Мицкоски ќе си легне на брашното: Се создава ново северномакедонско мнозинство за промена на Уставот

t

Дојде Урсула и замина, а ние и натаму коментираме како ни го плесна в лице она за „северномакедонците“ (кои ќе се здружеле и формирале мнозинство во парламентот што ќе гласало позитивно за уставниот амандман, односно за внесувањето на Бугарите во преамбулата). И никој не ја ни коригираше, никој не ѝ кажа дека „северномакедонци“ не постојат, дури ни во Преспанскиот договор, и дека таа „нова нација“, која толку силно сакаат да ја измислат, е неприфатлива колку за Македонците толку и за Албанците – и, секако, сите преостанати.


За онаа смешна и патетична егзалтација за „чистиот македонски јазик“ на кој бил потпишан договорот со Фронтекс (агенцијата на ЕУ за миграции) не ми се ни зборува, бидејќи доаѓа од луѓе со нечист образ, полуписмени, кои едвај и го владеат македонскиот јазик и не можат ниту еден акцент да погодат додека зборуваат. Уште едно евтино фрлање пепел и магла в очи од политичари што или безочно лажат или не си ги знаат дипломатската и државната практика и историја. За сите овие идентитетски „бравури“ сме зборувале и пишувале толку многу, што не сакам евтини аплаузи заради одбраната на македонството. Слично е и со ничкосувањето на Уставот. Не знам што приватно Урсула го советувала Ковачевски, но сѐ мириса на уште една „ноќ на долгите ножеви“, како што онаа срамна октомвриска вечер во 2018-та ја нарече еден грчки левичарски првенец. Со балкански и други, можеби франкфуртски методи, веќе се создава тоа северномакедонско мнозинство за промена на Уставот. (Патем, Франкфурт овде го користам како алузија на центарот на финансиската моќ на ЕУ.) Изјавите на лидерот на најголемата опозициска партија навестуваат дека ќе си клекне на брашно (џабе нотари, џабе колнење во вмровштината): ако добиел гаранции (со кои можат да се сликаат) од Брисел дека ова ќе била последната отстапка, ќе размислел за поддржување на уставните измени.
Духот на измамата повторно шета низ парламентарните коридори. Албанските политичари ги тријат рацете: секое отворање на уставната Пандорина кутија значи уште една идентитетска придобивка, уште еден адут во етнонационалистичката мобилизација на електоратот.

Но овде, сепак, акцентот сакам да го ставам на „подарокот“ и ветувањата за „пакетот“ со кои дојде Урсула, а кои се однесуваат на помошта за надминување на енергетската криза. Оние 80 милиони евра „интервентна помош“ ќе дошле во јануари, што значи дотогаш не очекувајте ништо. Додека да стигнат, цените на енергентите ќе пораснат поради галопирачката инфлација и ќе се сведат на „трошки“. Но ако ги слушате нашите експерти по општа практика, сезнајковци, ќе чуете дека станува збор за огромна помош, која ќе нѐ заштити од студот и економската криза, ама и од Генералот Мраз (или Големата мечка – Русија). За овие експерти било скандалозно државата да договара набавки на електрична енергија од една Србија (без оглед што гордо се сликаат на Калемегдан). Подобро да смрзнеме отколку да купиме струја од Вучиќ. Истата песна како и со вакцините, се сеќавате, па на крајот пак добивме помош од северниот сосед, а не од Софија или Берлин и Брисел.
Овие евроатлантски фундаменталисти сметаат дека ние, малите и ситни луѓе, треба да стиснеме заби кога ќе дојде немаштина, недостиг од бензин или греење, и да се прашаме: Кој е виновен за кризата? И тогаш ќе ни биде полесно да издржиме, бидејќи тие лошите се виновни за сите зла на планетата. Очекувајте ваква запалива реторика во наредниот период, кога ова златно есенско сонце ќе се скрие, бидејќи ќе треба да се грееме на пламенот на љубовта и лојалноста кон нашите западни сојузници.
Оние 80 милиони евра што ќе стигнат во јануари ќе одговараат на старата изрека за гоење прасе пред Божиќ (а јануари долг месец, можеби помошта и топлата насмевка на Урсула ќе се реализираат на почетокот на февруари).

