Ковачевски: Техничката влада е дефинирана со закон, секое импровизирање може да фрли дамка врз целиот изборен процес

t

 Техничката влада е дефинирана согласно закон и точно се знае кој предлага министри. Законска обврска е и најголемата опозициска партија, ВМРО – ДПМНЕ да предложи министри и заменици во предвидените министерства, во спротивно, тоа ќе стави дамка на целиот изборен процес, истакна денеска премиерот Димитар Ковачевски.

По презентацијата на нова апаратура за генетско испитување при МАНУ, прашан за можноста во техничката влада да има министри и од албанската опозиција, Ковачевски нагласи дека согласно законот точно се знае кои министерства ќе ги предводи парламентарното мнозинство, а кои од најголемата опозициска партија.

Тоа, како што нагласи, значи дека од партијата ВМРО-ДПМНЕ треба да предложат министри во Министерството за внатрешни работи и Министерството за труд и социјална политика, а власта да предложи дополнително заменици министри во овие министерства.

– Од ВМРО-ДПМНЕ треба да предложат дополнителен заменик-министер во Министерството за финансии, во Министерството за земјоделство и во Министерството за информатичко општество и администрација. Ова се работи коишто се дефинирани согласно со закон, подвлече Ковачевски.

Во однос на тоа дали ВМРО – ДПМНЕ ќе предложи министри и заменици за техничката влада, тој повтори дека тоа е законска обврска исто како што е законска обврска и претседателот на Владата да поднесе оставка 100 дена пред одржување на изборите.

– Тоа е законска обврска, како што е законска обврска на 100 дена пред одржување на изборите претседателот на Владата да поднесе оставка. Јас ќе ја исполнам мојата законска обврска исто како што и другите претседатели на влада пред тоа ја исполниле својата законска обврска, и како што другите политички партии пред тоа ја исполниле својата законска обврска. Сметам дека не постои причина во овој случај ВМРО-ДПМНЕ да не ја исполни својата законска обврска, бидејќи тоа предлагање произлегува од Закон за Влада и од Закон за избори, изјави Ковачевски.

Доколку опозициската ВМРО – ДПМНЕ не учестува во техничката влада, според него, тоа става само една дамка на целиот изборен процес. 

– Ние од 2016 година наваму имаме изборни процеси коишто се од сите оценети како исклучително демократски и од ОБСЕ/ОДИХР и од меѓународните партнери, од меѓународните организации, така што сметам дека не постои никаква пречка или причина тоа да не биде направено и Северна Македонија на 24 април и на 8 мај да има демократски избори на коишто граѓаните ќе ја изразат својата демократска волја, додаде претседателот на Владата.  

Секое импровизирање кога се реализираат законски одредби, нагласи, може да фрла дамка врз целиот процес . Сепак, се работи  за влада која што треба технички да ги подготви изборите во 100 дена.  

Премиерот Ковачевски посочи и дека има координација со коалициските партнери, но и дека со сите останати политички партии во Собранието, како што рече, имале успешна лидерска средба на која со најширок консензус било договорено дека ќе има избори на 24 април и на 8 мај. 

-Ден пред одржување на седницата на Претседателството на ДУИ јас имав интервју за МРТВ во кое што кажав дека не сме разговарале, меѓутоа тоа не значи дека после моето интервју не сме разговарале и дента пред да се одржи седницата на претседателството на ДУИ. Што значи дека – да, јас со коалициските партнери имам координација исто како што имавме координација со сите останати политички партии во Собранието и имавме успешна лидерска средба на која што можевте да видите дека со најширок можен консензус беше договорено дека ќе имаме избори на 24 април и на 8 мај, дека Изборниот законик, координаторите на пратеничките групи ќе го поднесат во Собранието во којшто се имплементирани забелешките на ОБСЕ/ОДИХР и дека воопшто не стана збор за укинување на техничката влада со оглед на тоа дека се работи за многу краток период пред изборите и доколку за такво нешто се разговара ќе треба да се разговара за некои наредни избори, истакна Ковачевски.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Села: Прво уставни измени па формирање влада

Лидерот на Алијанса за Албанците Зијадин Села…

Бектеши: Не влегуваме во влада која нема…

Европскиот фронт има договор со албанската опозиција…

(Видео) Јакимовски: Мој услов за да дадам…

Доколку Јакимовски биде шеф на државата нема…

ФИНКИ нема зграда, учиме пред Влада –…

Студентите и професорите на ФИНКИ пред Владата…

Бугарија ќе добие нова Влада: Марија Габриел…

Бугарија ќе добие нова Влада. Идната бугарска…