Нова историска лекција: Груевски со текст за солунските атентатори, Големо е херојството на овие млади луѓе!

t

Поранешниот премиер Никола Груевски на Фејсбук објави историски податоци за солунските атентатори.

-СОЛУНСКИТЕ АТЕНТАТОРИ И ПАВЕЛ ШАТЕВ

Овој април 2023 година истекуваат точно 120 години од солунските атентати, со кои гемиџиите, група од 12 млади воспитаници на солунската машка гимназија, патриоти-фанатици кои беа свесни а со тоа и подготвени дека најверојатно одат во сигурна смрт, анархисти, идеалисти, решени да ги жртвуваат своите животи за слобода и подостоинствен живот на народот во Македонија, се обидоа со динамит, бомби и револвери, а со тоа и пресметка со безбедносните сили на Османлиската Империја и со напад врз клучни и значајни објекти во Солун, како центар на Македонија во своите етнички и геогравски граници во тоа време, да го привлечат вниманието на големите сили, сакајки и верувајки дека со тој чин ќе ги натераат големите сили во Европа да посветат повеќе внимание и да извршат притисок врз властите за да поттикнат реформи во османлиска Македонија, со кои ќе дојде до позначајно подобрување на мошне тешките услови за живот во Македонија под османлиска власт.

Практично тоа се истите цели во кои пред самиот почеток се дефинираа целите кај дел од водачите и идеолозите на Илинденското востание, кое иако со години се замислуваше да биде општонародно востание за конечно ослободување на Македонија, сепак кај дел од водачите кои имаа подобра моќ за проценка на состојбата на силите на двете страни, целите беа редефинирани пред самиот почеток на востанието, иако веројатно дел од нив потајно веруваа во чудо, некои од нив надевајќи се на надворешни вклучувања, како на пример на Бугарија.

Голема е приказната, херојството и славата на овие млади луѓе.

Последниот жив преживеан член на овие млади идеалисти, а воедно и еден од двата организатори на групата е легендарниот Павел Шатев (1882-1951) кој има неверојатен и уникатен животен пат.

Павел Шатев три пати е осудуван на смртна казна, и нема што не поминал во животот: од член на екстремно фанатичните атентатори -гемиџии, преку школување и учителствување, револуционер, интелектуалец, школуван во родното Кратово, во Скопје, во Софија и во Брисел – Белгија, адвокат, активен член на македонската емиграција во Бугарија, основач, претседател или член на неколку партии, активен учесник во преговорите за мајскиот манифест, еден од преставниците на левото крило на Организацијата и еден од клучните луѓе во ВМРО (Обединета), патриот, социјалист, идеолог, публицист, активен советски разузнавач, член на масонската ложа, затвореник во Бугарија, во Солун, во Сахара-Либија, во Скопје и интерниран во куќен притвор во Битола на крајот на животот, учесник во првата светска војна како дел од бугарската војска во делот на контраразузнавањет. Приклучен во политичкиот живот во Македонија при крајот, одкако е ослободен од затвор во Бугарија, дента кога Бугарската влада капитулира на 8. Септември 1944 година, член на президиумот на второто заседание на АСНОМ, прв министер за правда во повоена Макеоднија, пратеник во првиот-уставотворен југословенски парламент, на страна на советскиот сојуз кога доаѓа до резолуцијата на Информбирото, критичар на преголемото србизирање на македонскиот јазик.

Иако со иста цел и сон за ослободување на Македонија, сепак идеолошки противник и критичар на начинот на кој раководи Тодор Александров со кого приватно бил пријател од деновите кога Александров бил учител во Кратово и од времето кога тогаш младиот Александров помагал во пренесувањето на динамитот наменет за акциите во Солун и особено остар критичар на методите со кои Ванчо Михајлов ја води ВМРО.

И повторно апсен со одземање на пратеничкиот имунитет како потенцијален народен непријател, затворан, амнестиран, интерниран од страна на власта во комунистичка Македонија, човек кој секогаш имал свои јасни политички позиции, идеали и ставови, а кога сметал дека треба и јавно ги искажувал и критикувал.

Исто како и атентатите во Солун, и самиот Павел Шатев има неверојатно бурна историја.

