Ленард Коен – великан на рокенролот и поезијата (втор дел)
Светски икони – мода, филм, музика, стил(11.1)
Ленард Коен – великан на рокенролот и поезијата(втор дел)
Рокенролот не е само правец во музиката. Тој пред се е состојба на духот и свеста. Може да биде во филмот, книжевноста, сликарството и политиката. Најдобар пример за тоа е Ленард Коен, чиј живот во секој момент се претвораше во рокенрол и поезија. За време на животот беше најголемиот поет помеѓу музичарите и ненадминатиот музичар помеѓу поетите, бард на светската поезија и гуру на алтер рок и поп музиката. Тоа, а и нешто повеќе, е и денес, шест години по неговата смрт. Великан на светската поезија и легенда на меланхоличната рок и поп музика. Ненадминат поет на љубовта, тагата и болката, квалитетниот романописец/текстописец, моќен композитор, љубопитен авантурист, тивок будистички свештеник, боем со блага душа и стил на современ данди во 21от век.
Од кога во 1992 година поблиску го запознав, преку неговите книги со поезија ‘’Силата на робовите’’, ‘’Што јас правам овде’’(избор 1956 – 1986) и преку албумот ‘’The Future’’(1992) со музичките нумери во него, ‘’The Future’’, ‘’Closing time’’ и ‘’Democracy’’, тој влезе во мојот живот, така да се рече со песни кои личат на молитви. Подоцна дојде и албумот насловен ‘’Десет нови песни’’. Доколку ги додадам од порано и легендарните, ако не и култни ‘’Suzanne’’, ‘’So long, Мarianne’’, ‘’Bird of the Wire’’, ‘’Hallelujah’’ и ‘’Dance me to the end of love’’, слободно можам да кажам дека го восприемам како наратор кој ми го раскажува животот во форма на бесконечна балада. А всушност тоа беше неговата животна приказна. Во секоја од напред наведените песни се преплетуваат тагата, радоста, надежта и очајот, но таа испреплетеност ја чувствував и во душата на легендарниот пеач, секогаш кога и да слушав било која негова песна.
Токму поради тоа тој во 1992 година стана мојот Учител за животот и Филозоф за суштината на нештата, кој преку грозоморите на денешницата, ја предвидуваше иднината. Еден вид Нострадамус на денешното време. Кога пишуваше пoезија за минатото и ни пееше за моментот кој го живееме, тој ја предвидуваше иднината. Неговата поезија и неговите песни(ги читав цели десет години, до 1992 до 2002), најпрвин ме научија да бидам искрен, кон себе, и кон животот, а подоцна и да бидам верен на сопругата и лојален и приврзан кон семејството, работата и соработниците. Таа искуствена школа на животот ја восприемав со секој нов ритам обоен со разновидни тонови на неговите песни, преку неговиот автентичен глас – баршунаст баритон, кој, кога ќе го чујам, ми звучи како Коен да говори во сон. Тоа ееден вид трансценденција во врска со Коен, која мислам дека е трајна форма.
Затоа тој за мене е и принц на лириката со камерен звук, уметник со модерен романтичен став, моќен поет кој поаѓајќи од своите лични искуства и расположенија, говори, рецитира и пее, сугестивно и интелектуално истенчено, за љубовта, пријателството, чувството на заедништво, самотијата и загрозеноста. Тврдам дека отсекогаш бил поет кој со музика ја оживеа поезијата. Музичар кој со поезија го оплемени рокенролот. Автор и творец кого никој не можеше да го имитира.
Ленард Коен е мерка за работите кога станува збор за рок поезијата. Според него: Љубовта е огин/Таа го гори секого/Таа го разобличува секого/Таа е оправдување на светот/За неговата грдост. За жените пишуваше поезија, им посветуваше песни, тие беа неговите музи. Најмаркантни беа Сузан и Мариан, опеани во култните песни ‘’Suzanne’’, ‘’So long, Мarianne’’. Сепак, за сите нив, меѓу другото велеше: ‘’Би сакал жените да ја побрзаат работата. Тоа несомнено ќе се случи. Па ајде тогаш да помогнеме тоа, навистина да се случи. Тогаш дефинитивно ќе сфатиме дека жените навистина се дух и сила која држи се заедно, а мажите се алапачи и уметници. Тогаш би можеле да се позабавиме со работата, а тие би можеле да го одржуваат светот во живот’’.
Кога пишува и пее за убавината ја објаснува со убавината на ноќта, на човекот и пролетта, за да поентира дека голема е привилегијата да се биде убав.
Неговата поезија претставува мешавина од традиционални поетски форми, праисконски романтизам и сонувачки визии набиени со еротизам и христијански алузии.Неговата музика можеме да ја сфатиме како продолжување на поезијата, како ширење на можностите за нејзино изразување, отколку како типичен производ на рок и поп музиката. Пред се затоа што во неговите песни има истенчена медитативност и своевидна зрелост на уметник кој својата поезија ја претставува преку барокни слики на неговата лирика. Таквата лирика на поезијата на Коен и дава константи, како што се: Способноста без специјални поврзувачи хармонично да ги поврзува надреалистичките и крајно реалистички слики од животот; Опседнатоста со љубовта, како единствена сила која може да го извлече човекот од светот на дуализмот во кој престојува; Настојувањето да се пробијат рамките на митологијата, кои се огромна закана за воспоставување на врховни чувари на човековиот дух; Обидите да се срушат табу-темите, кои можат да добијат митолошки вредности; и Немоќта на единката да пронајде постојани вредности во светот на технолошкиот развој. Од сето ова се гледа дека поезијата со вакви константи од Коен направи трубадур на 20от и 21от век – човек кој стои сам наспроти целиот свет.
Морам да запишам дека за мене поезијата на Коен создава атмосфера на пригушен гнев и невротични преиспитување на секојдневните искуства во светлото на митолошките слики создадени во нашата свест(читателите на неговата поезија).И сосема е нормално што тој во ‘’Книгата на милоста’’, која ја напиша во педесеттата година од животот, ќе напише: ‘’Благословен е оној кој во срцето на патникот го чека својот ред’’. А дека тој самиот е патник, кој патува низ времето, епохите и историјата, тоа е сигурно. На тој патник – Леонард Коен – песните, дефинитивно, се неговиот пат.
Беше скромен, тивок и повлечен. За себе не размислуваше ниту како за писател и изведувач, ниту на нешто слично. За него да се биде човек, беше многу повисоко чувство, од сето тоа. Тој беше човек кој ја бараше смислата на постоењето и животот воопшто. Шест години по неговата смрт му се заблагодарувам што кога зборуваше за политиката, како да зборуваше за љубовта. Така внесе интелигенција во глупоста, длабочина во плиткоста.
Сотир Костов
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Еден Стpaтег, една Струмичка Барбика и немopaлна…
Колумната е кратка приказна за селските и…