Објавено на:

НИКОВСКИ: НИКАДЕ НЕМА УСЛОВИ ЗА КОНСЕНЗУАЛНА ДЕМОКРАТИЈА, ВО МАКЕДОНИЈА НАЈМАЛКУ

t

Во “Нова Македонија“, од 16/06/2022, претседателот на МАНУ, академик Љупчо Коцарев, објави текст под наслов – “Преспанската спогодба – четири години подоцна“. Пред 10-тина дена испратив реакција во којашто со авторот полемизирав за одредени негови ставови. Во весникот, меѓутоа, не сметаа дека реакцијата може да биде интересна за читателите. Тоа е секако нивно право. Сепак, со оглед дека се работи за исклучително важни работи, коишто,пак, доаѓаат од првиот човек на нашата МАНУ, ценам дека изложените размисли заслужуваат да дојдат до читателите.
Воопшто не е спорно дека Коцарев на извонреден начин ги анализира договорите со Бугарија и од Нивици и апсолутно е во право кога констатира дека загриженоста за Македонија мора да ја делиме сите – “особено поради фактот што секоја држава што својата иднина ја гради врз нелегални и насилно донесени документи, а такви се и Преспанската спогодба и промената на Уставот од 2019 година, е осудена на пропаст, а нејзината иднина е неизвесна“. Целосно се согласувам со неговите оценки на овие договори. Сепак, неговите сценарија за иднината на земјата заслужуваат подлабоки анализи.

Во текстот, барем по втор пат, Коцарев предлага Македонија да се развива како консензуална граѓанска демократија. Тоа е невозможна и погубна опција, и тоа од повеќе причини. Впрочем, такво нешто има само во некои (зафрлени?) делови на Канада и уште некаде.

Прво, Коцарев тврди дека Македонија е граѓанска држава што е далеку од вистината. Во земјата нема ни “г“ од такво општество. Со Охридскиот рамковен договор (ОРД), тоа е дури и забрането! Земјата уставно се преструктурира според потребите на албанското малцинство и на нивните странски ментори. Само заради американските потреби, новата држава е замислена на племенска основа, а граѓанско општество нема затоа што му недостасуваат механизми преку кои странците ќе ни диктираат што треба да правиме. Вака, САД отворија пат за целосна и се’ подлабока етничка поделба, при што нивните стратегиски партнери, Албанците, постојано ќе им бидат на располагање, за да можат да прават што сакаат во земјава, како со далечински управувач. Тоа е идеално замислено за да им се олесни патот за дефинитивно затворање на “Македонското прашање“, што е главна американска цел во земјава, по распадот на Југославија. По агресијата од Косово, во 2001-та, планирана, организирана и менаџирана од САД и поддржана од НАТО, граѓанскиот концепт беше незамислив бидејќи ќе отвореше можност за мешање на населението и немаше да има албански партии и други едно национални ентитети, преку кои странскиот фактор ќе господареше.

Резултатите се впечатливи: етничката поделба на општеството е се подлабока и незапирливо се движиме кон федерализација. Тоа е можно бидејќи се’ е поставено на етничка основа. Чекајќи формална федерација, Албанците упорно настојуваат да се воведе и консензуалност во одлучувањето. Нема подобар, полесен и побрз начин од него, за да се избрише македонскиот карактер на државата.

Второ, по ОРД, албанизирањето на Македонија забрзано продолжи со театралното американско признавање на македонското уставно име, во ноември 2004 година (само привремено и само за билатерална потреба). Референдумот за поништување на новата административна поделба на земјата не успеа и, крајно непотребно и историски штетно, се албанизираа Кичево, Струга, Скопје, коешто стана и двојазично, а тоа значи и за преку половина од државата… Следуваа бројни нелегални и нелегитимни македонски отстапки, направени под албански уцени, поддржани од САД. Кулминација беше Тиранската платформа, којашто може да се нарече и Вашингтонска. Третата албанска држава е веќе реалност а унитарниот карактер на Македонија којшто, демек, ни го гарантираа САД со ОРД, е фрлен на ѓубриште.
Трето, по распадот на Југославија, националните прашања се главни во земјава. Македонците се борат за опстанок, во услови на меѓусебна длабока поделеност, додека сите Албанци се тесно сплотени околу националната кауза. Голем дел од нивните лидери имаат идеали, намери, та дури и планови… за големодржавни проекти. Никој од нив нема да се осмели да плива подалеку од тие соништа, коишто се жестоко конфронтирани со интересите на Македонците. Тие, пак, веќе покажаа дека немаат чувства за прашања од национален карактер. Тие лесно се конфронтираат меѓусебно, и немаат осет за заеднички интереси. Во консензуална демократија, тоа би имало самоуништувачка димензија.

Четврто, консензуалната демократија целосно ги игнорира основните демократски принципи, чијашто основа е владеење на мнозинството. Меѓутоа, кај нас веќе имаме апсурдна ситуација: малцинството владее со добар дел од државата! Воведувањето на консензуалност би било само додатен и катастрофален исчекор за Македонците. Зошто, пак, тие да го игнорираат своето мнозинство во државата? Зошто своите неспорни политички права непропорционално да ги делат со малцинствата, како никаде на друго место во светот? Особено кога се знае дека Албанците имаат и две други држави, за кои повеќе се грижат отколку за Македонија, а Македонците само една, којашто забрзано ја губат.