Солунските атентати финасиски биле подржани со 10.000 лева од претседателот на Врховниот македонски комитет- Борис Сарафов, кој во тоа време делува во тесна соработка и во полќдршка на ВМРО. Вториот од двата главни организатори на групата Јордан Поп Јорданов-Орцето подоцна пред да се спроведе операцијата, одлучил и го осигурал својот живот на 10 илјади франци за со својата смрт која бил црврсто решен дека мора да се случи, да ги покрие сите финасики трошоци за динамит и други логистички активности, пари кои по неговата смрт се ислапатени на Организацијата. На планираната активност на гемиџиите се противел Даме Груев обидувајки се да го разубеди Димитар Мечев, член на групата, бидејќи стравувал дека предвреме ќе ги раздвижи силите на Османлиската империја неколку месеци пред кревање на Илинденското востание.

Активностите во Солун не биле единствените планирани и подготвувани од истата група, тие претходно имале планови за ликвидација на османлискиот султан Абдул Хамит втори во Цариград, па одкако сватиле дека тоа нема да можат да го постигнат се обиделе слична операција како солунската да направат во Цариград, а имале и обид со ограничен успех со напад на легендарниот воз Ориент-Експрес во Одринско.

По атентатите во Солун преживеаните гемиџии се уапсени, судени и осудени на смртни казни во судот во Солун и по три години затвор чекајќи го извршувањето на смртната казна доживеале преиначување на казната во доживотен затвор, кој покрај во Солун го одслужувале во едно градче во либискиот дел на Сахара во областа Фезан, во тамошниот најголем град Мурзук кој броел околу 1.000 куќи и околу 2.500 илјади жители, тогаш под османлиска власт.

Меѓу нив е и Павел Шатев, кој е дел од затворениците гемиџии кои ги преживеале тие затворски денови во Либија, и одкако се прогласува општа амнестија заради формирањето на парламентот, ги отсекле главите на скоро починатите и закопани двајца другари од солунките атентати, со цел да ги однесат во Македонија кај нивните родители, и со камили, малку храна и вода дадени од локалните османлиски власти кои ја спровеле телеграмата за амнестија, одејќи од место во место и од Оаза во оаза низ Сахара стигнуваат во Триполи од каде по шест дена престој со бродот “Суматра” на италијанската компанија Navigatione generale italiana, со билети платени од градската власт на 22 Септември 1908 (тргнале на 18 август, одкако на 17 јули пристигнува телеграмата за амнестија а гласини за амнестијата во затворот се слушнале еден ден порано), се упатуваат кон Малта, па преку Сицилија, Канеја, Пиреја, Атина, Смирна, Цариград пристигнуваат во Солун на 8. октомври 1908 година а одтаму се распрашуваат низ Македонија каде веќе има нова реалност по младотурската револуција. Патешествие кое во најситни детали го има опишано во оставениот ракопис подоцна преточен во книга наречена “Заточение во Сахара-Фезан” издадена во 2013 година.

Павел Шатев е непосреден учесник и активен сведок речиси на сите етапи на македонското револуционерно минато, а со обзир дека има напишано автобиографија и повеќе книги за неговиот животен век, кои кај неговите наследници во Загреб беа пронајдени во 2012 година во ракопис и потоа од страна на Архивот на Македонија преточени во книги во 2013 година, тој е и голем извор на информации не само за него живот живот и за гемиџиите, туку по генерално за македонското револуционерно движење но и подоцна се до создавањето на федеративна Македонија и потоа.

Во продолжение во знак на сеќавање на солунските атентати и на последниот од преживените гемиџии Павел Шатев, реобјавувам еден негов текст оставен во ракопис и издаден како книга со наслов: “Нација и национална свест”. Насловот на текстот оргинални објавен во “Македонско дело” бр. 26 на 25 септември 1926 година е: “Кон националното единство |||”. Текстот на моменти наликува како денес да го напишал и објавил и како да не е извлечена никаква поука.

Во текстот тој цитира и една теза на Гоце Делчев која произлегува од нивна лична дискусија:

” Не е големо злото што Македонија е уште под турско владеење, туку поголемо зло ќе биде ако ние и вие младите придонесеме или дозволиме Македонија да се подели”.

По овој текст следува неговиот текст од истата книга, издаден во “Македонско дело” бр.40 на 25 април 1928 година и кој најдиректно се однесува на Солунските атентати. Тој текст Павел Шатев невообичаено го почнува со реобјава на авторски текст на Арсен Јовков од 20 годишнината на солунските атентати на 29 Април 1923 година, а потоа продолжува со излагање на личните ставови за солунските атентати.

Ситуација во која преживеан од легендарната операцијата во Солун, и тоа не било кој туку еден од организаторите, 24 години подоцна, во време кога веќе Македонија е поделена помеѓу Грција, Бугарија и Кралството на Срби, Хрвати и Словенци во 1926 година, пишува за целите и околностите кои ги имале во времето кога се подготвувале и извршиле солунските атентати. Опис “од прва рака”. Текстот е со наслов : “Солунскиот заговор како легенда…”

Оние кои ги интересира ова може да ги прочитаат овие два текста во продолжение.

