Објавено на:

Не-вистини и лаги: Мицкоски јасно да каже дали го прифаќа Францускиот предлог

t

Не-вистини и лаги

(краток трактат за еден катастрофален политички наратив)

Однапред знам дека повторно дежурните по занимање бранители на ликот и не-делото на Мицкоски или народски речено подлизурковци, ќе ми приговорат дека пак пишувам за нивното височество лажниот цар Шќепан МАЛИ, а не пишувам за Ковачевски, СДС криминално- забегано и ДУИ. Тоа воопшто не ме засега, особено затоа што таа политичка структура се одржува на власт, исклучиво и благодарение на Мицкоски и неговото раководење со НАШАТА ВМРО-ДПМНЕ преку анти ЕУ и анти САД политички наратив. И тоа се ноторни вистини поткрепени со факти за кои малку би била една колумна само да се набројат, а не пак образложат.

Во меѓувреме ние од внатрепартиската Фракција ќе се бориме да ја демократизираме нашата ВМРО-ДПМНЕ и при тоа да ја обединиме околу вистинските десни и про европски вредности за кои всушност и се залагаше ВМРО-ДПМНЕ уште при своето основање.

Токму од тие причини и оваа колумна е за еден лажлив, но и опасен политички наратив. Опасен за Македонија, за македонскиот народ, за сите граѓани на Македонија, за македонската нација.

Прва сентенца: „Префрлање на одговорноста за неспособноста и криминогеноста на власта врз ДУИ“.

Ваквиот наратив е исклучително опасен и штетен за Македонија. Криминалот нема политичка страна, тој е криминал. Голем или мал е криминал и за него следува кривична одговорност. Копирањето на наративот на Заев кој потполно на ист начин го стигматизираше ВМРО-ДПМНЕ со неговите шарени (до степен на јадење живи луѓе, доколку заборавивте), односно секој оној кој од позиција на член на ВМРО-ДПМНЕ ја бранеше политиката на партијата. Тоа добро го знам од лично искуство, бидејќи сега љубениот „таен“ партнер на Мицкоски, Апасиев беше еден од ликовите со кои расправав пред јавноста токму обидувајќи се да направам дистинкција помеѓу политика и криминал на поединци во политиката. Денес Апасиев во широк круг бега од мене, веројатно му е срам да ме погледне в очи и да признае дека и тогаш како и сега се служел со политички лаги за да оствари лична политичка и лукративна цел. И тоа е така и самиот тој е свесен за тоа и веројатно затоа се партнери со Мицкоски во лагата која им ја прават на македонските граѓани, па дури и заедно се појавуваат на договорени настани како оној во Ваташа. Но, во овој наратив, генерализирајќи го ДУИ како криминална политичка структура, се вметнува уште една поопасна алузија која прераснува во општоприфатено чувство во социјален контекст со етнички предзнак и потенцијал за негативна етнополитичка мобилизација. Тоа е, дека нашите сограѓани Албанци се над законот и дека затоа им е дозволено да крадат. Ова веќе е наратив кој насочува кон отварање на некои затворени прашања. Прашањето за криминал е прашање на личното поведение на секој човек и обврска на институциите за спроведување на законите во Македонија, а не прашање на политичка или етничка припадност на сторителот на кривично дело, што во крајна линија воопшто не е важно, особено затоа што токму тој наратив е дел од примордијалните теории и несомнено е основа за тоталитаристичка идеологија.

Втора сентенца:„Закана дека сите ќе бидат пратени во Идризово (затвор)“.

Според старата римска практика да му се даде на народот леб, игри и крв. Така и низ оваа сентенца нѐ се нуди спроведување на законите преку владеење на правото, туку со политичка одлука и ветување (закана) дека некои ќе одат во затвор, при што, се прави обид за вон правно насочување на незадоволството на граѓаните со однапред донесена пресуда дека некој е за в затвор. Тоа е анти демократски чин и повторно тоталитаристички наратив по принципот „ТАСС е овластен да соопшти“. Се добива силен впечаток дека Мицкоски има намера да се кандидира за Државен јавен обвинител или за судија (со овој наратив како реинкарнација на судијата Линч), а не за премиер или барем шпицен. При тоа се добива впечаток дека тој веќе има оформено сопствени (вон процедура и закон) предмети со посебни сознанија и докази за секого што тој би го ставил в затвор. Штета што новинарите никако да се сетат да го прашаат кој конкретно треба според него да оди во затвор. Како со вакво директно мешање во судската власт и обиди за директно влијание врз истата ќе се врати довербата во судството и обвинителството? При тоа, овој наратив редовно е хипокризичен и со двојни аршини.

