Николоски: Заедно со ЕУ градиме автопатишта и железница
Вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски за време на работниот состанок на кој се разговара за инфраструктурните проекти, најави нови проекти и целосна изградба на коридорот.
„Државата покажува капацитет да води големи инфраструктурни проекти. Ако некаде пред година и половина зборувавме за проекти кои што беа заборавени, сега зборуваме за сериозна реализација на истите. Во Коридорот 8 инвестираме околу 5 милијарда евра во патишта и железници. Проектите се реализираат со добра динамика, најавувам и нови проекти и целосна доизградба и модернизација на коридорот, изјави Николоски.
На состанокот кој се организира во соработка со Делегацијата на Европската Унија, се обрати и заменик шефот на Делегацијата Бен Нупнау, а присуствуваа и претставници од меѓународните финансиски институции, директорите на железничките претпријатија и на ЈП за државни патишта.
„Денеска зборуваме за развојот на Коридор 8, витален коридор, коридор кој НАТО го прогласи за втор најзначен безбедносен коридор. Тука работите одат добро. Во делот на автопатското поврзување, почнувајќи од Деве Баир завршуваме со реконструкција на граничниот премин Деве Баир и веќе разгледуваме за втора фаза за проширување на граничниот премин. Ја пуштивме во функција обиколницата на Крива Паланка. Исто така го пуштивме експресниот пат од Страцин до Крива Паланка. Во моментот заедно со Бехтел и Енка работиме на изградба на автопатот Тетово- Гостивар и Гостивар – Букојчани. Исто така работиме на завршување на автопатот Охрид-Кичево, а во моментот сме во финална фаза на избор на изведувач за автопатот Кичево-Бокојчани, уште една делница од коридорот 8. Заедно со Европската Унија ќе работиме во рамки на Планот на раст за изградба на експресен пат помеѓу Куманово и Страцин, што значи дека од границата со Албанија до границата со Бугарија треба да имаме автопатско решение или експресен пат. Исто така ја завршивме реконструкцијата на граничниот премин Ќафасан и веќе е ставен во функција, а веќе работиме на втората фаза, тоа е проширување и го знаете оној предизвик кој што го имаме со УНЕСКО. Сакам да бидам јасен, не е воопшто доведено во прашање дали до Струга и до граничниот премин Ќафасан ќе имаме автопатско решение, прашање е само по која траса ќе се движиме и тоа е нешто што ќе дискутираме и денеска со претставниците на Европската унија, но и при посетата што ќе ја имаме од УНЕСКО”- истакна вицепремиерот.
Во однос на железницата, тој најави дека за десетина дена ќе се распише тендерот за изградба на третата фаза на пругата кон Бугарија.
“Излезе тендерот за избор на надзор за третата фаза, најкомплицираната фаза од пругата кон Бугарија, тој е активен и се надевам дека што повеќе европски и светски компании ќе се аплицираат. Очекувам не подоцна од десетина дена од денеска да излезе и тендерот за изградба, така што во текот на летото да можеме да ги започнеме градежните активности за третата фаза од пругата кон Бугарија, односно делницата која што оди од Крива Паланка до заедничкиот тунел кој што го имаме со Бугарија. Во однос на заедничкиот тунел таму работите одат добро и се надевам дека за брзо време и таму ќе почнат активностите”- изјави вицепремиерот Николоски.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Вучиќ : Србија нема да воведе caнкции…
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека…
ХОРОР: Марија, мајката на убиеното дете Александар…
„Нефункционалните институции ми го убија детето. Мојот…
(Видео) Николоски: Почитувани пријатели, позади нас е…
Александар Николоски денеска на својот Фејсбук им…