Објавено на:

Израел ќе отстрани над 20 хуманитарни организации од Газа, вклучително и „Лекари без граници“

t

Израел во вторникот соопшти дека ќе суспендира повеќе од 20 хуманитарни организации, меѓу кои и „Лекари без граници“ бидејќи „не ги исполниле новите правила за проверка (ветинг) на меѓународните организации што работат во Појасот Газа,“ објави „Асосиејтед прес“.

Министерството за дијаспора соопшти дека организациите, кои од 1 јануари ќе се соочат со забрана, не ги исполниле новите услови за споделување информации за персоналот, финансирањето и операциите. Министерството ја обвини „Лекари без граници“, една од најголемите здравствени организации што дејствуваат во Газа, дека не разјаснила какви улоги имале одредени вработени за кои Израел тврди дека соработувале со Хамас и со други милитантни групи.

Меѓународните организации предупредија дека правилата на Израел се произволни и дека можат да ја загрозат безбедноста на персоналот. Министерството наведе дека околу 25 организации, односно 15 отсто од невладините организации, што работат во Газа, не добиле обновување на дозволите.

Израел и претходно, во 2024 година, ги обвини вработените во „Лекари без граници“ за вмешаност во воени активности во Газа. Тогаш организацијата соопшти дека никогаш свесно не би вработила луѓе кои учествуваат во воени дејства.

Меѓу другите големи организации чии дозволи не биле обновени се Норвешкиот совет за бегалци, КАРЕ Интернешнал, Меѓународниот спасувачки комитет, како и оддели на големи хуманитарни организации како „Оксфам“ и „Каритас“, според список објавен од Министерството.

Овие организации обезбедуваат различни социјални услуги, вклучувајќи дистрибуција на храна, здравствена заштита, услуги за лица со попреченост, образование и поддршка за менталното здравје.

Израел и меѓународните организации подолго време се во судир околу обемот на хуманитарната помош што влегува во Газа. Израел тврди дека ги почитува обврските за помош утврдени во најновиот прекин на огнот, кој стапи во сила на 10 октомври, но хуманитарните организации ги оспоруваат тие бројки и велат дека на разорената палестинска територија, со повеќе од два милиона жители, ѝ е очајно потребна поголема помош.

Израел годинава ја заостри постапката за регистрација на хуманитарните организации, воведувајќи обврска тие да достават детални податоци за персоналот, вклучително и за палестинските вработени во Газа. Дел од организациите одбиле да ги достават тие списоци, наведувајќи страв дека нивните локални вработени би можеле да бидат изложени на ризик.

Според нив, одлуката на Израел да не ги обнови дозволите ќе доведе до затворање на канцелариите во Израел и во Источен Ерусалим и ќе ја оневозможи испораката на меѓународен персонал и хуманитарна помош во Газа, во момент кога потребите на теренот остануваат огромни.

Израелските власти, пак, тврдат дека мерките се неопходни за да се спречи злоупотреба на хуманитарната помош од страна на Хамас и дека хуманитарната поддршка ќе продолжи преку организации кои ги исполнуваат новите услови.

Истовремено, невладините организации предупредуваат дека Израел не дал јасни гаранции дека собраните податоци нема да се користат за воени или за разузнавачки цели, што, според нив, ги нарушува основните хуманитарни принципи на неутралност и независност.

Тие велат дека предложиле алтернативни механизми за проверка, но дека властите одбиле дијалог, додека тензиите околу улогата на меѓународните организации во Газа продолжуваат.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Израел ќе отстрани над 20 хуманитарни организации…

Израел во вторникот соопшти дека ќе суспендира…

Пезешкијан: Иран е во тотална војна со…

Во интервју објавено од иранските државни медиуми,…

Кац: Израел никогаш нема целосно да се…

„Ќе има значајна безбедносна зона во рамките…

СЗО: Над 1.000 пациенти починаа чекајќи евакуација…

Повеќе од 1.000 пациенти починаа во претходната…

Израелскиот претседател ја повика Австралија да се…

Израелскиот претседател Исак Херцог ја повика австралиската…