***

КОН НАЦИОНАЛНО ЕДИНСТВО III

Ние, Македонците, сме навикнале за сите наши неуспеси, страдања и несреќи, што не снајдоа во последните две десетлетија, да ги обвинуваме другите држави, влади, неодговорни фактори и лица. Меѓутоа, наш татковински долг и морална одговорност, што ги носиме пред идните поколенија и историјата, ни заповедаат да се погледнеме себе си, да ги побараме нашите грешки и да видиме зошто и како се пропуштија неколку благопријатни моменти, што ние, како народ, не можевме да ги искористиме За нашата национална кауза. А тие не се малку.

Првата и суштинска грешка е што многу малку водевме сметка, како во минатото, така и сега, да создадеме масовни народни организации. Легалните и нелегалните организации, што постоеја во минатото, не почиваа врз строго определени принципи и начела. Методите на броба не беа јасно определени и како резултат на тоа, речиси сите постоечки организации, како во Македонија, така и надвор од неа, паднаа во рацете на лица, кои беа исклучиво под влијание и старателство на тогашните балкански влади: турската, бугарската, српската и грчката или на нивните агенти. Така што мнозина од македонските дејци во минатото беа повеќе емисари на разните балкански влади, кои преку нив ги спроведуваа своите освојувачки стремежи и речиси отворено ја подготвуваа поделбата на Македонија, што фактички и се случи за време на Балканските војни, врз основа на претходните тајни договори. Повеќе од десет години бившата ВМР Организација водеше жестоки и лути борби против сите институти, групи и лица, кои сакаа македонското ослободително Движење да го искористат за туѓи цели. Наспроти крвавите и долготрајни борби за елиминирање на сите лица од македонското ослободително движење, кои свесно или несвесно им служеа на разни влади, фактички малкумина можеа да бидат отстранети. Зашто, вистинските македонски револуционери насекаде се прогонуваа, екстерминираа или убиваа и на тој начин им се одземаше можноста своето влијание да го распрострат подлабоко меѓу македонското население. Основачите на бившата ВМРО уште на самиот почеток, па и до последен момент јасно знаеја дека е апсолутно невозможно, Македонија цела да биде присоединета кон која и да е балканска држава. Ете зошто, сите го поддржаа принципот и паролата ,,Балканот на балканските народи“ и „Македонија на Македонците”. Тоа беше и денес си остана една голема идеја, една суштинска програма за сите општественици, државници, борци и револуционери на Балканот. Покојниот Гоце Делчев ќе остане велик само поради тоа што пред повеќе од четврт век, со неговата карактеристична кроткост ни велеше:” Не е големо злото што Македонија е уште под турско владеење, туку поголемо зло ќе биде ако ние и вие младите придонесеме или дозволиме Македонија да се подели”.

Втората грешка е што меѓу нас Македонците, никогаш и никаде не постоела трпеливост и толерантност во убедувањата како за општата цел, така и за методите на борбата – тактиката. Вистинската слободна македонска мисла секогаш и со најжестоки мерки била задушувана. Тоа е, можеби, знак за нашата некултура или за нашата cè уште слаба национална свест. Но, сепак, е една грешка, што во иднина ќе треба по секоја цена да се избегнува, Без слобода на мислата и без меѓусебна трпеливост не може да има прогрес во светот.

Уште од самиот почеток, борбата меѓу таканаречените еволуционисти или егзархисти и револуционери, меѓу цент- ралисти и врховисти, меѓу централисти и сарафисти и санданисти и најпосле, меѓу таканаречените федералисти и автономисти, постојано се водела само со прогони, насилства, терор и убиства! Поголемиот дел од највидните македонски дејци, било како легални, било како нелегални, се меѓусебно убиени, едни со други. Ниту еден народ не забележал такви крвави и жестоки борби и меѓусебни истребувања како македонскиот. Навистина, тие борби се заоструваа од заинтересирани влади или фактори во балканските држави. Меѓутоа, ако реално сите постоечки македонски организации и групи, и легални и нелегални, тргнуваа од строго определени принципи и идејни начела, како за општата цел, така и за тактиката на легалните и нелегалните борби, тоа меѓусебно истребување немаше да се случи и мнозина од македонските дејци и револуционери, наместо да бидат слепи орудија и емисари на балканските влади и други империјалистички и милитаристички држави, ќе беа вистински револуционери и народни дејци.

