Ковачевски: Повторно ќе бидам премиер, СДСМ ќе победи на изборите

t

Претседателот на СДСМ и доскорешен премиер, Димитар Ковачевски одговара на прашања од „Слободен печат“ за подготовките за парламентарните и претседателските избори, за можноста за коалиција со партии и независни кандидати, како и за очекувањата, како што вели, СДСМ и проевропската коалиција да имаат многу повеќе пратенички места од потребните за формирање влада.

Постигнавте ли во партијата согласност за претседателски кандидат и дали тој ќе биде само на СДСМ и коалицијата или заеднички со владините партнери?

Како државотворна партија, СДСМ со изборот на кандидатот за претседател на државата ќе одговори на потребите на граѓаните и на татковината. Чесен, широко прифатен од граѓаните, близок со народот, кој ги споделува прогресивните вредности на демократското општество, со визија за европска иднина. Човек кој ќе биде претставник на сите наши граѓани без разлика на етничка, политичка, верска или каква било припадност. Тоа е профилот на кандидатот на СДСМ и тоа е профилот на победничкиот кандидат на идниот претседател на државата. Постапката за утврдување кандидат досега се одвива во рамки на партијата на едно исклучително високо демократско ниво. Задоволен сум од тоа што освен степенот на демократија во рамки на процедура имаме повеќе предлози, одговорни личности, со кредибилитет, со високи морални норми. Очекувам на крајот на овој месец да финишира оваа постапка, а потоа и да го објавиме пред граѓаните и да ја побараме нивната поддршка. Две работи се сигурни. Кандидатот ќе ја има најшироката поддршка од политичките партии и граѓанските организации, поединци и секако од граѓаните. Тоа ќе биде идниот претседател на државата кој во следниот мандат заедно со проевропските сили, со проевропската влада, со мене како иден премиер ќе работи на полноправно членство во ЕУ. На тој начин ќе го продолжиме и ќе го засилиме напредокот на државата, на економски план, но и на патот до полноправно членство во Унијата до 2030 година. Затоа што членството во ЕУ значи поголеми плати, нови и подобро платени работни места, поголеми пензии, инвестиции, силна економија, значи европски стандарди на живот.

Министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска кажа дека актуелниот претседател Стево Пендаровски повторно ги исполнува условите за кандидат за претседател, а претходно и Вие имавте слична изјава кога го портретиравте кандидатот на СДСМ. Дали тоа значи дека Пендаровски ќе биде повторно кандидат?

Во неколку наврати имам споменато дека претседателот Стево Пендаровски успешно го извршуваше својот мандат во изминатите 5 години. Тој беше поддржан од повеќе партии, ги обединуваше сите етнички заедници и демократски принципи и затоа беше натпартиски, консензуален кандидат. Пендаровски е европски политичар, поддржувач на евроинтеграциите на Македонија, на членството во НАТО. Имајќи го ова превид, секако дека се вклопува во профилот за којшто говориме. Сепак, кој ќе биде кандидат на СДСМ за претседателските избори ќе објавиме наскоро по завршување на целата постапка.

До каде се преговорите со коалициските партнери за ова прашање и што ако, во претпоставена ситуација, одите со кандидат на СДСМ, очекувате ли поддршка во вториот круг од партиите на Албанците, посебно од опозициските партии или мислите дека може да се свртат кон ВМРО-ДПМНЕ и нивниот кандидат?

