Објавено на:

Нелсон Мандела како морален компас на човештвото: Рекоа за Мандела, а ништо не научија од него

t

Великани на светската историја(4.1)

Нелсон Мандела  како морален компас на човештвото

Како Мадиба, или политичкиот затвореник со број 46664(Нелсон Мандела) стана најпочитувана политичка икона во светот?

Неговото име ги привлекуваше масите како магнет. Секогаш беше смирен и достоинствен државник, кој со вонсериска способност за визионерство и антиципација, успеваше да ја процени состојбата без емоции. Со чист ум, здрав разум, логично и рационално ги одмеруваше опциите во креирање на новото лице на Јужна Африка. Мандела уживаше во славата, но остана недопрен од неа. Остана скромен, човечен и внимателен кон секој поединец, без разлика на статусот, возраста или бојата на кожата. Луѓето и нивните проблеми ги восприемаше со вистински интерес, а не со државничка куртоазија. Непосредноста му беше главната карактеристика во односите со луѓето. Со иста учтивост ги поздравуваше и обичните луѓе, и бизнисмените, и државниците и глумците и музичарите.

Затоа сите го сакаа и почитуваа. Јавните личности од политиката, бизнисот и културата се гордееја што се негови соработници и пријатели. Затоа оскаровецот Морган Фримен ќе рече дека светот загуби вистински џин, и дека Нелсон Мандела беше човек со неспоредлива слава, непобедлива сила и непокорлива одлучност. Светец за многумина, херој за сите што ги ценат слободата и достоинството на човековиот род. За него на социјалните мрежи е запишано дека кралот на љубовта е мртов, никогаш нема да ги заборавиме нештата на кои не учеше и нема вистински да ја разбереме силата што му беше потребна за да издржи многу годинизатвор….додавам борба за мир, слобода, човекови права и достоинствен живот.

Рекоа за Мандела, а ништо не научија од него

Нелсон Мандела беше човек со димензии на светец, визионер кој ја осмислуваше и реализираше големата промена на светот. Великанот на 20от век. Како глобален симбол на правдата, слободата, еднаквоста, демократијата и мирот претставуваше најголем пример и немерлива инспирација за сите политичари, државници и лидери. Вистински неуморен борец-херој на борбата за остварувањето на човековите права и залагањето за похуман свет. Човек што успеа да го собори апартхејдот, а расизмот во Јужна Африка трајно да го закопа во минатото. Сите светски политичари го ценеа како личност и се воодушевуваа од неговото животно дело. И во смртта тој ги собра на едно место и ги обедини барем на еден начин, во нивните реакции по повод неговото заминување од овој свет, а во врска со тоа што се тој направи за светот и човештвото. Така, Барак Обама на одржаната комеморација за Нелсон Мандела ќе истакне дека светот го загуби еден од највлијателните, најхрабрите и најдобрите луѓе. И самиот ќе истакне дека тој е еден од безбројните луѓе што ги инспирира Мандела.

Ништо помалку воодушевени од животот, борбата и делата на Мандела не беа и неговите претходници. За Џорџ Буш, Мандела беше еден од најголемите борци за слобода и еднаквост, кој многу ќе му недостига на светот, но според него, неговите дела ќе живеат вечно. Бил Клинтон истакна дека живееме во подобар свет токму поради Нелсон Мандела. Дејвид Камерон, поранешниот премиер на Велика Британија ќе потврди дека тој е вистински глобален херој, Ангела Меркел, ќе истакне дека бил симбол на борбата против угнетувањето на народите, а за Франсоа Оланд, поранешен претседател на Франција, Мандела е неуморен борец против апартхејдот што ја создаваше историјата на Јужна Африка и на целиот свет.

Тие и останатите тогашни светски лидери во еден глас ќе изјават дека Нелсон Мандела не беше само клучот за транзицијата на Јужна Африка во демократска земја каква што е денес, туку тој е и олицетворение на борбата против расизмот, политичкото насилство и нетолеранцијата. Според нив Мандела претставува правда, слобода и почитување на човековите права, истакнуваат дека тој не научил на големата лекција за помирување, политичка транзиција и социјална трансформација.

И јас навистина мислам дека само човек со длабока хуманост, морален интегритет и вистински огромен авторитет, кој поседува јасна визија за иднината на својата земја и светот, каков што е Нелсон Мандела, може да го постигне сето тоа што го направи за време на својот живот, а светските лидери го истакнуваат по повод неговата смрт. Можеби во изјавите највпечатлив беше генералниот секретар на Обединетите Нации кој за Мандела рече дека бил силен човек кој живеел силен живот и дека Јужна Африка со неговата смрт изгуби херој и татко. Херој на слободата и татко на нацијата. Но, Бан Ки Мун истакна дека Мандела беше повеќе од еден од најголемите лидери на нашето време. За него тој е и најголем учител. Човек со највпечатливо сочувство, борец за правда кој се лутеше на неправдата, но не на индивидуалци. Имаше доблест и моќ да ја покаже моќта на простувањето, а тоа беше најголемиот триумф на Мандела, но и триумф за сите кои некогаш искусиле предрасуда. На крајот лидерот на Светската Организација ќе посака да бидеме водени и инспирирани  од духот кој Мандела го разбуди во сите нас.

