЕ: Им кажа ли Филипче на сестринските…

Добро е што Венко Филипче од Блиски…

(Видео) Филипче: Новиот закон за високо образование…

Новиот закон за високо образование е мафијашки…

(Видео) Брза реакција на припадник на АРМ,…

Припадник на Армијата со брза и пожртвувана…