Несими: Нема Албанец што би преговарал за идентитетот, не се обрнува внимание на врховизмот во земјава

t

За потеклото на спорот што Бугарија ѝ го наметна на Македонија, за тоа какви може да бидат последиците врз земјата и врз македонскиот идентитет, за поместувањето на сферите на влијание внатре во ЕУ по заминувањето на Меркел, сѐ заедно во контекст на интензивираните средби меѓу новите премиери на Македонија и Бугарија, разговаравме со Махи Несими, дипломат, публицист, аналитичар, едно време и партиски лидер, но и долгогодишен новинар, лани добитник на државната награда „11 Октомври”. Го прашавме и, како Албанец, како го коментира и го доживува овој спор, можни ли се последици врз Албанците и дали Бугарија, всушност, има територијални или други претензии и кон Албанија. Вели, нема Албанец што би преговарал за националниот идентитет. – Пишува МКД мк.

Се случија најавуваните средби на новиот македонски и новиот бугарски премиер, кој пак, веднаш ја најави потребата од посилна економска соработка, па и од отворање авионска линија меѓу Софија и Скопје. И македонската страна како да ги потенцира тие проблеми, наспроти „вистинскиот”, поради кој Бугарија ѝ стави на Македонија вето во ЕУ. Каков е Вашиот коментар?

-Очигледно е дека постои голема разлика во нивото на дипломатијата помеѓу нашата земја и Бугарија. Впрочем, тоа е општо познато и нема потреба од понатамошно елаборирање. Од наметнувањето на проблемот, бугарската дипломатија силно го освојуваше теренот. Без оглед на „притисокот на нашите пријатели”, таа постојано беше во акција и перманентно изнесуваше предлози, кои македонската страна ги прифаќаше без проблем. Искусната бугарска дипломатија сигурно дека најпрофесионално ги анализирала разговорите на историчарите и од тоа извлекла соодветни заклучоци, кои им служат за обликување на дипломатијата што во иднина ќе ја води владата на премиерот Петков. Всушност, таа нова дипломатија произведе нов пристап, нагласувајќи ja економската соработка како многу значаен сегмент.

Тој е значаен, но попречувањето на одот на Северна Македонија кон ЕУ не е резултат на недоволната економска соработка. Македонската страна досега е во целосна дефанзива. Не изнела никаков предлог, напротив, прифатила или се согласила со седум-осум предлози или барања на Бугарија, од кои некои се потценувачки.

Бугарскиот премиер Петков зборува за рок од шест месеци за да се дојде до решение по кое Софија би го тргнала ветото за Македонија. Дали рокот е мамка за македонската страна да побрза со отстапки и дали тоа што Софија го прифати краткото име Северна Македонија „фрли” нова мамка за посуштински отстапки од Скопје?

– Нашите политичари изразуваат задоволство од тоа што Бугарите се согласни со прифаќањето на нивното барање. Што да се каже повеќе на оваа тема? Значи тој нешто барал, ти со тоа си се согласил и тоа ти чини задоволство. Па кој поентирал во овој случај?

Како го оценувате уделот во надворешната политика што го има ДУИ, односно министерот Бујар Османи, за чие дејствување во поглед на преговорите со Бугарија, доскорашниот учесник во преговорите Никола Димитров изрази стравување дека тој брза со цел да забележи резултат во процесот.

– Крупните, крајно чувствителни, стратегиски прашања за земјата, во овој случај и на нацијата, не е примерно и дозволено да ги водат политичари поставени од одредена партија. Ставовите за такви прашања треба да се изградат од страна на интелектуалната елита на земјата, без оглед на нивните политички определби. Проблемите што се третираат не ги засегнуваат само поддржувачите на власта, туку на целата држава и во овој случај, пред сѐ, на Македонците. Колку што ми е познато, работните групи на македонската страна се составени само од припадници на власта.

Како што се изразивте, македонската дипломатија не гледа стратегиски, или како што ми рековте во муабетот пред интервјуто, не гледа „што има зад планините, туку гледа само во низината”. Дали е кусогледост да се водат вакви преговори со цел да се излезе од чекалницата на ЕУ?