Колективната волја и желба на македонскиот народ никогаш не можеле слободно да се пројават, туку напротив, само одделни лица шпекулирале со вистинските желби, идеи и стремежи на македонскиот народ.

Македонското прашање во последните десетлетија мина низ неколку фази. Меѓународната положба се измени, а исто така се изменија и условите на Балканот. Македонските дејци и револуционери, наместо уште на самиот почеток да ги сфатат изменетите услови и во согласност со нив да применат една тактика соодветна на времето, околностите и условите во кои е принуден да живее македонскиот народ, мнозина од нив постојано смислено и слепо се служеа со истите методи во борбата, без дури да ги изменат и старите методи во организирањето на Македонците било внатре, било надвор од Македонија. Организациите се сè уште слаби, а апатијата е општа, зашто населението во Македонија и емигрантите јасно гледаат дека позициите на некои од постоечките организации се неубедливи и не им оставаат никаква верба во идниот успех на борбата. Минатото го знаат, сегашноста ја гледаат, а иднината им стои неизвесна.

Ние Македонците, не успеавме да го искористиме младотурскиот преврат. Ја пропуштивме и ситуацијата пред и за време на Балканските војни. Направивме една капитална грешка што за време на сеопштата војна, кога можеше да се прокламира македонското национално единство, не кренавме дури ни глас за автономија или за независност, а по сеопштата војна не се обединија сите револуционерни сили и заедно со сите народности во Македонија не застанавме јасно и категорично на ставот и идејата за слободна и независна Македонија, одделена од балканските држави. Повторно се најдоа некои лица и групи, организации”, кои сè уште не беа ослободени од идејата за при- соединување…

Во еден момент, кога совршено се изменија условите на Балканот, кога ситуацијата во Европа беше од корен променета, кога по примерот на народите во ССС Републики во целиот свет моќно се издигна принципот за самоопределување на народите, ние Македонците, кои живеевме во Македонија или надвор од неа, како емигранти (Бугарија, Америка, Цариград, Русија, Западна Европа), без разлика на вера и народност, наместо да се групираме во масовни, народни македонски организации, што ќе влезат во блиска соработка со сите национално угнетени народи и економски експлоатирани класи на Балканот, се впуштивме во меѓусебни прогони и самоистребување. А, cè уште има ма- кедонски групи и лица, што целосно се ставени на услуга или се под влијание на балканските влади, кои вешто и умешно ни ги подметнуваат нашите меѓусебни борби, не делат и ја користат Нашата слабост.

Токму затоа, откако веќе кај никого не остана ни ронка сомнеж дека Македонија како слободна и независна политичка единица, како држава ќе може да постои само во рамките на една Балканска федерација, сега сите наши напори ќе треба да се насочат кон создавање на силни, масовни, народни политички, културно-просветни и економски групации и организации насекаде во Македонија и надвор од неа. Во тие организации ќе треба да влезат сите Македонци, без разлика на вера и народност и врз основа на јасни и точно определени принципи и пароли, па во името на сите народности во Македонија да се брани идејата за издвојувањето на Македонија во една посебна слободна и независна политичка единица, започнувајќи пред сè една жестока борба против сегашните реакционерни и милитаристички блакански влади. Откако ќе се засилат македонските легални и нелегални организации, во даден момент ќе се најде средство и начин, како и кога да се прокламира македонското национално единство.

Така што, без да се напуштат револуционерните методи на борбата и без да се игнорира легалната борба, сите Македонци, каде и да се наоѓаат тие, треба идејно и организационо да се зближат со сите други национал-револуционерни и социјал-револуционерни групи и организации во балканските држави и паралелно со нив да работат и да се борат за создавање на услови за идната Балканска федерација, во која Македонија ќе влезе како рамноправен член. Идејата е велика и благородна, таа се прифаќа од трудбеничките селски и градски маси на Балканот, за неа се изјасни целото прогресивно општествено мнение во светот и се поддржува од некои политички партии во балканските држави и од Советска Русија. Успехот е сигурен и сите морални, материјални и човечки жртви, што ќе бидат дадени, го наоѓаат своето оправдување.

П. П. Шатев

“Македонско дело”, бр. 26, 25 септември 1926 г.

