Мајка потврди дека полициска кола пред „Пулс“ имало многу пред пожарот, но си заминала – „Од вас не барам сожалување, од вас барам да ја признаете вината“

t

Со изкази на сведоци, како дел од доказната постапка, денес во судницата во Идризово продолжува судската постапка за трагедијата во Кочани. На обвинителна клупа и денеска седнаа 37 обвинети – 34 физички и три правни лица, меѓу кои сопственици, управители, инспектори, поранешни градоначалници, обезбедување и државни службеници. Тие се товарат за тешки дела против општата сигурност поради пропусти што директно довеле до трагедијата.

Сведок И. Минова

ОЈО – Може ли да ни го објасните вашито сеемен живот пред настанот?

И.М – Тука сум не затоа што сум силна, туку затоа што ѝ ветив на мојата ќерка дека кога ќе дојде денот да ја зборувам вистината, се она што доживеав и видов таа ноќ, се она што ми остана после тој ден. Денес би сакала да зборувам за тежината на еден родител којшто ја носи во својата душа, која не треба да ја носи и како мајка која ја изгуби својата ќерка, како глас на 62 млади згаснати животи. Јас и моето семејство, бевме четиричлено семејство, јас, сопруготм ќерката Драгана и синот Стефан живеевме скромно, но среќно. Работевме чесно за да им обезбедиме поубава иднина на нашите деца. Живеевме во дом каде преовладуваше среќа, радост, тука се нашите најубави денови поминати, после ова се се смени. Драгана имаше 16 години не го дочека за еден месец својот 17 роденден. Таа беше посветена личност, сакаше да живее, имаше свои сонови, свои желби, Драгана беше дете за пример. Беше ученичка втора година медицина во Штип, нејзината желба беше да стане докторка, детски педијатар, сакаше да помага на децата на коишто им беше потребна помош. Драгана го живееше својот живот како сите деца, требаше да живее, затоа што заслужуваше, но Драгана таа ноќ со своите другарки отиде на концерт и повеќе не се врати дома. Нејзините другарки го преживеаја тој ден, но Драгана не успеа, не успеавме да ја спасиме.

ОЈО – Може ли да објасните што се случи тој ден, на 15.03 пред самиот настан

И.М – Беше сабота, Драгана ми спомна дека ќе има концерт на ДНК, беше објавено на социјалните мрежи. Ѝ дозволив да отиде. Вечерта не сакаше да излегува, сакаше директно да оди на диско, нејзините другарки беа зафатиле маса во кафе бар „Булевар“, таа беше испадена од тој кафич и затоа не излезе вечерта. Се слушна со другарките, ѝ кажаа дека во барот ќе има рација за мелолетници, дека во градот врие од полиција, но таа реши да отиде на концерт затоа што ја сакаше таа група, ги пееше нивните песни и сметав дека моето дете, како и сите други останати има право на живот. Се спремаше Драгана, беше околу 12 некаде, се качивме во колата и тргнавме накај диското. По пат кога се движевме накај диското видов многу деца, претежно беа малолетници некои од нив и ги познавам. Кога пристигнавме кај диското исто така пред вратата имаше многу луѓе, јас сум 40 години толку луѓе немав видено собрано на едно место, имаше и деца и возрасни, сите беа среќни и насмеани. Никој не претпоставуваше дека нешто ќе се случи. Драгана се слушна со другарките кои требаше да пристигнат со такси, ја паркирав колата, таа поседе внатре со мене, во истиот момент забележав од кај кружниот тек свети ротационо светло, ја видов марицата како подзастанува пред диското. Никој не се симна од полициското возило, Драгана ѝ реков да ѕвони да види каде е брат ѝ, се слушнаа но не можеа добро да се разберат затоа што беше гужва. Кога го видов полициското возило дека си оди, сфатив дека е се во ред и Драгана се симна да ги чека своите другарки. Ја запалив колата и се упатив кон „Амор“ за да ја завртам колата и да си одам дома. Полициското возило го немаше. Пред да се симне Драгана од колата, ме гушна за последен пат, требаше да ми се јави, да одам да ја земам, да ја вратам дома. Кога пристигнав дома, некаде 2.11 часот, Драгана ми прати порака да ми каже дека е убаво внатре, ми прати кратко видео. Ми кажа дека е се во ред, „мајка, биди спокојна“. Ја прашав дали има полиција, таа ми кажа дека штом на „портокалот“ ќерка му Дарија е тука, се е во ред.

ОЈО – Дали ќе можете да објасните која е улогата на „портокалот“?

И.М – Лазар Захариев со надимак „портокалот“ е обезбедувањето кој бил таму и таа ноќ.