Кога сме веќе кај судството и обвинителството, ние како Фракција предлагаме ЕУ да определи „Советодавна мисија на ЕУ за реформи во судството и обвинителството во Македонија“, мисија која ќе започне со работа од први Септември 2023 година и нема да има временско ограничување. При тоа ќе има мандат за директно влијание врз реформите во судството и обвинителството. Многу ме интересира дали владата и опозицијата ќе се согласат за овој предлог и заедно тоа ќе го побараат од ЕУ. Ете тоа би биле вистински чекори кон ЕУ без лажен наратив.

Трета секвенца: „Ставот за бугарскиот диктат е непроменет, но јас сум демократ“

Или, да кажеме поедноставно, водиме инает во врска со влегувањето на бугарите во Уставот на Македонија, при тоа да си шовинист, а во исто време зборуваш дека државата стагнира под оваа власт. Константата на Мицкоски е да одбива секаков компромис со цел Македонија да започне преговори со ЕУ. Всушност тоа е конфузност во позицијата помеѓу чеканот и наковалната, а која позиција ја создаде самиот Мицкоски и која се брани преку наративот за неучество на ВМРО-ДПМНЕ во преговорите околу таканаречениот Француски предлог. Во исто време се зборува за „убавина на демократијата“ преку разговори со аргументи, додек внатре во самата партија нема никаква демократска клима ниту било какви разговори. Воедно, наративот за јавноста се насочува во насока на барање од ЕУ некакви конкретни гаранции, а целта е повторно да се прикаже ЕУ како таа која е против Македонија и Македонците. Е сега, тоа конкретно може да се толкува и како очајнички повик до ЕУ за да му се помогне лично на Мицкоски да излезе од својата „бетон“ позиција за да може да се фати за сламката политички да преживее. Но, по сигурно е да се толкува како обид за покажување сила и црпење популистички заснована моќ. Сепак, во овој контекст како и во контекст на следната наративна секвенца може да зборуваме според една стара поговорка: „Ем шуто, ем се боде“. Без елементарно познавање на меѓународната политика, односите во НАТО, во ЕУ, бенефитите и можностите за Македонија и пред се последиците од блокадата на ЕУ процесот секој ваков наратив е политичка катастрофа за нацијата и за ВМРО-ДПМНЕ.

Четврта секвенца: „Евро скептицизам“.

При промоцијата на евроскептицизам, Мицкоски се повикува на народот и на волјата на народот и потребите на народот. Воедно, посредно се критикува ЕУ, односно институциите на ЕУ дека се бирократски и нѐ избрани од народот на непосредни избори. Интересно е што преку овој наратив со повикување на волјата на народот се отвара политички простор во иднина сите погрешни политички чекори да се префрлат како одговорност врз народот. Таа реторика е позната одамна уште од некои други тоталитаристички системи во кои јасно му се кажуваше на народот дека: „Ние ви кажавме, вие не избравте, е сега ваша е одговорноста за нашата погрешна политика и вашето страдање“. Затоа, во наративот се подгрева евроскептицизам за да се засили влијанието токму врз народот со создавање на извртена слика за ЕУ и особено за бенефитите кои Македонија ќе ги има од членството во ЕУ, но во исто време се потенцираат „загубите“ и „навредите“ кои сме ги претрпеле. При тоа, не се кажува ниту збор за тоа како за тие „загуби и навреди“ самите сме си допринеле во изминатите 30 години и кој кого лажеше и крадеше. Токму истиот умствено заробенички модел, поддржан од истиот наратив и сега ни се применува, и ако тоа во деведесетите години од минатиот век го правеше Црвенковски со Св.СДС, сега тоа истото го прави Мицкоски уништувајќи го ВМРО-ДПМНЕ. Впрочем евроскептицизмот го уништи СДС, а сега се обидува да го уништи и ВМРО-ДПМНЕ. Убедени сме дека тоа не од интерес на македонскиот народ на македонската нација, туку исклучиво од интерес на други центри на моќ (не на Брисел и Вашингтон).

