Истражување на Евробарометар: 70 проценти од македонските граѓани сакаат Македонија да стане членка на ЕУ
Вкупно 70 отсто од македонските граѓани го подржуваат членството на Македонија во Европската Унија, при што од зачленувањето очекуваат придобивки како што се отворени граници, слободна трговија и подобар квалитет на животот, покажуваат резултатите од најновото истражување на Евробарометар посветено на процесот на проширување на ЕУ.
На прашањето „Кога сметаат дека Северна Македонија ќе стане земја членка на ЕУ“, 27 отсто одговориле „во следните пет години“, 35 проценти „за пет до 15 години“, а 16 отсто дека „ќе бидат потребни повеќе од 15 години, но ќе се стане“. Ист толкав процент, 16, сметаат дека „државата никогаш нема да стане земја членка на ЕУ“, а шест отсто изјавиле дека не знаат.
Кога станува збор за ставот кон ЕУ, 23 проценти од граѓаните на земјава имаат „многу позитивна“ слика за Унијата, 42 отсто „прилично позитивна“, 20 проценти „неутрална“, 10 отсто „негативна“, а четири проценти „многу негативна“. Еден процент од анкетираните немаат став.
Дури 90 отсто од анкетираните изјавиле дека „се добро“ или „делумно“ информирани за процесот на интеграција на државата во ЕУ, а 70 проценти дека членството во ЕУ би донело повеќе придобивки отколку недостатоци за земјата.
Како придобивки од членството во ЕУ, 48 отсто од македонските граѓани ги сметаат отворените граници и можноста за да се патува во другите земји од Унијата без визи, 43 проценти слободната трговија и бесцаринската зона, а 42 проценти поквалитетниот живот и повисокиот животен стандард.
За 44 отсто од граѓаните на земјава најголема загриженост во врска со членството во ЕУ предизвикува одливот на млади и миграцијата, за 20 проценти зголемувањето на бирократија, а за 17 отсто преголемиот број европски регулативи и ограничувањето на националната слобода.
Главна пречка за пристапувањето на земјава кон ЕУ според 41 отсто од анкетираните македонски државјани е „широко распространетата корупција“, за 38 проценти „недостигот на владеењето на правото и неадекватното судство“, а за 37 отсто „несогласувањето на одредени земји членки“.
Според истражувањето, 51 отсто од македонските државјани сметаат дека поддршка за економскиот развој на државата би придонел за понаклонет став на граѓаните кон ЕУ, а по 45 проценти оценуваат дека најголем придонес за тоа би имале поддршката за побрз процес на интеграција на државата во Унијата и поддршката на напорите за намалување на корупцијата.
Кога станува збор за тоа во кои сфери ЕУ треба да игра поголема улога во пружањето поддршка на земјава, 39 отсто од граѓаните сметаат дека тоа треба да се економскиот развој и трговијата, 32 проценти – здравството, а 24 отсто – поддршката на младите.
Доверба кон ЕУ, според Евробарометар, изразуваат 75 отсто од македонските граѓани, што е пониска од довербата кон Светската Банка и ММФ кои изнесуваат 79, односно 76 проценти, но повисока од довербата кон НАТО, која е 73 отсто.
Во однос на финансиска поддршка од ЕУ за земјава, 93 отсто од анкетираните изјавиле дека се свесни за неа, 85 проценти сметаат дека таа поддршката е „голема или умерена“, 46 отсто оценуваат дека Унијата пружа „најзначајна финансиска поддршка на државата“, а 53 проценти дека таа поддршката е ефективна.
Во извештајот од истражувањето на Евробарометар се посочува дека во државите кандидати за членство генерално преовладува голем ентузијазам за пристапување во ЕУ, но тој во исто време е под влијание на специфични економски и геополитички проблеми на секоја земја.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Истражување на Евробарометар: 70 проценти од македонските…
Вкупно 70 отсто од македонските граѓани го…
Лукашенко: Минск ќе продолжи да ја поддржува…
Претседателите на Русија и Белорусија, Владимир Путин…
Желјазков: Нема причина да се истражува ситуацијата…
Нема причина да се истражува ситуацијата со…
Драган Анастасов е кандидат за градоначалник на…
Драган Анастасов - Ладич, актуелен Градоначалник на…
Пензионер се здобил со тешки повреди откако…
Скопската полиција извести дека вчера е пријавено…