Како и да е, нашите вистински познавачи на состојбата во енергетскиот сектор со години, далеку пред војната во Украина, се отепаа зборувајќи за нужноста и итноста од создавање одржлив систем на кој ќе се потпираат и економијата и населението. Но вождовите имаа(т) поважни работи: менување устави, потпишување договори на „чист македонски јазик“, праќање воена помош во Украина и набавка на скап систем за противвоздушна одбрана (кој не штити од дронови, како што можевме да видиме неодамна). И секако, фрлање пари по прошетки, кафеани, бифтеци, вдомување функционално неписмени кадри, јакнење на полициските сили и сл. Нека ме поправат вистинските познавачи (не оние фолиранти пред ТВ-камери), ама со 80 милиони евра среде зима сигурно нема да решиме ништо системско. Па, дури и со ветениот поголем пакет за инвестиции, кој ќе ни припадне од оние 500 милиони евра ветени за целиот Западен Балкан. Да бидеме начисто, подароков нема никаква врска со енергетската состојба, туку со геополитичката лојалност. ЕУ си го означува теренот на сличен начин како што тоа го прават кучињата, ама со ситни грантови. Сега се малку поагилни од времето на пандемијата, кога тотално нѐ фрлија на маргините, но тоа не ја менува суштината: волкот влакното го менува, ама не и табиетот.
Она што нашиве вождови и т.н. експерти не го гледаат или не го разбираат е дека ЕУ во моментов се крши токму врз прашањето на енергетската сигурност. Германија им врза шлаканица на сите, обезбедувајќи не само субвенции за својата економија и население туку и продавајќи дел од пристаништето на Хамбург на „лошите Кинези“. Со други зборови, социјалдемократот Шолц постапува на трамповски начин кога вели „Прво Германија!“. Париз е на работ на срцев удар, а длабока недоверба почнува да навлегува во кулоарите на моќта во сите метрополи што се соочуваат со последиците од самоубиствената политика спрема Русија. Деновиве тоа најдобро беше прикажано на една карикатура од западен медиум: на ѕидот на едно пристаниште се седнати две другарчиња, САД и ЕУ. Првото е во волчешка кожа, а другото во овча.

Полн со сожалување, волкот нежно го прегрнува смрзнатото јагне и му вели: Ако ти е многу студено, кажи, можам да те лапнам. ЕУ беше прекрасна бајка за големи деца додека владееше благосостојба, но штом дојде зорт, настапи криза (финансиска, бегалска, пандемија или енергетска) солидарноста се топи како снег на летно сонце. Секој гледа да се заштити себеси, бидејќи политичарите се избираат на национални, а не на европски избори. Тие се одговорни пред своите избирачи на кои им ветиле социјална и секаква друга безбедност. Затоа, Макрон е гневен што огромен дел од воениот буџет Германија решила да го потроши во полза на американскиот воено-индустриски комплекс, а не на францускиот (кој има слична понуда на воени бомбардери).
Енергетскиот систем на Европа е најголемата измама против сопствениот народ – ова е насловот на една извонредна анализа на професорот по економија и бивш министер за финансии на Грција, Јанис Варуфакис. Според него, во услови на растечка енергетска криза, политичките лидери во Европа сакаат да го оттргнат вниманието од сопствената улога во нејзиното влошување и, наместо тоа, да ги натераат граѓаните да се фокусираат само на една работа: Русија. Сепак, таа е многу покомплексна од тоа. И подолгорочна. „Њујорк тајмс“ воочува дека како што обично се случува во време на кризи, земјите на ЕУ многу брзо се прегрупираат според традиционалните линии на поделба: север наспроти југ, побогатите наспроти посиромашните.

Отпаднаа и приказните за „зелена Европа“, јагленот позелене откако се виде дека ветерот и сонцето се недоволни. Економските законитости се приспособуваат на воената економија, во која државата презема посилна улога. Како лидер на блокот и најбогата земја, Германија е обвинета за приоритизирање на самопомошта за сопствен интерес, дури и кога тоа индиректно ги погодува партнерите и ја поткопува улогата на ЕУ. Така стојат работите во тврдината Европа, со стари линии на делби и нова динамика на моќта. Внатре, во нејзините редови! (А ние не сме внатре, ние сме оние што не смеат да бидат заведени од српски, руски или кинески понуди.) Накратко, таму владее паролата: спасувај се кој може и како знае! А нашите ниту знаат, ниту можат, ниту помислуваат на алтернативи: корења ќе јадеме и под стари јамболлии ќе се топлиме, ама од Урсула не се откажуваме, дури и кога нејзините веќе ја откачиле. Ние на подарен коњ (80 милиони) не му гледаме во устата, туку се веднеме уште попонизно. И да, Устав ќе менуваме – за едно огромно НИШТО!

Колумна на Билјана Ванковска за “Нова Македонија

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Мицкоски ги замолил Грција и Бугарија за…

Христијан Мицкоски барал безусловна поддршка од Грција…

Фала Мицкоски и Тошковски – Нов парк…

Во Радуша никнува нов парк, но не…

Мицкоски на средба со дијаспората во Њујорк

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски оствари средби…

Борисов: Со Мицкоски сме „сестри“, но и…

Со партијата на премиерот на Македонија, Христијан…

Агелер: Воодушевена сум што Мицкоски ќе користи…

Откако мандатарот Христијан Мицкоски изјави дека заклетвата…