Петта секвенца: „Немање понуда за решение – алтернатива на членството во ЕУ, но ние сме монолитни како раководство (интересна група)“.

Оваа секвенца од наративот е најинтересна и затоа ја оставив за крајот на овој трактат. Имено, несериозноста овде, највидлива е преку исказот: „да дојдеме на власт па ќе најдеме решение“. Овој исказ покрај својата несериозност е во спротивност со јасно искажаниот став на ЕУ дека друга, а посебно подобра преговарачка рамка нема да добиеме. Оттука, многу е јасно дека доколку сега се затвори вратата за Македонија ќе бидеме ставени во групата со Босна и Косово, а тоа значи длабока неизвесност за целата држава. Тогаш се поставува прашање како ќе дојдеме до развој на Македонија, особено до тоа да го задржиме населението во државата. Наративот во стилот: „Или ќе биде како што треба или толку е, доста ѐ“, кажува дека Мицкоски и дел од неговото раководство немаат никаква идеја ниту решение за тоа дали имаат алтернатива или доколку ја имаат (можеби во лицето на Кремљ или БРИКС) нечесно е што не ја кажуваат на народот од кого бараат легитимитет. Расказите за ре-преговарање и слични небулози, повторно ќе кажам се несериозни. Причината за несериозност и измама е таа што од ЕУ јасно порачаа дека тоа не е можно. Би било чесно ова да му се каже сега на народот и да не се глуми монолитност во партијата, бидејќи врие внатре (секако освен во опкружувањето на Мицкоски). Тој наратив на „бункер систем“ и играње на незадоволството на народот од оваа власт не значи и решение за членство во ЕУ кога истото ни е ставено на маса и јасно ни е кажано дека нема да претрпи промени.

Не треба да се спојува криминализираноста и неспособноста на власт и поедини политички ликови од СДС и ДУИ со европската агенда и членство на Македонија во ЕУ. Самиот почеток на преговори и неспособноста на владата на СДС да ги води истите се доволен мотив граѓаните да гласаат против нив, но во исто време истите тие граѓани, сите ние треба да знаеме за што гласаме, за каква идна политика и дали тоа е европски пат и политички наратив, а не против кого гласаме.

Е па сега, како ќе се одглави евроинтегративниот процес во Македонија, и како ќе поминат уставните промени?

Како што би рекол Мицксоки „СУШТИНАТА не е во барање на модифициран нов таканаречен Француски договор“, бидејќи тоа нели не го кажал никаде. Јас би го прашал Мицкоски: „Зошто тогаш се спротивставуваше на донесувањето на Францускиот предлог со протести (во кој нели и атентат ти вршеа божем) и зошто нашите пратеници го запалија истиот тој договор во Собранието на Македонија како израз на револт и несогласување, или тоа беше само политикантска идиотска претстава за лажење на народот и глумење патриотизам“?

Зарем не е поедноставно Мицкоски да каже најискрено кој е конкретниот негов предлог (бидејќи не ѐ дека за се сѐ консултира со ИК), односно јасно и концизно да ја формулира политиката на ВМРО-ДПМНЕ со кое моментално раководи, а при тоа да не се води од личните политичко-лукративни интереси.

Бидејќи, тешко му е да го формулира одговорот, па постојано заобиколува околу наоколу, еве ние како Фракција ќе му понудиме едноставно решение кое нема да има потреба потоа да го дообјаснува или менува ниту пред домашната политичка јавност, ниту пак пред меѓународните претставници. Мицкоски јасно да каже: „Дали го прифаќа таканаречениот Француски договор кој е всушност рамка -договор на ЕУ за Македонија“? Ни помалку ни повеќе од ова, и без глупави наративи со кои ќе се калкулира, дообјаснува и божем преговара и секако неизбежното, глуми патриотизам и одбрана на македонската нација, Македонија и посебно на македонскиот народ. Немој бате, не нѐ брани повеќе.

Професор д-р Оливер Андонов

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ВМРО-ДПМНЕ прво се извинија па сега откриваат…

Во два наврата претходно за време на…

Фала Мицкоски и Тошковски – Нов парк…

Во Радуша никнува нов парк, но не…

СДСМ: ДПМНЕ одби клучни амандмани за земјоделците

Првиот амандман, кој имаше за цел да…

Двојни аршини: Кога должи фирма на министер…

Долг на фирма не е кривично дело,…

„И лавот му рече на орелот мјау“:…

Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ)…