Поаѓам секогаш од интересот на граѓаните и на државата. Ако ги споредиме потребите на граѓаните и понудата на политичката сцена мислам дека лесно може да дојдеме до одговорите. На македонската политичка сцена јасно се профилирани два политички блока. Едниот, предводен од СДСМ, којшто иднината на земјата ја гледа интегрирана во ЕУ. Политички блок кој освен визијата за иднината ги исполнува ветувањата, ги зголемува платите и пензиите, ги враќа парите кај граѓаните и ја развива економијата да има повеќе за сите. Фактите и бројките тоа го покажуваат. Факт е дека во владеење на СДСМ земјата стана членка на НАТО, а во мојот мандат како премиер по 17 години чекање ги отпочна и преговорите со ЕУ. Факт е дека го реализиравме и го надминавме изборното ветување од 500 евра просечна плата. Во 2017 година просечната плата беше 360 евра, денес ние успеавме да ја зголемиме и изнесува 630 евра. Имаме воедно и рекордна минимална плата од над 22.500 денари колку што ќе биде со следното усогласување, а минималната плата во времето на владите на ВМРО-ДПМНЕ беше 8.000 денари. Значи над 130% повеќе. Имаме и историско ниво на пензии – просечната пензија е околу 20.000 денари, минималната е 13.000 денари, зголемени за 50% во споредба со времето на ВМРО-ДПМНЕ. Платите во ТИРЗ зоните пак веќе се над 1.000 евра.
Факт е дека обезбедивме најголема помош во време на криза од 2,6 милијарди евра. Никој не беше оставен сам. Со антикризните мерки најранливите и пензионерите добиваат финансиска поддршка, тоа беше случај и минатата зима и оваа, струјата ја субвенциониравме и до 90% за над 600.000 домаќинства и над 70.000 мали потрошувачи. Парното е субвенционирано исто како дел од антикризните мерки. Факт е и дека денес имаме невработеност под 13% за разлика од 2016 кога беше над 24%. Само во една година имаме зголемена вработеност и нови 10.000 вработени во државата. Факт е дека сега имаме највисоко ниво на странски директни инвестиции од 754 милиони евра, речиси двојно повеќе странски директни инвестиции од 2016 година. До 2017 година имаше нула поддржани домашни компании од државата. За 6 години, владата предводена од СДСМ со 100 милиони евра државни пари, поддржа 919 домашни компании кои со тие пари реализираа 500 милиони евра инвестиции. Факт е и дека енергетската трансформација започна во мојот мандат. До 2016 година, имаше инсталирано вкупно 16 мегавати обновливи извори на енергија. Од јануари 2022 до крајот на мојот прв мандат издадени се над 600 лиценци за централи за обновливи извори на енергија. Денес имаме инсталиран капацитет од 600 мегавати обновливи извори на енергија со која се снабдуваат 166.000 семејства. Со овој тип на политики ја вративме евтината тарифа на електрична енергија од 13 до 15 часот со што домаќинствата заштедуваат и до 1.000 денари месечно. Тоа се видливи и мерливи економски показатели.
Вториот блок е антиевропскиот предводен од ВМРО-ДПМНЕ. Со политиките на тој блок до 2017 година Македонија беше заробена држава, изолирана, со уназадена демократија, далеку од ЕУ и НАТО. Земја која беше на 138 место во светот по слобода на медиуми исто како што беше на дното на листите за сите показатели во однос на владеење на правото. Земја во која наместо кај граѓаните, парите одеа во стиропор кој денес се распаѓа, работникот беше потценет, третиран и продаван во светот како евтина работна сила. За жал, ние гледаме дека до денес ништо не е променето во ВМРО-ДПМНЕ, тоа е истата партија која се нема поместено ниту милиметар од она што граѓаните го паметат во нивното 11-годишно владеење. Доволно е да се навратиме само во изминатите 2 години. Спроведуваа активна блокада во македонското Собрание и блокираа помош за граѓаните во време на криза. Го блокираат европскиот пат, а не кажуваат која е алтернативата. Велеа дека ќе се случела асимилација и бугаризација, а ниту излегоа пред граѓаните да им се извинат за лагите, ниту пак гласаа за договорот Фронтекс со којшто македонскиот јазик го етаблиравме во ЕУ. Немаа и сè уште немаат став за ниту едно важно прашање. Светски феномени по немање став. Партија која во 21 век сè уште говори за хорор, влечење за коси, која јавно кажува дека со нив нема ЕУ ниту за 100 години. Доволно е да погледне во каква очајна состојба го доведоа главниот град Скопје, да се види дека градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ немаат реализирано ниту еден проект за 2 години и тој е заклучокот. Сè е исто во белиот дворец, тоа е истата антиевропска матрица.
Овие два блока, овие два политички концепта ќе се судрат и на изборите оваа година. Тоа ќе биде понудата пред граѓаните и на претседателските и на парламентарните избори. Затоа кога говориме за коалиции, треба да ги гледаме низ призмата на вредностите кои ги застапуваат и низ призма на резултатите коишто ги испорачуваат кога граѓаните им ја дале довербата. Оттука, коалицискиот капацитет на СДСМ сметам дека е најголем и очекувам силна поддршка. Овие избори и претседателски и парламентарни се можност за окрупнување и здружување на сите прогресивни политички партии и победа на проевропскиот фронт. Победа којашто ќе значи продолжување на политиките за поголеми плати, пензии, враќање на парите кај граѓаните, економски напредок и победа којашто ќе значи членство во ЕУ до 2030 година. Гласот за СДСМ е глас за европска иднина на државата и подобар живот за граѓаните.

