Израелска стратегија во Газа – „предај се или гладувај“
Последната инвазија на израелската војска во Џабалија во северниот дел на Газа не можеше да биде покатастрофална за населението, кое веќе мораше ги истрпи бомбардирањата и потешкотиите од војната меѓу Израел и Хамас, која веќе наврши една година.
„Опасно е тука. Никој не може да се движи. Ризично е и не е безбедно. Бараа да заминеме, но немавме време за тоа. Одеднаш областа беше опколена и нападната“, по телефон раскажува Мохамед, кој не сакаше да го наведе своето презиме.
Пред речиси две недели, израелските одбранбени сили започнаа нова копнена офанзива во бегалскиот камп Џабалија во северниот дел на Газа и наредија луѓето да ја напуштат областа – по којзнае кој пат. Од израелската војска велат дека разузнавачките служби утврдиле напори на Хамас, милитантната група која управува со енклавата, да се реетаблира и прегрупира во нападнатата област.
Палестинското население и ООН стравуваат оти најновата инвазија е дел од поширока имплементација на стратегијата „предај се, или гладувај“ од страна на Израел за насилно иселување на жителите и блокада на северот на Газа. Израел ги негира таквите обвинувања.
„Се чини дека израелската војска целосно ја отцепува Северна Газа од остатокот од Појасот“, се вели во соопштение на Канцеларијата за човекови права на ОН.
Мохамед (41) вели дека неговата сопруга и трите деца биле во посета на роднини во градот Газа, кога израелската војска влегла со тенкови во Џабалија, а воздушните напади биле интензивирани. Тој им рекол да останат таму.
„Се држиме со соседите и делиме тоа што ни е преостанато од вода и храна и не знаеме уште колку ќе трае“, вели тој.
Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања проценува дека 50 илјади лица биле раселени од Џабалија во текот на изминатите две недели, додека други се и натаму блокирани во своите домови поради тешките борби што се одвиваат во околината. Според канцеларијата, околу 84 отсто од територијата е погодена од „наредбата за евакуација“ од страна на израелската војска.
Ситуацијата во северниот дел на Газа е „застрашувачка“
На почетокот на месецов, израелската војска објави мапа на која се прикажани новите наредби за евакуација во неколку области во Појасот Газа, вклучително и Беит Ханун, Џабалија и Беит Лахија во северниот дел на Газа. Од жителите беше побарано под итно да заминат преку Салах ал-Дин, главниот пат од север кон југ, во правец на „хуманитарната зона“, која всушност е пренаселена област во јужниот дел на Газа без основни услови, а исто така во минатото беше мета на напади од Израел.
Но, многумина се уморни од раселувањето и се чини дека засолниште бараат во северниот дел на Газа, и тоа во услови на зголемено бомбардирање и борби. Аја Тафик, медицинска сестра волонтер, заедно со нејзините браќа, сестри и татко избегала од Џабалија во околното место Шеик Радван во северниот дел на градот Газа.
„Не сакаме да одиме на југ“, вели Тафик за ДВ преку СМС порака додавајќи дека таму „условите се сурови. Не сакаме да живееме во шатор, а има и бомбардирања и смрт“.
Таа ситуацијата во Џабалија ја опишува како „застрашувачка“ бидејќи борбите сега се одвиваат поблиску до местото каде што сега престојува нејзиното семејство.
„Ние сега живееме во куќа близу новата област за евакуација. Го слушаме звукот на експлозии, на тенкови и на дронови кои летаат над нас. Не знаеме дали ќе може да останеме тука или не“, вели Тафик, додавајќи дека луѓето постојано се во движење во потрага по безбедно место.
Страв дека никогаш нема да им се дозволи враќање дома
Од итната помош во Газа велат дека не можат да се движат низ областите со тешки борби и повиците за помош мора да останат неодговорени. „Голем ризик е за безбедноста на болничарите и цивилната одбрана да се доближуваат до овие области“, вели Фарес Афана, шеф на брзата помош во Северна Газа.
„Има голем број повредени, а има и мртви тела по улиците“, додава тој.