ОЈО – Што е „Амор“?

И.М – „Амор“ е хотел, на оддалеченост од 200 метри отприлика од Пулс.

ОЈО – Каде бил вашиот син?

И.М – Мојот син беше внатре во дискотеката, тој исто е малолетен, беше и тој на концерт со неговите другари, исто малолетни. 13 и 14 години беа децата во тој момент.

ОЈО – Што се случи кога отидовте дома?

И.М – Да се навратам на тоа дека ми објасни дека на Лазар ќерката е таму, со тоа што таа е исто малолетна и дека нема да има рација. Јас дојдов сама, пишувавме со неа, потоа сум заспала. Мојот син, кој исто така беше во дискотеката, кога дошле полицијата да прават рација, прво застанале кај нив на масата, им побарале лични карти и кога сфатиле дека се малолетници ги извадиле надвор. Тој и неговите другари биле пред диското додека службените лица си ја вршеле својата работа. Во тој момент слушнал дека се ствара гужва, мислел дека е тепачка, но кога сфатил дека е пожар бил беспомошен, сакал да се врати во диското за да ја бара својата сестра. Откако не успеал ми ѕвонел на мене но јас не сум го слушнала телефонот, па ѕвонел на татко му. Само слушнав како мојот сопруг извикува „пожар, каде е сестра ти?“. Станавме и двајцата, се упативме кон диското Пулс. Кога се приближивме имаше многу народ, кај кружниот кај „Национал“ имаше полициски службеници кои го регулираа сообраќајот, не дозволуваа пристап кон дискотеката бидејќи немаше доволно паркинг простор. Јас се симнав, а тој продолжи да тражи место за да се паркира.

ОЈО – Колку беше часот кога дојдовте пред дискотеката?

И.М – 2.38 син ми ѕвонел, 2.50 бевме отприлика кај диското ние.

ОЈО – Што затекнавте кога стигнавте пред дискотеката?

И.М – Затекнавме хаос. Кога слушнав пожар не замислував такво нешто, мислев дека е само пожар и дека сите деца се надвор, дека нема мртви, дека се преживеани, но кога се приближив кон дискотеката беше жално за гледање. Пред вратата стоеше само една пожарна и едно полициско возило и болничко возило. Деца лежеа на земјата, некои од нив веќе беа починати, некои бараа помош, лицата им беа целите црни. Видов луѓе повозрасни кои беа отидени да пружат помош. Ја барав мојата ќерка, ѕвонев, телефонот ѕвонеше, никој не креваше. Знаев дека ѝ е потребна помош, викав на сиот глас, но немаше кој да ме слушне. Пред пожарната стоеја двајца полицајци и една полицајка, слушнав само една мајка како плаче и вика „каде ми е ќерката?“. Бараше помош. Кога се свртев тоа беше мајката на Надица, Габриела.

ОЈО – Што правеше Габриела?