Во однос на парламентарните избори, ќе оди ли СДСМ со сопствени или со заеднички листи, поточно во предизборна коалиција со ДУИ и дали по случувањата во Алијанса европскиот фронт ќе се сведе само на СДСМ и коалициските партнери, бидејќи ни ДУИ сè уште не се изјаснила дали на парламентарните избори ќе оди во европскиот фронт?

Ние и сега сме во коалиција со партиите кои се за продолжување на европските интеграции на државата и подобрување на животниот стандард на граѓаните. Тој европски фронт функционира во македонското Собрание. Ако забележувате секогаш зборувам за суштината, а не за формата. Изборниот настап е одлука на органите на партиите, дали ќе се оди на заеднички листи, дали на листи коишто претставуваат традиционални коалиции, на коалициски партнери, сè тоа ќе биде одлука на партиите. Но, на крајот политичката понуда се сведува на два блока од кои едниот ќе биде проевропски, другиот антиевропски. Едниот за напред, другиот за враќање во ходниците на црното минато. Едниот за поголеми плати и пензии и повеќе пари кај граѓаните, другиот за третирање на работниците како евтина работна рака. Сè е поврзано. Кога работиме за членство во ЕУ ние работиме за подобрување на животниот стандард на сите наши граѓани, на европски стандарди за живот. Нашите граѓани многу добро знаат дека натамошно блокирање или прекин на преговорите со ЕУ значи намалување на економскиот раст и платите, зголемување на инфлацијата, загрозување на стратешките интереси и нарушување на меѓуетничката кохезија. ВМРО-ДПМНЕ нема план, ниту политичка волја за продолжување на евроинтеграциите, а тоа значи дека немаат план за иднината. Со нив нема економски раст, нема зголемување на платите. Тоа изборот пред граѓаните и затоа сум убеден во победа на европскиот фронт без разлика на формата.

Колку пратенички места планирате да освоите, со оглед дека не стоите баш сјајно во повеќето од анкетите, а вие тврдите дека ќе повторно ќе бидете премиер?

Точно така. Јас ќе бидам повторно премиер и проевропската влада која ќе ја предводам ќе биде онаа влада која ќе обезбеди членство за земјата во ЕУ до 2030 година. За формирање на влада согласно важечките закони во земјата, потребно е мнозинство од 61 мандат, а СДСМ и проевропската коалиција ќе имаат и многу повеќе пратенички места, што ќе обезбеди и продолжување на европскиот пат, но и непречено спроведување на политиките кои ќе значат подобар живот за граѓаните. Погледнете што сè постигнавме изминативе години дури и во услови на активна блокада на Собранието од страна на опозицијата. Јас сум убеден дека во следниот мандат ќе постигнеме и многу повеќе и тоа ќе биде многу побрзо, за да можат граѓаните што поскоро да ги почувствуваат придобивките од евроинтеграцијата и правилните политики кои ги спроведува СДСМ.

Извор: Слободен печат

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Доколку не сака да заврши како СДСМ,…

Доколку не сака да заврши како СДСМ,…

(Видео) СДСМ: Учениците граматика ќе учеле од…

ДПМНЕ и министерката Јаневска по само два…

СДСМ: Мицкоски коленичи пред Гаши, ова е…

Малку требаше за Мицкоски да си ги…

Филипче до Гир: Се сомневам во намерите…

Претседателот на СДСМ, проф. д-р Венко Филипче,…

СДСМ: Гаши да одговора!

Откако не успеаја да го скријат скандалот…