Како Испитниот центар во Струмица од бизнис на Заев, стана бизнис на Мицкоски?

t

Испитниот центар во Струмица е контроверзна тема и за време на претходната власт на СДСМ и Зоран Заев, меѓутоа и денес, кога се повеќе се поврзува токму со ВМРО-ДПМНЕ и најблиските роднини и соработници на премиерот Мицкоски.

ИСПИТЕН ЦЕНТАР СТРУМИЦА

Испитниот центар Струмица добива лиценца за полагање на возачки испити од страна на МВР во август 2018 година, по деветмесечна пауза за полагање на возачки испити во регионот поради одземена лиценца за работа на претходната копманија која ја вршела оваа дејснот, АС СТРУМЕКС.

Во 2017 година МВР по теренски проверки утврдува дека АС СТРУМЕКС нема полигон во Валандово, што е еден од условите за да ја добие лиценцата, по што добива забрана. Во регионот девет месеци имало пауза, односно не се полагале возачки испити. Откако Испитен центар Струмица, тогаш во сопственост на Стојан Иванов, ја добива лиценцата за работа, во јавноста има бурни реакции, пред се од страна на ВМРО-ДПМНЕ, од каде реагираат дека школски другар на Заев ќе прави милиони благодарение на МВР.

Иванов потоа ги добил под закуп и бифеата во Владата, неколку министерства и државни институции.

Испитниот центар Струмица инаку е профитабилен бизнис, за кој новите сопственици не вложиле речиси ништо во споредба со претходниот сопственик.

Финансиските податоци покажуваат дека се работи за милионски бизнис, особено поради фактот дека законското решение предвидува по еден испитен центар за еден регион со што се ствараат и природни монополи во оваа дејност.

ЛИЦЕНЦА ЗА ИСПИТЕН ЦЕНТАР

Испитните центри и возачките дозволи се предмет на уредување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Лиценца за испитен центар се издава за секој плански регион одделно и има важност од пет години. Во тие години избраната фирма практично добива монопол бидејќи не може да има повеќе од еден испитен центар во еден плански регион.

Согласно Законот, Работите на организирање и спроведување на возачкиот испит за кандидат за возач, ги врши правно лице по добивање лиценца за испитен центар од Министерството за внатрешни работи, за временски период од пет години. Лиценцата Министерството за внатрешни работи ја издава доколку правното лице ги исполнува условите од членот 244 став (1) од овој закон. По издавањето на лиценцата Министерството за внатрешни работи го запишува испитниот центар во Регистарот на испитни центри во ова министерство.

Постапката за добивање на лиценца се спроведува врз основа на јавен конкурс кој го распишува Министерството за внатрешни работи, додека самата лиценца има важност од пет години.

НОВА СОПСТВЕНИЧКА СТРУКТУРА

Испитниот центар Струмица функционира и денес, но со различна сопственичка структура. Кратко по доаѓањето на власт на ВМРО-ДПМНЕ, Испитниот центар Струмица станува сопственост на ПЛУС ИНВЕСТ ДООЕЛ. Поточно, сопственоста која до тој момент е на Стојан Иванов, на 04.07.2025 година се префрла кај ПЛУС ИНВЕСТ.

Стојан Иванов, согласно јавно достапните податоци, се води како активен претставник, раководител и управител, меѓутоа му се придружуваат уште неколку лица. Најпрво, Златко Димитровски, познат како шоферот (а подоцна ќе видите чиј шофер), кој е сопственик на ПЛУС ИНВЕСТ. Димитровски во Испитен центар Струмица е прокурист, а дополнително како управител се јавува и Павле Василев.

ПЛУС ИНВЕСТ И ЗЛАТКО ДИМИТРОВСКИ

Плус инвест е компанија основана на 11.5.2022, основач и сопственик е Златко Димитровски. Основната дејност на компанијата е заведена под шифра 42.99 – Изградба на други објекти од нискоградба. Компанијата е класифицирана како мал бизнис според критериумите дефинирани со Законот за сметководство.

Компанијата брои вкупно двајца вработени, додека просечната бруто плата по вработен е 38.405,83 месечно.

Златко Димитровски инаку важи за еден од најблиските соработници на Јорданчо Јанев – Дано, баџанакот на премиерот Мицкоски и сопственик на ДАНО ТРАНС, компанија која се занимава со транспорт. Оттука и Димитровски е познат како шоферот, поточно шоферот на Дано кој му е десна рака и човек од доверба.

ПАВЛЕ ВАСИЛЕВ

Павле Василев станува управител по промената на сопственичката структура на Испитен центар Струмица, односно откако компанијата ПЛУС ИНВЕСТ на Златко Димитровски го купува испитниот центар.

Василев исто така важи за близок и соработник на Јорданчо Јанев, истиот е и донатор на ВМРО-ДПМНЕ. Во 2025 година е заведена донација направена на 07.02.2025 година во износ од 200.000 денари. На истиот датум и иста сума донираат и Јорданчо Јанев и Дончо Карастоев, прв братучед на Јанев кој ќе биде споменат во понатамошните текстови на темата.

ВРСКА МИЦКОСКИ-ЗАЕВ?

Иванов е човекот кој цела Македонија го знае како школскиот на Заев, ВМРО-ДПМНЕ во повеќе наврати имаат реагирано дека истиот има привилегии поради блиските релации со поранешниот премиер. Од друга страна пак, новата сопственичка структура на Испитен центар Струмица е во релација со ВМРО-ДПМНЕ. Сопственикот и управителот се блиски со Јорданчо Јанев, кој е баџанак на Мицкоски. Управителот и Јанев се донатори на ВМР0-ДПМНЕ, што е видливо од финансиските извештаи на партијата и на Државниот завод за ревизија.

Сложни калуѓери и во петок мрсат, а кога милиони се во прашање не постојат ниту политичко ниту лично непријателство.

Тие ќе ја јадат „баклавата“, вие ќе ја миете тепсијата, ако ви се посреќи може и ќе каснете некоја трошка…

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Како Испитниот центар во Струмица од бизнис…

Испитниот центар во Струмица е контроверзна тема…

Герасимовски: Центар е лидер во дигитализација

„Инвестираме во дигитализација за да ги направиме…

Расчистен случајот во кој четворица малолетници насилно…

На 06.11.2025 во Полициската станица Струмица 42-годишен…

Герасимовски на средба со противкандидатките Ивановска и…

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, денеска…

Кривична пријава против поранешен директор на јавно…

Кривична пријава против поранешен директор на јавно…