Муцунски кон Славјанка Петровска: Се согласувам дека има центри за ширење на паника и тие се на Илинденска – граѓаните не ви веруваат
Кај граѓаните се создава паника бидејќи тие се навикнати на Влада и институции кои ненавремено и несоодветно постапуваат, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски, кој вечерва дебатираше со министерката за одбрана, Славјанка Петровска, во емисијата „360 степени“ на Алсат ТВ.
Петровска, пак, смета дека паниката и стравот кај граѓаните е резултат на дезинформациите кои ги шират одредени центри чија цел е токму тоа.
Зборувајќи за тоа дали Владата и институциите навремено реагирале пред да се случи воената инвазија од Русија на Украина, министерката рече дека Министерството за надворешни работи (МНР) уште на 11 февруари – две недели пред да почне воената агресија, ги повикало нашите државјани да ја напуштат украинската територија.
1 февруари е ден кога сè уште немаше никакви воени дејствија и кога сите начини на транспорт, авионски и копнен превоз, беа дозволени и расположливи на сите. Тој повик од МНР, во име на Владата, неколку пати беше потенциран и соопштуван преку различни начини на комуникација. Оттука ја дадов мојата првична оценка дека обвинувањата не се основани, рече Петровска, која додаде дека во насока на одговор е и одлуката нашиот амбасадор да се врати во Украина и лично да асистира во евакуацијата на граѓаните кои останале таму.
Во врска со изјавата на претседателот Стево Пендаровски на Сител ТВ дека уште од 5 ноември властите имале информации за тоа што може да се случи, министерката рече дека иако тогаш не била на функцијата, веројатно тие сознанија од разузнавачки канали тогаш биле земени со помала веројатност.
Во реплика до Петровска, Муцунски рече дека е точно оти има центри кои шират паника и дезинформации, но тој центар тој го лоцира во Владата.
Се согласувам со тоа, но морам да констатирам дека веројатно тој центар се наоѓа на булевар ’Илинденска‘. Ајде да ги споредиме изјавите кои ги слушаме последните денови. Претседателот на држава ни кажува дека ние во ноември сме знаеле дека постојат сериозни индиции преку кредибилни информации дека ова што се случува, ќе се случи. Истовремено, претседателот на државата кажува дека сме побарале од Србија поддршка во пченка и пченица, а претседателот на Србија го потврдува истото. Министерот за локална самоуправа, исто така, вели дека Србија дала поддршка, но не сме побарале, а министерот за економија кажува дека се полни стоковите резерви. Значи, кај граѓаните има паника и страв од импликациите на оваа криза, бидејќи се навикнати на Влада и институции кои постојано ненавремено постапуваат, рече Муцунски.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ ја прозва власта, прашувајќи дали кога се добиени разузнавачките информации бил свикан Советот за безбедност и зошто за тоа што може да се случи во Украина не е брифирано ниту Собранието како што се прави во другите држави.
Дали се преземени и превентивни економски мерки за заштитата на и така погодената домашна економија од ненавремените мерки во текот на ковид-кризата?! Еве слушнавме денеска од премиерот дека сè уште се размислува за точно кои мерки да се преземат. Паниката доаѓа од тоа што граѓаните имаат влада која знаат дека ненавремено постапува за решавање на проблемите со кои се соочува државата. Ние сме знаеле неколку месеци претходно, а ништо не е направено во таа смисла. Затоа, ние како политичка партија, понудивме и пакет мерки во делот на економијата, затоа што мораме да ја заштитиме ценовната стабилност, да се бориме со инфлацијата и мораме, покрај безбедноста, да се грижиме за домашната економија за извозно ориентираниот сектор кој сериозно ќе биде погоден. Паниката кај граѓаните е поттикната од несоодветна реакција, обвини Муцунски.
Петровска возврати дека во однос на пченицата од Србија уште веднаш кога српскиот претседател Александар Вучиќ даде изјава за тамошните медиуми дека испраќа помош за нашата држава, министерот за земјоделство соопштил дека имаме доволно резерви, а реплицираше и во однос на забелешките зошто не бил свикан Советот за безбедност.
Што се однесува на тоа дека требало уште во ноември да се свика Советот за безбедност, тој се свикува кога добивате разузнавачки информации. Тие се добиваат на дневна основа од различен вид по различни актуелни прашања кои се случуваат во светот и нашето опкружување. Зарем мислите дека треба секојдневно да се свикуваат седници? Јас не би навлегувала во деталите освен она што претседателот го соопшти, но само еве теоретски: во информациите кои се пласираат од разузнавачките служби се соопштува и степен на веројатност, односно кога се очекува работите да бидат придвижувани. Ако таму не биле дадени предупредувања дека треба да се забрзаат чекорите за алармирање на институциите, очигледно е дека нашата држава постапувала согласно целосната информација, реплицираше Петровска.
За економските мерки, пак, таа рече дека кога Владата нудела пакет претходно во екот на ковид-пандемијата, опозицијата обвинувала дека со тоа сака да ги поткупи граѓаните.
Муцунски повторно реплицираше со констатација дека во однос на пченицата од Србија има контрадикторност меѓу изјавите на владините претставници, а за економските мерки кои претходно биле носени, рече дека тие како ВМРО-ДПМНЕ секогаш давале поддршка.
Секогаш сме давале поддршка и сме барале нивно проширување и надградување. Знаете и самата дека секогаш сме ги поддржувале и сме сметале дека се недоволни. Една од мерките беше намалување на ставката за ДДВ за струја каде јас на пленарна седница кажав дека таа не треба да биде времена, туку мерка која ќе трае подолго време. Сега повторно ви предлагаме, рече Муцунски.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Муцунски ќе одлучува дали членовите на Антикорупциска…
Членовите на Државната комисија за спречување корупција…
Петровска до ВМРО-ДПМНЕ: Каде сте „патриотчиња“ –…
Во синоќешното обраќање од собраниската говорница, ексминистерката…
(Фото) Левица прашува дали директорката на „Лазо…
ДАЛИ ДИРЕКТОРКАТА НА ООУ „ЛАЗО АНГЕЛОВСКИ“ ВРШИ…
Муцунски: Кадровски промени во ВМРО-ДПМНЕ се симбол…
Овие кадровски промени кои што вчера се…
ВМРО ќе има нови двајца потпретседатели –…
Градоначалникот на Аеродром Тимчо Муцунски и поранешната…