– Чекорењето кон ЕУ ние го започнавме во 2005 година заедно со Хрватска. Во тоа време служев како амбасадор на Република Македонија во Загреб. Во 2013 година Хрватска стана полноправна членка на ЕУ. Ние сѐ уште не сме почнале со преговорите. Имам впечаток дека со членството на Хрватска во ЕУ е заокружена заедничката желба на сите земји-членки за проширувањето. Сосема јасно ова нема да го каже ниту една земја-членка, но работите по сѐ изгледа дека се движат во таа насока. Договорот од Преспа (со познатата содржина) можеше да се донесе и порано. Земјите со влијание можеа да вршат притисок на двете страни, а ниту една немаше сила да се спротивстави.

Наводната несогласност и цврст став на Груевски за непромена на името е прикаска за мали деца. Но во втората половина на 2019 година се појави Франција на чело со Макрон, со нова методологија за оценување на спремноста на земјите-кандидати за прием. Со тоа стана јасно дека нѐ чека долга и макотрпна работа. Со оглед дека барањето на Франција беше апсолвирано, во декември 2020 година на сцена стапи Бугарија.
Во овој контекст неминовно треба да се потсетиме на изјавата на Ангела Меркел на 5 јули 2021 година што гласи „освен во Франција и Холандија, дискусии за проширувањето на ЕУ се водат и во Германија (…) Конференцијата за иднината на Европа треба да го даде одговорот на прашањето: „Кога ЕУ повторно ќе биде подготвена за проширување”. Sapienti sat!

Без оглед како ќе се одвиваат разговорите со Бугарија, не знам колку нашата дипломатија ги следи и ги толкува настаните во самата ЕУ. Познато е дека со заминувањето на Меркел Франција настојува да стане земја со главен авторитет. Оската Германија – Франција веќе се поместува. Се настојува главни партнери да бидат Франција и Италија. Затоа на 26 ноември минатата година (значи пред преземањето на претседателствувањето со ЕУ) во палатата „Кривинале” во Рим беше Емануел Макрон и со Марио Драги потпишаа Договор помеѓу Франција и Италија за целосна заедничка соработка меѓу тие две земји. Значи, се настојува да се создаде нова оска на водечката улога во ЕУ. Што значи тоа за Западен Балкан останува да го анализираат државните структури на нашата земја, ако воопшто се преокупираат со подлабоки стратегиски анализи.

За жал, во нашата земја дефилираат државници од земјите на поранешните источни комунистички земји со дискутабилен авторитет во самата ЕУ. Тоа е суштината на констатацијата дека македонската дипломатија не гледа стратегиски, не гледа „што има зад планините, туку гледа само во низината”.

Дали договорот од Преспа беше кусогледост во поглед на државните интереси и особено во поглед на зачувувањето на идентитетот на македонскиот народ?

– Прашањата што се предмет на разговорите со Бугарија се многу посериозни и почувствителни. Се увиде дека брзоплетоста на потпишувањето на договорот за добрососедство со Бугарија (точно два месеци по изборот на Зоран Заев за премиер), за жал, ни донесе сериозни главоболки. Сметам дека во реченицата на основните принципи: „Имајќи ја предвид заедничката историја, која ги поврзува двете држави и нивните народи” требало да се додаде текст: до распадот на Отоманската Империја или до формирањето на државата на Србите, Хрватите и Словенците, односно до први декември 1918 година”.

Ќе се согласите ли дека суштината на спорот што го наметна Софија има крајна цел да ја реализира Санстефанска Бугарија, дури и да граничи со Албанија, што е континуитет и на „живковистичкиот” комунистички период. Од каде тоа негирање дека во Бугарија има Македонци? Има ли некаде, има ли на Балканот држава без национaлни малцинства?

– На Балканот нема земја во која нема национални малцинства, без оглед на нивната бројност. Одредени држави од различни побуди и стратегиски интереси таквите граѓани ги именуваат според своите желби. Ист е случајот и со Грција.

Како долгогодишен новинар, но и човек со стаж во политиката, разбирате дека треба и уште повеќе да го разбудиме интересот на читателите. Па, прашањето е: дали Вие како Албанец би се согласиле за идентитетот на албанскиот народ и за посебноста на албанскиот јазик да се преговара внатре во Македонија или пак, Албанија да преговара со некоја соседна држава? Па макар тоа било заради зачленување во ЕУ?

– Направивте доста долг вовед за сосема краток и дециден одговор. НЕ и повторно НЕ.