Но, јас прашувам каква е реалната ситуација на планот на лидерството во Европа, па и во целиот свет, тогаш кога почина Мадиба, а и денес? Се согласувам дека Нелсон Мандела навистина е најголемата икона на 20от и 21от век. Исто така, неспорно е дека тој е најголемиот борец за правда, демократија, слобода и човекови права. Но имам дилема за тоа дали лекцијата на Мандела вистински е научена од европските и светските лидери. Се плашам со смртта на овој великан да не се закопаа и вистинските идеали на европската и светската политика и суштинските вредности кои треба да ја карактеризираат таа политика.

Дејвид Камерон има право да истакнува дека Мандела беше исклучително добар политичар, Франсоа Оланд навистина може да потврдува дека Мандела беше неуморен борец против апартхејдот и дека го победи со својата храброст, упорност и постојаност. И верувам на Ангела Меркел дека таа и нејзината земја се во тага и дека таа навистина мисли дека името Мандела секогаш ќе биде поврзувано со борбата против потчинувањето на народите и со борбата која го победи режимот на апартјехдот. Сакам да верувам во искреноста на Мартин Шулц, претседателот на Европскиот Парламент, кога изјави: “Збогум Мадиба, вашата борба живее во срцата на милиони“. Навистина сакам да верувам во сето ова што европските и светските лидери го изјавија.

Сепак, мене ме плашат овие европски и светски лидери, а особено не им верувам на нивните наследници. Чинам дека во нивните изјави има многу лицимерие и неискреност. Не може Ангела Меркел да го велича Нелсон Мандела, а за мултикултурализмот во Германија да вели дека е неуспешен проект. Се прашувам каква порака е тоа за државите на Балканот? Каква порака е тоа за Македонија и сите нас кои во неа градиме мултикултурен соживот. Дали е тоа визионерство на европски лидер? И можеме ли за нејзиниот наследник да кажиме дека е лидер?

Може Франсоа Оланд да го велича Нелсон Мандела за победата врз апартхејдот колку сака, и тоа навистина е добро, но, дали е морално тој да продава модерно оружје во огромни количини на нашиот јужен сосед Грција, а во исто време, како лидер на една моќна европска држава, практично ништо да не прави за да го спречи фашистичкото дивеење и нацистичките пораки на една политичка партија застапена во Парламентот на Грција. Каде е тука неговата улога на европски лидер? Уште повеќе, каков лидер е Макрон кон ладнокрвно и сурово со “француски предлог“, уценува една нација и и ги одзема јазикот и историјата според желба на членка на ЕУ?

Истото можам да го констатирам и за останатите светски лидери како што се Бил Клинтон, Џорџ Буш, Барак Обама, Дејвид Камерон, Бајден и другите. Се прашувам зошто дозволија во Руанда да се случи двоен геноцид. И врз племето Тутси, но и врз племето Хуту. Да не одам толку далеку, ништо подобра не е работата и со случувањата на Балканот.

Зошто беа бомбардирани Белград и Србите? Зошто и во Босна и Херцеговина, и во Хрватска, и на Косово се примени логиката и идејата “нов Нинберг“, значи технологијата на “злочин и казна“, а не логиката и идејата на Нелсон Мандела “злочин и признание“, кое неминовно доведува до простување и помирување? Нелсон Мандела се избори иднината на Јужна Африка да не биде потчинета на грозното минато.

А што направија светските лидери со Балканот? Едноставно, дозволија омразата и сеќавањето за злото да го инфицираат балканот со логиката за нов Нинберг (Хашкиот Трибунал) и да го охрабрат истиот тој Балкан да живее во минатото. Зошто на Балканот мора да биде се подредено на интересите на големите сили, а и покрај постоењето на Хашкиот Трибунал да останиме без правда и без заедничка иднина. Со голема жалост можам да констатирам дека Европа не изнедри великан како Нелсон Мандела, а нејзините лидери не успееаја да ја научат најголемата и најважна лекција од Мандела.

Токму затоа Kофи Анан е во право кога рече дека Нелсон Мандела беше морален компас на човештвото. Пред 9 години ттој си замина во некој подобар свет, а овој нашиот остана без вистински лидери?

Сотир Костов

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Еден Стpaтег, една Струмичка Барбика и немopaлна…

Колумната е кратка приказна за селските и…