Миноски: Економските мигранти се последно решение за проблемите на пазарот на труд

t

Поранешниот министер за финансии Кирил Миноски алармира дека недостигот од работна сила во Македонија е директна последица на долгогодишни погрешни економски, образовни и социјални политики, како и на изостанати структурни реформи. Во објава на Фејсбук, Миноски посочува дека демографскиот колапс и губењето на речиси 30 отсто од населението од 1990 година наваму сериозно ја доведуваат во прашање одржливоста на економскиот и социјалниот систем.

Тој нагласува дека, иако приватниот сектор сè почесто укажува на недостиг од работна сила, проблемот мора да се анализира темелно, преку детална слика за пазарот на труд – од структурата на економијата и активното население, до бројот на непополнети работни места и квалификациската структура.

„Решенијата не смеат да се сведат на брзи и поедноставени одговори. Потребен е системски пристап“, порачува Миноски, наведувајќи неколку клучни насоки.

Како прв приоритет го посочува зголемувањето на продуктивноста, преку инвестиции во автоматизација, дигитализација и нови технологии, кои, според него, се нужност за одржлив раст со помал број работници. Понатаму, укажува на потребата од активирање на невработените, имајќи предвид дека официјалната стапка на невработеност од околу 11,9 проценти е меѓу највисоките во Европа.

Миноски смета дека младите – студенти и средношколци – треба да добијат можност за флексибилна и повремена работа, со што би се зголемила понудата на работна сила и би се создале работни навики уште во рана возраст. Како дел од решението го наведува и концептот на активно стареење, односно вклучување на пензионери кои можат и сакаат да работат, што би придонело и за пазарот на труд и за одржливоста на пензискиот систем.

Особено нагласува дека пред да се размислува за увоз на работна сила, неопходно е да се создадат услови за враќање на македонските граѓани кои работат во странство, преку подобри плати, институционална сигурност и предвидлива економска средина. Увозот на економски мигранти, според него, треба да биде последна, а не прва опција, поради сериозните социјални, економски и други импликации.

„Без промена на моделот на раст, без зголемување на продуктивноста и без активирање на домашниот човечки потенцијал, проблемот со недостигот од работна сила ќе се продлабочува, а последиците ќе ги чувствува целото општество“, порачува Миноски, потенцирајќи дека реформите на пазарот на трудот бараат визија, знаење и посветена работа.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Миноски: Економските мигранти се последно решение за…

Поранешниот министер за финансии Кирил Миноски алармира…

Николовски: ИПАРД програмата официјално стопирана во Македонија

Поранешниот министер за земјоделство, Љупчо Николовски, објави…

Подгответе се за снег и студ: УХМР…

Македонија влегува во период на нестабилно време…

(Видео) Мециновиќ: Додека претседателката зборува за топење…

Пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ, на денешната…

ИРЛ отвора сериозни сомнежи: Жртвите во „Пулс“…

Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) објави дека обдукциските…