Министерството за здравство до дијабетичарите: Ако тужите, тужете го Беким Сали
Министерството за здравство смета дека дијабетичарите чија терапија, глукомери и ленти за мерење на шеќерот веќе 8 месеци се доставуваат со проблеми, не треба да гледаат решение во тужби против Министерството, како што вчера најави претседателот на Сојузот на здруженија Диме Велев. Велев посочи дека повеќе место за преговори со Министерството нема, зашто ги пробиле сите рокови, тендерот за игли, глукомери и ленти за мерење на шеќерот ги склучиле со задоцнување а благодарение на тоа, дијабетичарите се ставени во позиција секој ден да се прашуваат дали ќе се разбудат, како ќе набават терапија, никогаш не им е доставувана целосната количина на игли во инсулинските аптеки и веќе состојбата е дојдена до ниво на комплетна фрустрација.
Велев најави дека прво дијабетичарите ќе достават претставки до Министерството за здравство, а после тоа ќе почнат да тужат еден по еден или колективно, за да им бидат надоместени сите пропуштени терапии кои не ги добиле поради тоа што Министерството не склучило тендер на време за 130 илјади граѓани во државата што е крајно неодговорно однесување.
Министерството за здравство целосно ги разбира Здруженијата на дијабетичарите со кои е во постојан контакт. Здруженијата на почеток на идната недела ќе бидат повикани повторно на средба и уште еднаш заеднички ќе се разговара за состојбата и ќе бидат информирани за процедурите кои течат во моментот за набавка на потребната терапија. Тужби не се решение ниту има потреба од нив затоа што министерството е партнер со здруженијата, но ако тие веќе решиле да тужат треба да го тужат претходното раководство кое создаде проблеми кои денес министерството се труди да ги надмине, велат оттаму.
Претходното раководство беше на чело со министерот за здравство Беким Сали, така што според министерството, станува збор за наследен проблем кој го презеле од неговото владеење.
Дополнително, откако Сојузот на здруженија на дијабетичарите излезе на протест пред Министерството за здравство, Министерството потпиша договори за набавка на ленти за мерење шеќер. Договорите наместо да се потпишат на крајот на минатата година и да почне доставата од јануари 2023 до декември 2023, беа склучени во седмиот месец од годинава, со седум месеци доцнење. За Сојузот на здруженијата на дијабетичарите ова е штедење на грбот на болните кое нема да остане ненаплатено, поради штетите што 130 илјади пациенти со дијабетес ги трпат.
-Неодговорно е во инсулинските аптеки постојано да ни се вели: „Дојди утре, дојди за два дена, дојди следната недела“, „ти следуваат пет пенкала ама ќе ти дадеме 3, другите две наредниот месец ако има”, „крај на тендер е немаме од тој инсулин оди кај докторот да ти ја смени листата на тоа и тоа (тоа што се нашло во аптека)”.
Не само неодговорно, суров е ваквиот однос кон пациентите со дијабетес! Кога станува збор за здравје и за живот, политика не смее да има! Државата мора да го стави здравјето на секоја индивидуа на врвот на приоритетите. Не може тоа да биде последно на листата, а потоа одговорните да се фалат колку многу вложиле за дијабетичарите во здравствениот сектор! За жал и тоа во што сте вложиле не го реализирате до крај така како што треба за да имаме ние пациентите бенефит од тоа, велат од Сојузот.
Најпогодени се децата, кои се боцкаат по 10 пати во денот и се мачат секој ден наместо да добијат сензори. Во протестно писмо упатено до властите, Сојузот на здруженијата на дијабетичарите истакна дека е недозволиво државата да се расфрла со трошоци а дијабетичарите да молат за лек и помагала кои регуларно треба да им следуваат.
„Каде се сензорите? Заглавени повторно во „трач муабет на пациентите“ „кај плачковците пациенти и родители“ или во Ваши некакви правни лавиринти! Ние знаеме колкава е болката кога нашите деца плачат за лек, за сензори, за ленти за мерење на шеќерот, а ние немаме финансии да им го обезбедиме тоа!
Но, дали и тие, одговорните за овој плач и болка, знаат колку боли и дали се свесни за болката што ни ја предизвикуваат?! Зарем како систем сме толку незрели и не можеме да научиме од сопствените грешки и истите да не ги повторуваме на секои две години.
Ако не сме кадарни да научиме тогаш ајде да немаме тендери, дајте ни можност за слободен пристап до нашата потребна терапија и потребните помагала“, напишаа од Сојузот на здруженијата на дијабетичарите во протестно писмо упатено до властите.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Меџити: Воспоставивме електронска платформа за користење светски…
Министерот за здравство д-р Фатмир Меџити денеска…
МЗ: Над 50 илјади граѓани примиле вакцина…
Министерството за здравство информира дека над 50…
Судска медицина ќе ја утврдува причината за…
Министерството за здравство во врска со смртниот…
На распит пред Анкетната комисија актуелни и…
На собраниската Анкетна комисија за скандалот во…
Левица: Нема термини за прегледи за рак…
Алармантната состојба во здравството, поради катастрофалните политики…