Од ОН проценуваат дека најмалку 400 илјади луѓе и натаму се во северниот дел на Газа, вклучувајќи го и градот Газа, најголемиот на територијата. Оние кои и покрај повеќе наредби од војската да се напушти северот сепак остануваат таму, тоа го прават од различни причини. Некои се грижат за постарите или болни роднини. Други едноставно одбиваат да бидат откорнати од нивната родна почва, или се чувствуваат небезбедно да одат било каде заради постојаната закана од воздушни напади. Многу семејства пак, се разделени и на различни места во Појасот.
Мохамед и Аја Тафик стравуваат дека можеби никогаш нема да им биде дозволено да се вратат дома во северна Газа. Малата територија сега ја дели коридорот Незарим, нов пат кој е под контрола на израелската војска и се протега од исток кон запад во централна Газа. Жителите велат дека патот речиси го оневозможува враќањето на север.
Министерството за внатрешни работи на Газа, управувано од Хамас, им наложи на цивилите да го игнорираат повикот за преселба во други области на северот и да избегнуваат упатување кон југ. Израелската војска во изјава од почетокот на неделава тврди дека милитантите на Хамас активно спречувале некои луѓе да заминат од северот.
Каква е израелската стратегија „предај се или гладувај“?
Најновите потези на израелската војска и наредбата за евакуација меѓу Палестинците, медиумите и хуманитарните организации предизвикаа шпекулации дека израелската влада во северниот дел на Газа постепено ја спроведува стратегијата „предавање или глад“, позната и како „Планот на генералот“.
Планот бил предложен од група пензионирани високи офицери предводени од пензионираниот генерал-мајор Џора Ајланд, поранешен советник за национална безбедност. Според израелските медиуми, во израелскиот кабинет неодамна се разговарало за неколку опции, но не е познато дали некоја од нив е усвоена.
Според наводите, стратегијата има за цел да ги принуди Хамас и нејзиниот лидер Јахја Синвар да се предадат со тоа што ќе се врши притисок врз преостанатото население на северот. Израел одамна ги обвинува Хамас и други милитантни групи дека се кријат меѓу цивилното население. Според планот, на цивилите ќе им се наложи преку коридорите за евакуација да заминат во јужниот дел на Газа, а северниот дел ќе биде изолиран. Секој што ќе остане ќе се смета за непријателски борец и ќе има блокада на снабдувањето под целосна опсада.
Екстремната десница бара израелско населување на Газа
Израелскиот весник Харец близок до левото политичко крило, неделава објави дека високи претставници од одбраната посочиле оти политичкото раководство се залага за анексија на делови од Појасот Газа. Ова се случува во време на обновени повици на политичари и екстремно десничарски министри за преселување во Газа.
Групи од крајната десница најавија голем собир во претстојните денови за да се „тренира“ за доселување во Газа. Наспроти тоа, премиерот Бенјамин Нетанјаху постојано негира какви и да е планови да им се дозволи на израелските доселеници населување во Газа.
Иако е нејасно дали војската усвоила и спроведува некои компоненти од планот во актуелната инвазија, претставниците на ОН алармираат.
„Од 1 октомври израелските власти сè повеќе го отсекуваат северниот дел на Газа од снабдување со основни продукти“, вели во соопштение од неделата Муханад Хади, хуманитарен координатор за окупираната палестинска територија. Во соопштението понатаму се вели дека воените операции принудиле затворање на пекарници, медицински пунктови и засолништа, додека во „болниците се забележува прилив на лица со трауматски повреди“.
За луѓето како Тафик, најважно е да се преживее најновиот израелски упад. „Оваа инвазија е потешка од минатата“, вели Тафик.
„Веќе немаме енергија. Тотално сме исцрпени. Постојано се бориме да останеме живи и да не го изгубиме умот“, вели таа.
Извор: Дојче веле/ Автор: Тања Кремер
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Израелска стратегија во Газа – „предај се…
Последната инвазија на израелската војска во Џабалија…
Израелскиот министер за одбрана го нарече Макрон…
Израелскиот министер за одбрана, Јоав Галант, го…
Израелска армија во последните 24 часа погоди…
Израелската армија (ИДФ) објави дека во изминатите…
За Ердоган Израел е „ционистичката терористичка организација“
Претседателот на Турција, Реџеп Тајип Ердоган денеска…
Израел елиминираше разузнувач на Хезболах во Сирија
Израелската армија (ИДФ) денеска соопшти дека елиминирала…