Нетанјаху: Нападот на Рафа ќе се случи без оглед на договорот
Премиерот Бенјамин Нетанјаху изјави дека Израел ќе започне инвазија на градот Рафа во јужниот дел на Газа, без оглед на преговорите за примирје со Хамас.
Ваквата негова изјава доаѓа во време на тековните обиди да се постигне договор за прекин на огнот и ослободување на заложниците, пишува „BBC“.
Но, на состанокот со роднините на заложниците, Нетанјаху рече дека ќе изврши инвазија „со или без“ договор.
Неговите коментари следат по обновените предупредувања од страна на САД против инвазија на Рафа, без притоа да се обезбеди план за заштита на цивилите.
Во телефонскиот разговор со Нетанјаху, американскиот претседател Џо Бајден ја „повтори својата јасна позиција“ за Рафа, се вели во соопштението на Белата куќа. Бајден претходно ја опиша инвазијата на Рафа како „црвена линија“.
Во вторникот, генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш рече дека нападот врз Рафа ќе биде „неподнослива ескалација“, апелирајќи до „сите оние кои имаат влијание врз Израел да направат се што е во нивна моќ за да го спречат тоа“.
Повеќе од половина од 2,5 милиони жители на Газа се во Рафа, откако побегнаа таму за да ги избегнат борбите во другите делови на територијата. Условите во пренаселениот град се страшни, а раселените луѓе таму се соочуваат со недостаток на храна, вода и лекови.
Палестинскиот претседател Махмуд Абас во понеделникот рече дека инвазијата на Рафа ќе биде „најголемата катастрофа во историјата на палестинскиот народ“.
Израелски извори за новинската агенција Ројтерс во понеделникот информираа дека плановите за напад на Рафа ќе бидат прекинати во корист на „одржлив период на прекин на огнот“ доколку се постигне договор меѓу Хамас и Израел.
Неколку дена претходно, израелскиот министер за надворешни работи Израел Кац изјави за израелската телевизија Канал 12 дека „ако има договор, ќе ја прекинат операцијата“.
Но, денеска Нетанјаху инсистираше на тоа дека војната ќе продолжи додека Израел не ги постигне сите свои цели во Рафа.
„Идејата дека ќе ја запреме војната пред да ги постигнеме сите нејзини цели не доаѓа предвид“, рече тој. Ќе влеземе во Рафа и ќе ги елиминираме тамошните баталјони на Хамас со или без договор, за да постигнеме целосна победа“, се вели во соопштението објавено од канцеларијата на Нетанјаху.
Се вели дека семејствата ги повикале премиерот и неговиот советник за национална безбедност, Цачи Ханегби, да ја продолжат војната и да го игнорираат зголемениот меѓународен притисок.
Сепак, многу од нив јавно демонстрираа владата да се согласи на договор за враќање на нивните најблиски по секоја цена.
Судбината на околу 130 заложници од 253-те киднапирани од Хамас за време на невидениот напад врз Израел на 7 октомври останува непозната. Се претпоставува дека најмалку 34 од нив се мртви. Останатите се ослободени или спасени.
Индиректните разговори се во ќорсокак со недели, иако државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, во понеделникот рече дека се надева оти Хамас ќе ја прифати, како што ја нарече, израелската „исклучително дарежлива понуда“ за примирје.
Меѓувреме, шефот на организацијата за бегалци на ОН предупреди дека претстојната инвазија предизвикува луѓето во Рафа да живеат во состојба на „постојано трауматско стресно растројство“.
„Сè уште не е побарано од луѓето да се евакуираат од Рафа, но постои чувство дека ако нема договор оваа недела, тоа би можело да се случи“, изјави Филип Лазарини за новинарите. Моите колеги на терен опишуваат постојана состојба на траума кај луѓето, вели тој.
Нетанјаху, исто така, ги осуди како „скандал од историски размери“ неодамнешните извештаи, цитирајќи израелски официјални лица, дека Меѓународниот кривичен суд во Хаг би можел да се подготвува да издаде налози за апсење на израелските владини лидери и воени команданти под обвиненија поврзани со војна.
„Сакам да објаснам едно нешто: ниту една одлука, ниту во Хаг, ниту на кое било друго место, нема да и наштети на нашата решеност да ги постигнеме сите цели на војната“, рече премиерот. Израел очекува лидерите на слободниот свет силно да излезат против овој скандалозен чекор, чекор што ќе му наштети на капацитетот за самоодбрана не само на државата Израел, туку и на сите демократии во светот.
Израел никогаш не го ратификувал Римскиот статут, основачкиот договор на МКС, а Нетанјаху инсистираше на тоа дека судот „нема овластување“ над земјата.
Сепак, Меѓународниот кривичен суд во 2015 година пресуди дека има јурисдикција бидејќи Палестинците го ратификувале договорот.
Прес секретарот на Белата куќа, Карин Жан-Пјер, во понеделникот рече дека САД – кои исто така не го ратификувале Римскиот статут – не веруваат дека судот има јурисдикција и не ја поддржуваат истрагата.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Директна закана од Израел: „Брзо да го…
Израелскиот министер за надворешни работи Израел Кац…
Израел објави, 19 повредени во нападот на…
Најмалку 19 лица, вклучително и шест војници,…
Ерусалим пост го цитира иранскиот МНР: ИРАН…
Иран одлучи да го нападне Израел, изјави…
САД ќе испратат борбено засилување на Блискиот…
Американската војска ќе распореди дополнителни борбени авиони…
Нетанјаху се обрати: Граѓани на Израел, претстојат…
Израел ќе одговори со сила на секој…