На здравствениот систем му недостигаат 6.000 медицински сестри

t

Подобри услови за работа, признавање на образованието, преквалификации од една специјалност во друга, доедукација, повисоки плати се меѓу причините поради кои медицински сестри заминуваат на работа во други земји. Со недостиг на медицински сестри се соочуваат земјите од регионот, меѓу кои и Македонија, но и дел од другите европски земји.

Унијата на здруженијата на медицинските сестри, акушерки, стоматолошки сестри предводени од Здружението „За нас“ апелира да се отворат конкурси за вработување медицински сестри, бидејќи недостигаат 6.000.

„Според податоците од Институтот за јавно здравје, во Македонија има 9.200 медицински сестри, што значи дека се работи за многу мал број според бројот на жители. Во државава недостигаат околу 40 проценти медицински сестри и ако треба да бидеме 14.000, 15.000 медицински сестри, значи недостигаат околу 6.000“, вели во изјава за МИА претседателката на Унијата на здруженијата, Гордана Бешлиоска.

Таа посочува дека во последно време има тренд на заминување на медицински сестри и во Словенија и во Хрватска, каде има комори на медицински сестри, признаено им е образованието, личните доходи им се многу повисоки, има континуирани и отворени конкурси и веднаш можете да се вработите.

„Не може да ви се одлеваат медицински сестри во пензија, да имате сестри со договор на дело, да не ги вработувате со години во болниците. Тоа е невиден парадокс. На тој начин сами ги бркаме да си одат. Во болници во земјите од регионот има преквалификации од една специјалност во друга, ги доедуцираат и надградуваат за да можат да ги надополнат критичните единици и интезивните неги“, вели Бешлиоска и посочува дека мора да има континуирани конкурси, како што има во Србија, Хрватска и другите земји во регионот.

Како пример го посочи Клиничкиот центар во Бања Лука каде има отворен конкурс без никакви услови и во секое време сестра може да дојде, да конкурира и да се вработи. Според Бешлиоска нужно е во моментов се што се има од овој кадар на располагање да се овозможи под итно да влезе во болниците на работа.

Агенцијата за вработување, појаснува, регистрира околу 740 невработени сестри, голем број од нив веќе се заминати, дел од нив ја напуштиле професијата, а некои од нив се водат како невработени затоа во болниците се со статус договор на дело.

Во врска со тоа каде најмногу недостигаат медицински сестри таа вели дека тоа се стационарите, каде работата е многу опсежна, патронажните служби, потоа во операционите сали, клиниките…Според неа, во одделите за интензивна нега каде се тешко болните треба да има една сестра на еден пациент или најмногу на двајца пациенти една медицинска сестра.

Бешлиоска истакнува дека истражувања покажале дека причини за незадоволството на медицинските сестри се нездравата работна околина, несоодветни безбедносни услови, а потоа и ниските плати. Посочува дека многу важно е и признавањето на образованието, професионалната автентичност на сестрите, нивната автономност на работните места.

Во врска со тоа колкави се платите на медицинските сестри рече дека медицинските сестри со средна стручна спрема имаат плата до 30.000 денари, а со високо образование земаат пет до шест илјади денари поголема плата од нив.

Таа потенцира дека оптоварени и незадоволни здравствени работници иницираат и незадоволни пациенти. На прашање како да се надмине недостигот на медицински сестри, вели дека проблемот е што тие не се присутни таму каде што се носат одлуките и дека не може 25 години да има Лекарска комора, а да нема Комора на медицинските сестри, а да се зборува дека лекарите и медицинските работат во тимови. Тоа, истакнува таа, е една таква дискредитација на сестринската професија, а докторите не мора да ги дадат иницијативите, меѓутоа нека ги поддржат нашите иницијативи.

Според неа, мора да има сектор за сестринство во Министерството за здравство и дека не може правници и стоматолози во Министерството да ги решаваат проблемите на медицинските сестри, кои не се политичка опција, трошок и бројки, туку тие имаат сериозна и мултидисциплинарна професија.

Од Министерството за здравство за МИА информираат дека во тек се вработувања на 240 медицински сестри и дека планирано е во следниот период да има вработувања на двојно поголем број медицински сестри во јавните здравствени установи низ државата.

„До овој момент се добиени согласности за вработување на вкупно 240 медицински сестри. За поголем дел од нив постапката за вработување е завршена, а за останатиот дел постапката за вработување е во тек. За илустрација, за Здравствен дом Скопје, од вкупно добиени 117 согласности за нови вработувања, опфатени се 33 медицински сестри, во ЗД Крива Паланка се добиени согласности за шест медицински сестри, во ЗД Вевчани за четири медицински сестри, во ЗД Струмица – три патронажни сестри, во ЗД Штип – за две медицински сестри, како и во други јавни здравствени установи“, информираат од министерството.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

На здравствениот систем му недостигаат 6.000 медицински…

Подобри услови за работа, признавање на образованието,…

Доаѓа топлотен бран: Деновиве не очекуваат температури…

Под влијание на топла воздушна маса од…

Скопјанец добил плико со заканувачки пораки по…

Сериозен инцидент со елементи на закана по…

АНБ: Одземени огнено оружје и мобилни уреди…

Во врска со претходно обезбедените податоци на…

„Жолтите комбиња“ се вратија, ВМРО-ДПМНЕ измислува „теории…

Жолтите комбиња од времето на Никола Груевски…