Нема да брза, да не ги налути соседите: Ковачевски прво ќе собира информации за бугарскиот клуб во Битола, па после ќе се знае дали ќе преземе некакви чекори

t

Премиерот Димитар Ковачевски денеска најави дека идната недела ќе се знаат чекорите што евентуално ќе бидат преземени во врска со регистрацијата на здружението на граѓани „Ванчо Михајлов“ во земјава и отворањето на културниот центар под тоа име во Битола. Претходно, нагласи Ковачевски, сите аспекти на ова прашање ќе бидат разгледани, по што ќе биде донесена одлука за натамошните чекори.

– Во однос на самото здружение кое е регистрирано, тоа подлежи на регистрација врз основа на законските прописи во државата. Нормално е дека како Влада ќе ги собереме сите информации кои се потребни во однос на регистрација на здруженија на граѓани. Во однос на користењето на имињата веќе имаше и од правни експерти одредени изјави и кога ќе ги добиеме сите информации идната недела ќе ве информираме за натамошните чекори, изјави премиерот во одговор на новинарско прашање по извршениот увид во отпочнување на градежните работи на спортската сала „Наум Наумовски – Борче“, поранешна „Партизан“, во Општина Карпош.

Според него, настанот на отворање на овој центар во саботата претставува, како што нагласи, ништо повеќе од провокација, бидејќи ги буди духовите од минатото, со оглед на тоа што се работи за личност која била соработник и на Германија на Хитлер и Италија на Мусолини, но и НДХ на Павелиќ.

– Со тоа воопшто таа личност не може да биде мост за иднината на пријателство помеѓу двата народи и како мост за европскиот пат на државата. Овој настан преставува единствено провокација, која што не води во насока на подобрување на односите и во финализирање на еден успешен дијалог со постигнување на договор којшто договор ќе значи брзо отворање на преговорите на Република Северна Македонија со ЕУ, истакна македонскиот премиер.

Ковачевски смета дека ние со соседните држави треба да градиме мостови на пријателство, треба да гледаме кон иднината.

– Доколку се навраќаме на личности од минатото за кои има различно мислење во различните држави, а според она што вие го кажувате има различни мислења, тоа нема да биде во ничија корист и само ќе влијае на лоши односи помеѓу граѓаните и помеѓу двете држави. Ние сме држава која што е определена за членство во ЕУ и која што низ дијалог тоа планира да го направи и се разбира дека сите земји членки на ЕУ треба да ја одобрат преговарачката рамка на Република Северна Македонија што е можно поскоро, истакна Ковачевски.

Со Бугарија, потенцира премиерот, решението треба да се бара и да се базира врз основа на европските вредности, на задржување на достоинството на граѓаните на двете држави, на нивна заемна почит, но и почит помеѓу политичарите, така и сите институции и во Република Бугарија и во Република Северна Македонија.

– Доколку решението и разговорите не ги водиме на тие принципи тогаш е многу тешко да се дојде до решение. Се надевам дека постои простор да седнеме и на база на такви принципи да ги водиме во иднина разговорите, рече премерот Ковачевски.

Прашан за коментар за изјавата на бугарскиот претседател Румен Радев дека македонската историја се темели на лагите на комунизмот, а не на историски факти, премиерот истакна дека не ја видел.

– Јас не сум ја видел изјавата, меѓутоа Република Северна Македонија има свој јасно дефиниран државен статус и сите граѓани во неа имаат свој јасно дефиниран идентитет што е определен со јазикот на граѓаните, кои што сите живеат нормално во неа, македонските граѓани со македонскиот јазик и идентитетот на македонските граѓани согласно со сите атрибути на идентитетот на граѓаните, како што се и етнографски и антрополошки итн., и тоа е нешто што не може никој да го коментира, бидејќи тоа е право, чувство на секој граѓанин и тоа е дел од достоинството на секој еден граѓани во светот, вклучително и на нашите македонски граѓани, рече Ковачевски.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Ковачевски: Техничката влада е дефинирана со закон,…

 Техничката влада е дефинирана согласно закон и…

СДСМ ЌЕ ИМА СВОЈ ПРЕТСЕДАТЕЛСКИ КАНДИДАТ Ковачевски…

Ковачевски изјави дека на вечерашната седница на…

Ковачевски: Техничката Влада е законска обврска за…

Премиерот и претседател на СДСМ Димитар Ковачевски…

Ковачевски во Виена: Економската соработка и интеграција…

Економската соработка и интеграцијата на земјите е…

Срдечна средба на Ковачевски со Александар Сорос

Премиерот Димитар Ковачевски на маргините на Парискиот…