Што мислите дека би кажала официјална Тирана, кога на пример, некоја држава во евентуално наметнат спор би се послужила со некои непризнаени теории дека Албанците имаат српско или некое друго потекло или пак, дека се дојдени од Азија, а дека албанскиот јазик потоа е вештачки создаден?

– Не само Тирана, туку ниеден Албанец, апсолутно, ниту минута не би седнал да разговара на таква тема.

Каква би била последицата за Албанците во Македонија кога власта би направила отстапки до такви размери со што би бил нагризен македонскиот идентитет?

– Убеден сум дека нема да се доведеме до таква сложена ситуација со несогледливи последици чиј крај не може да го предвиди никој, апсолутно никој.

Едно време бевте и лидер на Партијата за демократски просперитет, партија што не го оспоруваше македонскиот идентитет и што имаше разбирање за ставовите на Владата во тогашните преговори со Грција и не вршеше притисок да се направат отстапки со името на Македонија или со идентитетот на Македонците. Како ја коментирате изјавата на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, дадена по средбата со бугарскиот премиер Кирил Петков, дека не е доволно запознаен со проблемот на македонското малцинство во Бугарија и дека тој нема проблем во македонскиот Устав како заедница да се вградат Бугарите. Колкаво е влијанието на ДУИ врз надворешната политика?

– Кога избувна проблемот со Грција, во 1993 година, јас лично, нормално, од името на ПДП, одржав конференција за печатот, при што кажав дека барањето на Грција го сметаме за апсурдно. Ние издадовме и соопштение од името на сите структури на партијата, кое е објавено во медиумите. Ова ми е многу – многу добро познато бидејќи соопштението го формулирав лично, нормално, во соработка со други колеги. Ние немавме свој предлог, но не се согласувавме со барањето на Грција.

Изјава на Ахмети е жална, и политички неписмена. Што се однесува на прашањето за вклучување на Бугарите во Уставот морам да кажам дека такви изјави имаат дадено и други актуелни политичари, кои воопшто не се свесни што се крие зад таквото барање на Бугарија. Всушност, луѓето што така лесно се согласуваат со такви барања немаат никакви политички капацитети, оттука и немаат претстава што значи тоа за иднината на Република Северна Македонија. За жал, таквите денес ја водат Владата и целокупната политика на државата.

Што значат изјавите на Еди Рама и на Илир Мета дека Албанија и Македонија не треба да бидат раздвоени во поглед на добивањето датум за почеток на преговори со ЕУ, и покрај тоа што Тирана стана заложник на овој спор. Добрососедска политика?

– Настанатиот проблем веќе ја вознемирува и Европската Унија и прераснува во стратегиски проблем. Оттука, како понатаму со Албанија и Северна Македонија, останува да одлучат структурите на ЕУ. Мислењата и желбите на двете земји остануваат во нивните политички кабинети, бидејќи немаат капацитет да одлучат за тоа.

Што можат САД или Германија да сторат за да ѝ помогнат на Македонија да го продолжи евроинтеграцискиот процес?

– Веќе одговорив погоре, во делот каде што ја спомнувам изјавата на Ангела Меркел.

И уште едно прашање – сигурно ги читате реакциите на македонските друштва и на македонската партија од Албанија, а кои обвинуваат дека Бугарија вложува и напори и пари за да ги асимилира Македонците што се староседелци во Албанија. Досегнуваат ли бугарските аспирации и внатре во територијата на Албанија?

– Гледано во перспектива, проблемот е многу сериозен, но изгледа дека македонските власти се однесуваат несериозно…

И сосема на крај, сакам да нагласам, иако Вие тоа не го поставивте како прашање: дали македонските власти имаат доволни показатели за присуство на врховизам во нашата држава? Бугарските власти стратегиски сигурно дека сметаат на тој фактор. Ова е само како „гледање зад ридовите и планините”.

 – Напиша Панта Џамбазоски за МКД мк.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Урнебесно – Само во Бугарија: Жена паркираше…

Постара жена го „слетала“ автомобилот на друг…

Грците и Бугарите живеат најскромно од цела…

По десет години „финансиско чистилиште“, Грците конечно…

„Шпигел“: Во Бугарија откриено складиште за оружје…

Бугарските истражни органи откриле складиште со оружје…

Бугарија од утре официјално е членка на…

Бугарија официјално стана членка на Шенген просторот…

Албанец им зел 11.000 евра за да…

Педесет и седумгодишен жител на тетовско село,…