Ковачевски: Прифатливи се сите услови на Мицкоски, дури и влада без ДУИ
Премиерот и претседател на Социјалдемократскиот сојуз, Димитар Ковачевски, вечерва пред состаноците на партиското раководството околу исходот од лидерската средба за уставните измени, порача дека има променет став на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за ова прашање и оти е најпозитивно тоа што се отвора простор конечно државата да ја оствари втората стратешка цел – членството во Европската унија.
Во СДСМ, по заседанието на Извршниот одбор, во тек е седница на Централниот одбор, за начинот и формата со кои понатаму ќе продолжат преговорите со опозициската ВМРО-ДПМНЕ, по новите околности на политичката сцена од завчерашната средба на лидерите на двете партии.
– Македонија ќе го продолжи евроинтеграцискиот пат преку усвојување на уставните амандмани, преку формирање на влада којашто ќе ги донесе, потоа ќе го доврши процесот на скрининг, ќе ги отвори поглавјата од првиот кластер, таа влада може и да затвори едно до две поглавја од првиот кластер и потоа таа влада, или техничка влада, меѓутоа сметам дека е подобро таа влада бидејќи таа ќе го има учеството на сите политички партии, да ги организира следните избори идната година и граѓаните да го кажат својот збор. Меѓутоа, според мене, она што е најпозитивно е што се отвора простор граѓаните конечно да ја остварат втората стратешка цел што ја имаме, а тоа е после членството во НАТО и зачленување во Европската унија, процес којшто сега е отворен за којшто има поддршка од сите земји членки на ЕУ, изјави Ковачевски пред состаноците во партијата.
Тој рече дека е за поздравување, како што наведе, тоа што има променет став на опозицијата во однос на претходниот- дека нема начин да поддржат измени на Уставот.
-Овие состаноци доаѓаат по лидерската средба на која што имаме променет став на опозицијата, каде што јасно на прес-конференција после лидерската средба претседателот на ВМРО-ДПМНЕ кажа дека за нив се прифатливи уставните измени што претходно не беа прифатливи и изгласување на уставни амандмани со кои деловите од бугарскиот народ ќе бидат дел од нашата Преамбула на Уставот.Тоа е нешто што е навистина нов став на ВМРО-ДПМНЕ во однос на претходниот што тие го имаа дека не постои никаков начин во кој тие би поддржале уставни измени и тоа е за поздравување, рече Ковачевски.
Како што наведе во тв-интервју во пресрет на состаноците, Ковачевски не се согласува со констатацијата дека барањата што ги изнел Мицкоски на лидерската се одбиени. Сите, вели тој, се прифатени, вклучително и влада без ДУИ.
-Сите предлози кои ги имаше ВМРО-ДПМНЕ се прифатени, па дури и предлогот што го имаа во однос на ДУИ прифатен од страна на ДУИ со нивно соопштение. Така што, сите барања се исполнети, посочи Ковачевски.
На констатацијата дека не е мала разликата во тоа што ДУИ вели оти е подготвена да не биде во Владата, но откако ќе бидат изгласани и уставните измени ќе стапат во сила, а условот на ВМРО-ДПМНЕ е да се гласаат уставните измени, но влегувањето во сила да биде одложено до влезот на земјава во ЕУ, премиерот е оптимист.
Тој вели дека со промената на ставот на опозициската партија, не постои најголемата разлика.
„Прво, најголема разлика, која веќе не постои, беше обвинувањето и реториката на ВМРО-ДПМНЕ дека се прави бугаризација, асимилација, дека се нарушува идентитетот итн. на македонскиот народ со внесувањето на деловите од бугарскиот народ во Преамбулата на нашиот Устав. Цела година, од почетокот на усвојувањето на францускиот предлог, беше таа реторика, за по лидерската средба сите да се уверат дека тоа веќе е променет став, кој е јавно искажан и уште еднаш на телевизиско интервју на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, со што веќе не постои – според ВМРО-ДПМНЕ, а никогаш не ни постоела таа опасност“, вели премиерот.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Мицкоски ги замолил Грција и Бугарија за…
Христијан Мицкоски барал безусловна поддршка од Грција…
Фала Мицкоски и Тошковски – Нов парк…
Во Радуша никнува нов парк, но не…
Мицкоски на средба со дијаспората во Њујорк
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски оствари средби…
Борисов: Со Мицкоски сме „сестри“, но и…
Со партијата на премиерот на Македонија, Христијан…
Агелер: Воодушевена сум што Мицкоски ќе користи…
Откако мандатарот Христијан Мицкоски изјави дека заклетвата…