Објавено на:

Македонски светилници: Гоце Делчев – идеолог и стратег на Организацијата и Делото за Македонија

t

Македонски светилници(4.)

Гоце Делчев – идеолог и стратег на Организацијата и Делото за Македонија

Во народното сеќавање останува
само оној кој народот го сака
Фјодор Достоевски

Ќе удри утринската зора и за нас…
Гоце Делчев

Ретките, исклучителни луѓе од историјата на Македонија се нашето најголемо достоинство. Прв на таа листа е најголемата македонска гордост – Гоце Делчев. Идеолог, визионер, стратег, организатор, предводник. Вистински лидер на македонското револуционерно националноослободително движење во Македонија од крајот на 19-от и почетокот на 20-от век. Факелоносец на слободарски идеали, автор на визионерски пораки, организатор на националноослободителното движење, револуционер и борец за национална и социјална слобода на македонскиот народ. Вистински прв апостол на македонската револуција.
Гоце Делчев во македонското национално-ослободително и револуционерно дело е целосно вклучен, со сето свое срце, со својот неуморен елан, со неисцрпната енергија и со ослободителната иницијатива и борба. Неговата појава на македонската историска сцена, во современата историја на македонскиот народ и на Македонија, воопшто не беше случајна. Појавата на Делчев и реализирањето на неговото револуционерно дело се поврзани со развојот на македонското национално-ослободително движење од крајот на 19-от и почетокот на 20-от век. Тој и неговите соработници и соборци, дадоа својствен и прогресивен печат на ова македонско револуционерно дело и движење. Истото го раздвижи, го разви и му влеа современ револуционерен дух на времето, и го насочи кон конечната победа и посакуваната слобода. Уште за време на живот, преку своето грандиозно дело, како смел борец за национални и социјални права, стана револуционерна совест на Македонија. Неговиот животопис беше најтесно поврзан со животот на македонскиот народ, кој национално и социјално потиснат, ги бараше патиштата и насоките за ослободување од вековното османлиско ропство и за оттргнување од духовното ропство, најпрвин од Цариградската патријаршија и грчките фанариоти, а подоцна и од канџите на Егзархијата, бугарскиот врховизам и српската антимакедонска пропаганда.
Во македонската црвена револуционерна нишка на преден план беше Гоцевата револуционерна филозофија и неговото патриотско дело. Затоа тој беше рожба на својата епоха, и како идеолог и како борец беше творец на концепцијата на македонската револуција. Преку своите револуционерни идеи, преку неуморната организациона работа на теренот, Гоце стекна голема доверба кај народот и неспорен авторитет кај соработниците. Неговото име стана знаме и симбол во борбата за слобода и посакуваната победа на револуционерната борба. Израсна во вистински народен трибун, предводник во борбата за македонска самостојност и самобитност. Неговото дело и саможртвата што ја даде го направија знаменосец и челник во борбата за национално и социјално ослободување на македонскиот народ, и нај знаменита личност на македонската историја.
И денес, 151г од раѓањето и 120 години од загинувањето на Делечев, македонскиот народ гаи посебен пиетет кон Гоце Делчев, великанот на македонската револуција. Неговото активно учество на македонската историска сцена во период од последната декада на 19-от век и првите три години од 20-от век, ја воздигна МРО и ја облагороди македонската револуција. Тој како народен трибун со својата мисла, збор и дело, покажа бестрашност, при што пројави дух на самопрегорност, пожртвуваност, дух со кој ги освојуваше гледачите и слушателите, правејќи од нив верни следбеници и лојални борци на Организацијата и Делото. Оттаму, евидентно, произлегуваше и неговата харизма на трибун следен од народот.
Несомнено, Гоцевите идеали се вткаени во историската свест на македонскиот народ. За тоа сведочат двата Илиндени – Илинден 1903-те и Илинден 1944-та, како и во Референдумот 1991-та. Треба да сме горди што неговото дело го надживеа времето на двата Илиндени и прерасна во непроценливо историско наследство на македонскиот народ.

(продолжува)

Сотир Костов

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Ристо Никовски: Македонија без компас

Сите држави преговараат и се договараат за…

Еден Стpaтег, една Струмичка Барбика и немopaлна…

Колумната е кратка приказна за селските и…