Петто, идејата на Коцарев, во Владата да учествуваат сите партии според добиени гласови на изборите, е теоретски модел којшто не може да функционира во пракса. Таква влада не би успеела никаде, а во Македонија никако. Навистина бргу би се формирала, ама не би била способна да донесе ниту една важна одлука. Впрочем, кој би се кител со успесите и кој би одговарал за неуспесите? Дека е така, има потврди во западните земји. Во 1990-тите години, во Англија имаше три партии – Конзервативна, Лабуристичка и Либерална. На власт се менуваа само првите две. Третата, иако имаше околу 17 проценти гласови на изборите, добиваше по околу 5 проценти од пратениците. Така беше за да не се загрози приматот на двете други и да не се дојде во ситуација да не може да се формира влада!

Шесто, според Коцарев, мнозинскиот модел е – “ексклузивен, конкурентен и контрадикторен“, додека консензуалниот е со – “инклузивност, договарање и компромис“. Тоа што не е конкурентно, нема изгледи за успех. И социјализмот беше базиран врз основите на христијанството, ама во пракса доживеа тотален пораз. Истото важи и за консензуалната демократија. Таа нема ни теоретски услови за успех. Кај нас, најмалку.

Седмо, нашето големо заостанување во сите области, по осамостојувањето на државата, само во еден дел се должи на – “етномнозинскиот модел, со кој извршната власт се распределува меѓу победничките партии од двата етникума…“. Проблемот е многу подлабок. Не потценувајќи ги сопствените грешки и неумности, сепак, мора да се нагласи дека, сите овие 30 и нешто години, Македонија живее во ненормални услови, генерирани од надвор. Непризната, блокирана, под агресија, етнички поделена, со наметнати капитулантски договори… Веќе ги спомнавме и големодржавните интереси на малцинството коешто, освен за националното прашање, нема интерес за ништо друго. Каков, и за што е тука можен консензус? Народот вели дека не се прави куќа со некој што има скриени планови а токму тоа нам ни се случува. Две работи се клучни за нашите досегашни порази и неуспеси: катастрофалната кадровска политика и поделеноста на Македонците. И албанизацијата на земјата, која е најголем предизвик за иднината, е резултат само на нивната поделеност. Додека двајца се караат, третиот секогаш користи. Особено е така кога се нема чувство за државност и над партиски интереси. СДСМ-овците, повеќе ги мразат ВМРО-овците, отколку што си ја сакаат државата, и обратно. Во такви услови нема напредок, во ништо. Во консензуална демократија, пак, тоа би било рамно на катастрофа. Излез од ќор-сокакот е само влада во која ќе бидат двете најголеми македонски партии, што е исто така Сизифова задача.

Осмо, Коцарев е апсолутно во право во однос на потребата за реформи на извршната власт. Има речиси 1.200 државни институции од кои сигурно барем една третина можат да се избришат или некаде приклучат, без никој да забележи. Превработеноста во администрацијата ја уништува државата и мора под итно да се среди. Нема политичка волја, бидејќи таму се пикаат партиски војници, и така се жртвува иднината. Без тоа нема напредок. По европски стандарди, во Општина Охрид треба да има меѓу 50 и 60 вработени, а се преку 300. Во Тетово, Теута Арифи плаќала преку 200 лица без да се во работен однос, а некои си работеле во странство! И, таа ќе одеше за амбасадор, место на суд. Тука завршува приказната за Македонија.

Деветто, сосема со право, Коцарев се залага за – “изземање на извршната власт од раководење на јавните претпријатија, јавните установи и акционерските друштва во сопственост на државата“. Комуналните претпријатија се лицето на државата а се најнеорганизирани, најкорумпирани… Нивното функционирање е катастрофално. Тие се од најголем интерес на граѓаните а од нив, и од другите, најчесто се краде за партиски потреби… Кога ќе допатувате во некоја држава, веднаш ќе забележете дали е чисто, дали автомобилите се прописно паркирани… И, јасно ви е дали сте во цивилизација, или во 19 век. Кај нас. Сите тие претпријатија ќе започнат да бидат од корист за граѓаните само под услов да се донесат СТРАНСКИ МЕНАЏЕРИ, како извршни директори. Треба да се користи кинеското искуство. Како помош од развиените западни земји, тие бараа пензионирани менаџери за државните компании. Пекинг им обезбедуваше сместување, превоз, џепарлак и превод. Така започна фантастичниот подем на Кина. Треба да учиме од другите. Со ваква помош, Македонија би започнала брза сопствена трансформација, која веднаш ќе ја почувствуваат сите нејзини граѓани.

Пишува: Ристо Никовски, Јули, 2022

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Киев бара поддршка од Трамп: Тој треба…

Првиот човек на кабинетот на украинскиот претседател…

НАСА ќе лансира дури три ракети за…

Ракетите ќе ја мерат густината на наелектризираните…

Шмит: Чувствувам дека сум гарант за постоењето…

Високиот претставник на Европската унија во Босна…

Додик повторно најави можност за независност на…

Република Српска (РС) не сака да го…

Пендаровски: Целосен ветинг на судии и обвинители,…

На вториот ден од победничкиот караван, кандидатот…