Нивото на водата на Охридското Езеро над просекот за овој период
Охридското Езеро во добра кондиција ќе влезе во новата календарска година, кога станува збор за состојбата со водостојот. Според последните мерења на Управата за хидрометеоролошки работи, нивото на водата во езерото се наоѓа на котата 693,39 метри надморска височина што е седум сантиметри над просекот (693,32) за овој период од годината.
Инаку, до само пред еден месец нивото на водата во езерото беше под просекот, а продолжениот сушен период во текот на летото и поголемиот дел од есента резултираше одреден период водостојот на езерото да биде и под номинативниот минимум утврден на котата од 693,10 метри надморска височина.
Состојбата значитечно се подобри кон крајот на ноември и почетокот од овој месец, кога исклучително врнежливиот период и интензивните дождови придонесоа за забележлив раст на водостојот во Охридското Езеро.
Осцилацијата на нивото на водата во езерото од само неколку сантиметри во најголема мера се манифестира во литоралниот дел односно на крајбрежјето што е најгусто населен со животински и растителни видови. Таквите осцилации значително неповолно влијаат врз флората и фауната на целокупниот езерски еко-систем.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Матурант скокнал во Езеро, за среќа полицијата…
Припадниците на Министерството за внатрешни работи во…
Еколошка катастрофа кај Струмица: Езерото Мантово крајно…
Жителите на струмичката котлина со бројни реакции…