И.М – Габриела бараше помош, да ѝ помогне некој да го скрши ѕидот затоа што вратата е премногу тесна имаше многу луѓе, откако не доби помош таа реши сама, го кршеше ѕидот со рацете. Ѕидот пред влезната врата. Јас продолжив да ја барам својата ќерка, откако не ми дозволија да влезам, на вратат го видов обезбедувањето Лазар кој ги прифаќаше децата, но не видов дека некој од обезбедувањето е внатре и дека помага на тие деца. Помагаа на тие што ќе ја пружат раката, тие што беа при свест, но оние што беа внатре и на кои им беше потребна помош, никој не им помогна. Внатре, како што видов, што влегуваше беше само еден од пожарникарите, влегуваше и излегуваше, застануваше да земе воздух, сето она останато дека некој помагал, јас тоа ништо не видов. Кога се вратив кај мојот сопруг, слушнав само група на деца што бараа деца, да им помогнат од левата страна, дека имало џам со решетки. Побараа помош од службеното лице Драган Казак Петрушев, тие се упатија кон прозорецот, но одеднаш почнаа да паѓаат делови, почна да пука нешто и се вратија назад, не продолжија. Кога се вратив таму го видов Михајло, синот на газдата, како седеше, а на негова оддалеченост стоеше и полицаецот Драган Петрушев, стоеја од страна, гледаа, додека деца извикуваа и бараа помош, спас, тие стоеја и ги гледаа. Ако смеам да кажам она што го видов и што го слушам дека сега сите на некој начин помагале, да сето тоа е како што се тврди, немаше да има ниту една жртва. Помагаа само оние што сега веќе се починати, бидејќи таму немаше простор да влезеш два до три пати, а да излезеш жив. Моето дете никаде го немаше, се сетив бидејќи тој објект ми беше познат, пред 12 години беше магацин за ташни кај што бев вработена и знаев дека има друг влез, на десната страна од самиот објект, се качив по скалите со цел да ја барам мојата ќерка. Од ходникот излегуваше црна и густа чад. Стигнав до средината, не знаев каде ќе ме одведе и се вратив, бидејќи сметав дека и да има таму луѓе, нема преживеани. Беше жално, беше тешко да се гледа како едни млади детски животи се борат за сопствениот живот. Некои од нив беа без облека, голи лежеа. По извесен период се вратив пред влезот на дискотеката, го видов мојот сопруг како стои до мојата ќерка. Бев среќна, бидејќи на нејзиното тело немаше никакви изгореници, мислев дека е само онесвестена, но не и почината. Тој знаеше дека Драгана го загуби својот живот. Пробал да ѝ даде вештачко дишење, од телото се слушале необични звуци, таа немала пулс бидејќи била почината. Не сакаше да ми го каже тоа. Ја зеде во раце, ни помогна едно дете, не го ни познавам, бидејќи беше Драгана тешка, не можеше сам да ја качи во колата. Ја однесовме во болница. Кога отидовме во болницата и таму беше слично на она што го видов во дискотеката, имаше многу народ, родители, блиски роднини на сега починатите. Во ходникот на брза помош лежеа мртви деца. Насекаде имаше крв. Се осеќаше мирисот на пожар, на изгорени деца. Мојата ќерка лежеше на земја во брзата помош, таму беше докторката Оливера, целиот медицински персонал даваа се од себе да спасат деца. На мојата ќерка ѝ беше пружена секоја помош и од секој. Гледав и мислев дека ќе ги отвори очите. Не бев ни свесна дека моето дете не е меѓу живите. Некаде пола саат лежеше на подот се додека докторката не повика двајца за да ја однесат. Мислев дека ќе ја качат горе на одделение, но тие свртеа кон мртовечницата. Тогаш сфатив дека мојата Драгана, мојот живот, го изгубив засекогаш. Драгана како и сите останати деца отидоа на диско, но ги дочекавме во сандаци дома.

ОЈО – Дали имате нешто да кажете дополнително?

И.М – За крај би сакала да додадам дека после 16 март животот на моето семејство и животот на останатите семејства, како и на повредените повеќе не е ист. Нашите деца не починаа од природна смрт, нашите деца беа убиени, задушени, нашите деца имаа право на свој живот, на своја среќа, нивните сонови требаше да бидат остварени. Болката која ја носиме секој ден е тешка, нашите деца повеќе нема да се вратат дома. 63 не е број кој треба да биде запишан на хартија или занемарен, туку бројот 63 брои човечки животи. Како би му објаснила јас на моето дете коешто ми остана дека треба да се научи да живее со болката кога неговата сестра никогаш повеќе нема да биде присутна во неговиот живот, кога сите ќе бидат покрај него, неа ќе ја нема. 63 дупки беа откопани и потрупани со црна земја. Зар нашите деца не требаше да живеат? Би сакала само да се обратам кон обвинетите. Кога едно дете ќе го наречат сирак, но кога мајка ќе го изгуби своето дете дали постои збор што ќе можат да ја наречат, збор што ќе може да ја утеши што нејзиното дете повеќе нема да го види? Нејзиното столче остана празно, нејзиниот кревет остана празен, се ближат празниците, но нив ги нема. Како ние родителите ќе ја носиме таа болка, кога нашите деца повеќе ги нема. Од вас не барам сожалување, од вас барам да ја признаете вината, бидејќи вашите потписи на секој еден документ ја напишавте судбината на нашите деца.

Паралелно со главниот процес, тече и посебна постапка против полициски службеници за давање лажни уверувања и дозволување на работа на дискотеката без исполнети минимално-технички и безбедносни услови. Изминатата недела Обвинителството отвори постапка и против група вработени во УЈП осомничени за мито и злоупотреби поврзани со истиот случај.

Главниот процес го води судечки совет чиј претседател е судијката Диана Груевска Илиевска.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Мајка потврди дека полициска кола пред „Пулс“…

Со изкази на сведоци, како дел од…

„Многу време го реанимиравме, не можев, умот…

Со изкази на сведоци, како дел од…

Најден мобилен телефон во ќелијата на газдата…

Во судницата во Идризово при Основниот кривичен…

Нацев: Со месеци сум цел на јавен…

Со воведни зборови на одбраната на Александар…

ОЈО за Инфомакс: Нема да има потреба…

Нема да има никаква потреба од нова…