„Неможно е да е виновен“: Одбраната на директорот на ДЗС, Максути тврди дека не може да одговара за пожар во приватен објект
Со воведни зборови на одбраната во судницата во Идризово денеска продолжи судскиот процес за трагедијата во „Пулс“.
Одбрана на Беким Максути.
Во конкретниот случај расправаме за една катастрофална трагедија, но оваа трагедија треба да има вистина за нејзиното настанување и правда за оние кои имаат било каков допринос во истата, но и правда за оние кои под мотивот на системски пропусти се најдоа во оваа постапка без конктерни дејствија на сторување.
Во текот на оваа постапка ќе ви укажеме на кои правни моменти од аспект на кривичниот законик ќе се осврнеме и ќе ви докажуваме во однос на Беким Максути и во однос на кој фактички моменти ќе ви докажуваме дека нема дејствија за вина.
Правната квалификација која се става на товар на Беким Максути е казнива по членот 292 како потешка последица за дејствија кои како реални дејствија на можно сторување се предвидени во одредбата од член 288. Одредбата од 292 за тешката последица не е спорна во однос на евентуален сторител, ниту одредбата од 288 став 3 дека она за што расправаме како настан е случено на место каде се собираат повеќе луѓе исто така правно не е спорно, но за да дојдеме до одредбата од 288 став 3, судии, ќе ви укажеме на правните елементи, односно дејствија од одредбата од член 288 став 1 или став 2, за кои може да се одговара по ставот 3.
Одредбата од чл. 288 од КЗ ги предвидува општоопасните дејствија кои се инкриминирани за предизвикувачот, па започнува со пожар, експлозија и не би ги набројувал другите затоа што расправаме за пожар настанат во објектот Пулс во Кочани. И ставот 1 вели „тој што со пожар ќе предизвика последици од ставот 2, ставот 3 или член 292“. Судии, вистината во ова обвинение е дека за тој што го предизвика пожарот немате обвинение. Делумно оправдано, затоа што во точка 11 од ова Обвинение, неспорно се утврдува кој и со што го предизвика пожарот. Тоа е непромислено однесување според обвинението на две лица, од изведувачот на таа вечер, но за начинот на изведување и за употребата на средства знаеше целата група.
За жал не можам да кажам дека тој што го предизвика пожарот ја доби казната. Не можам да кажам ниту дека ја плати цената, затоа што ќе докажеме дека непромисленост, недозволеност на употреба на пиротехнички средства во затворен простор, е причина за пожарот. Ќе докажеме дека тоа е лекомисленост на оние коишто тоа го предизвикаа затоа што нивната непромисленост ја платија на најгрубиот можен начин, со губење на своите животи. Но, ќе докажеме, што е факт, дека не само губењето на своите животи, тие со себе повлекоа и повеќе од 50 недолжни лица, кои исто така го изгубија животот, повлекоа и безмалку 200 лица кои се здобија со повреди. Она што на правен план ќе ви го докажеме е дека во однос на членот 288 став 2 за дејствија коишто се предвидени во овој став не може да одговара службено лице. По ставот 2 одговара службено или одговорно лице. Но, каде и за што може да одговара службено, а каде одговорно лице? Теоријата на овој обвинителен акт дека службено лице може да одговара за она што е пропишано во ставот 2 како дејствија на извршување е невозможно. Дејствијата на извршување во ставот 2 почнуваат со „лице кое нема да постави пропишани уреди за заштита од пожар“, да, може да одговара службено лице доколку во институцијата со која управува не ги поставило овие уреди. Но службено лице не може да одговара за ниту една друга институција, правен субјект, во сопственост на некој објект или во нашите домови или колективни згради за домување.
Вториот облик на дејствие во ставот 2 е „лице кое овие уреди не ги одржува во исправна состојба“, повторно, тоа може да биде лице кое владее, користи или располага одреден објект. Овде станува збор за пожар во приватен објект. Како може Беким Максути како службено лице да одговара за тоа дали некој некаде уредите ги одржувал исправни?
Третиот облик за кој ќе ви докажуваме дека не може да биде сторен од Беким Максути е „или во случај на потреба не ги употреби средствата за противпожарна заштита“. Повторно статусот на службено лице на Беким Максути ќе ви докажеме дека во оваа насока нема никакви елементи на дејствие на сторување, ниту пак елементи на причинско-последична врска од неговата функција, директор на ДЗС во одреден период.
Во однос на фактичката состојба која ќе ја докажуваме за Беким Максути, обвинението наведува дека овој обвинет „заеднички и со особен придонес во извршување на делото“, но кое е дејствието кое ова обвинение од точка 6 за Беким Максути смета дека има негов придонес? Од 2009 година нема инспектор на ДЗС во Кочани. Ќе ви докажеме дека и денеска нема. Но тоа не е причина ниту за настанување на пожарот, ниту има каузална или причинско-последична врска од таа негова функција со овој пожар. Она што сака Обвинителството со овој обвинителен акт да ве убеди, е дека постапил прво спротивно на чл.68 од Законот за заштита и спасување. Овој член вели дека „ДЗС ги проверува плановите за урбанистичко планирање и дали истите се согласно со сите потреби за заштита и спасување на граѓаните“. Плановите за урбанистичко планирање не се на ДЗС, тие планови ги донесува сосема друга институција. И ќе ви докажеме дека со оваа одредба која ги предвидува неговите надлежности е дека ДЗС како институција, но не директорот, врши проверка на проектна документација за проектирање и изградба на објекти. Ќе ви докажеме дека овој објект е изграден во периодот од 1999 до 2001 година, ќе ви докажеме дека ДЗС постои од 2005 година. План за проектирање и изградба на овој објект поради непостоење на ДЗС не можел да биде доставен до истите. Но, ќе ви докажеме, а сметам дека според обвинението и изготввеното вештачење на обвинителството за странките е неспорно, но судот одлучува, дека до ДЗС никогаш не е доставена проектна документација за објектот на кабаре Пулс во Кочани.
Но, она што е обврска на ДЗС, а посебно на директорот, е да постои план, годишен, кој треба да се достави до инспекцискиот совет. Ќе ви докажеме дека директорот ниту го изготвува, ниту одобрува, ќе во докажеме дека инспекцискиот совет овие планови коишто согласно Закон се доставени, ги има прифатено во периодот додека е директор Беким Максути. Ќе ви докажеме и тоа со законски одредби, дека согласно чл. 141 од Законот за заштита и спасување, ДЗС пред се по службена должност води грижа за високоризични дејности од хемиска индустрија со запалливи материјали и индустрија со експлозивни материјали. Ќе ви докажеме дека согласно одредбата од чл.139 која се става во делот од диспозитивнот на ова обвинение, за обвинетиот Беким Максути е дека „надзорот врз основа на овој закон го врши дирекцијата“. Но кој? Инспекторите. Согласно планот одобрен од инспекцискиот совет. Плановите во времето на Беким се прифатени и одобрени од Инспекцискиот совет и извештаите годишни за преземените обврски се прифатени. Но, овде не гледам каузалитет да ако се тврди дека постои за Беким Максути, постои и за оние коишто тоа го потврдуваат и одобруваат за работењето на институцијата во која тој раководи во одреден период.
Господа судии, теоријата на случај која се обидува да ја докаже обвинителството е „системски пропусти на институции и државни службеници“, но кој е системот? Јас, вие господа судски совет и овде присутните државни службеници се извршители на законите кои ги донесува системот, а во извршувањето на тие закони кога постапува по истите Беким Максути, не можеме да зборуваме дека тој како зивршител е системот. Правилата на негово постапување изнесени во законот ги донесе некој друг, законодавниот дом којшто со таканаречената регулаторна гилотина во 2008 година за да ги олесни постапувањата на институциите и деловните објекти, ги донесе овие скратувања во права и обврски и на ДЗС и почитувањето на тие законски обрвски кои му ги наложи законодавецот, а за кои закони можеме да се согласуваме дека се добри или не се добри, можеме да се согласуваме или не дека како такви би сакале да ги прифатиме, мораме да ги применуваме, а законот вели дека „ДЗС постапува по годишниот план одобрен од инспекцискиот совет по доставени проекти согласно чл. 68 кои мораат да содржат и проект за заштита и спасување, а се доставуваат преку општините пред издавање на одобрение за градење, или да постапува согласно одредбата од ч. 139 Б, по иницијативи за поведување на инспекциски надзор“. Ќе ви докажеме дека иницијатива за вршење на инспекциски надзор во кабаре Пулс Кочани никогаш не е доставено до ДЗС. Ќе ви докажеме дека согласно Законот за заштита и спасување угостителските објекти не се од примарно значење за вршење на инспекциски надзори по службена должност и со тоа ќе ви докажеме дека каузалитет за ова што се случи како трагедија девет месеци по престанувањето на функцијата на Беким Максути, нема ниту еден факт за причинско-последична врска и негов било каков допринос за оваа трагедија за да може да опстојува во ова обвинение и овој диспозитив.
На обвинителна клупа седнаа 37 обвинети – 34 физички и три правни лица, меѓу кои сопственици, управители, инспектори, поранешни градоначалници, обезбедување и државни службеници. Тие се товарат за тешки дела против општата сигурност поради пропусти што директно довеле до трагедијата.
Паралелно со главниот процес, тече и посебна постапка против полициски службеници за давање лажни уверувања и дозволување на работа на дискотеката без исполнети минимално-технички и безбедносни услови. Изминатата недела Обвинителството отвори постапка и против група вработени во УЈП осомничени за мито и злоупотреби поврзани со истиот случај.
Процесот го води судечки совет чиј претседател е судијката Диана Груевска Илиевска.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
„Неможно е да е виновен“: Одбраната на…
Со воведни зборови на одбраната во судницата…
Одбраната на Џафероски: „Да не дозволиме неправедно…
Со воведни зборови на одбраната во судницата…
Салиу за мајка на починато дете во…
Со воведни зборови на одбраната во судницата…
Трагедија во Мароко: Се урнаа две згради,…
Најмалку 19 лица загинаа, а 16 се…
Продолжува судењето за „Пулс“: Градежниот инспектор Георгиев…
Со воведни зборови на одбраната во судницата…