***

СОЛУНСКИОТ ЗАГОВОР

Како легенда…

Прекршуваме еден завет на големите македонски покојници во Солун и во Сахара: тие се беа заколнале да не остават свои портрети, зашто сакаа да бидат служители на идејата, но не и на славата. Таму, при уривањето на македонската престолнина, во Солун, тие сакаа да ги затрат и своите тела и своите имиња, оставајќи врз урнатините да живее растечкиот македонски дух…

Историјата, меѓутоа, не почитува завети… Уште од моментот кога Орце застана да го запали фитилот, што требаше во лицето на Отоманската банка да го крене во воздух европскиот капитал, кој се крмеше врз градите на Хамидовиот деспотизам, уште од тој момент имињата на тие скромни безуемни младинци се понесоа како симбол на македонскиот хероизам и на македонската самопожртвуваност, та одекнаа во сите македонски души за да станат веќе, по 20 години, и првите светци на македонската револуција…Не само затоа што македонскиот идеализам, во лицето на солунските атентатори, ја беше достигнал својата кулминација, каква што ретко, па дури и воопшто не се среќава во историјата, туку и поради фактот дека на 28 април во македонската престолнина се судрија два револуционерни система: едниот на рускиот анархизам, присаден на македонска почва, што сакаше да победува со смели и страшни разурнувања, и вториот на Левски, кој сметаше да дејствува преку бавна револуционерна подготовка на масите. Првиот ги даде солунските и други атентати, а вториот Илинденското востание. И за историјата – ќе биде тешко да одреди кој од тие два настана бил поголем според значењето и кој од тие два система бил посоодветен дали примерот на личната бестрашност или систематското – воспитување во револуцијата. И ако ова второто им донесе една самосвест на македонските маси, што продолжува да ја твори веќе втората песна на македонската епопеја, тоа првото, пак, е оној стимул, што го создава македонскиот надчовек на револуцијата, Во кого веќе се препознаваат вековите…

Така, солунските атентатори се највисоката пројава на човечкиот индивидуализам, кој покорува, крои судбини и создава гранитни поколенија. А делото, дојдено до кулминација, не умира… Зашто, од под урнатините на „Отоманската банка” и залутано во темната солунска ноќ на 29 април, тоа воскреснува Во пример и продолжува да свети во неугасливиот оган на Македонија. А, отсликано во телото на Мечето, делото, се вткаи Во духот на поколенијата… Впрочем, по 500 години понижувања, на 28, 29 и 30 април 1903 година, кога Орцето го палеше фитилот на експлозивот против европскиот интерес, кога Мечето и Коста го гаснеа светлото во Солун за да блесне факелот на идејата, кога низ Карабурун гореше бродот,, Гвадалкивир”, што ја изнесуваше ограбената пот на македонските селани, кога трештеа бомбите на македонските безумени за избезумување на европските умници – македонската разбудена свест за првпат го играше својот кошмарен танц пред избезумениот деспотизам и неговите поддржувачи.

Тоа беше делото на 12-мината, кон кое денес, по 20 години, со задоволство се навраќаме…

Не звучи ли таа храброст на подвигот, таа моќ на индивидуата како легенда, која е неверојатна, ама е примамлива, зачудувачка, волшебна…?

Арсен Јовков од в. “Илинден”

од 29 април 1923 г.

Во почетокот на 1903 година, расположението на поголемиот дел од македонскиот народ, да се изразам со речникот на револуционерите, беше предреволуционерно. Уште со доаѓањето на пролетта, револуционерната борба беше во разгор.

Во Македонија, по сите села и градови, бродеа агитатори, раководители, четници и терористи и речиси отворено агитираа, го подготвуваа и организираа народот на бунт и вооружено востание. Четништвото ги беше опфатило широките селски и делумно градски маси и беше ја достигнало својата апотеоза.

Сите македонски револуционери, наспроти нивните меѓусебни недоразбирања и разлики околу тактиката и методите во борбата, беа на своите места меѓу народот. Моментот беше решавачки, зашто требаше да се заземе страна за едно од најважните и најсуштествени прашања, односно за животот или смртта на Македонија. Тоа прашање беше: да се крене ли општо востание или не? Околу тоа прашање сите македонски револуционери, раководители, војводи и општественици беа поделени. Едни беа за востание, а други, иако не толку многубројни, но далековиди и со широки револуционерни сфаќања, беа против. Аргументите на првите се сведуваа на следното: имајќи го предвид неподносливото политичко, национално и економско ропство, имајќи ја предвид смислата и карактерот на револуционерната пропаганда во последните 5-10 години и подготовките на населението, востанието треба да се крене Зашто, ако не се истрошат сите живи и вистински револуционерни сили, тогаш тие ќе се насочат кон странични цели, а ќе се пропушти и моментот кога ако не може да се преземе, макар и привремено, политичката власт, барем ќе се предизвика една интервенција, па големите сили, според формално постоечките меѓународни договори, ќе треба да се вмешаат и да го разрешат македонското прашање. Аргументите на вторите беа дека, иако е добро организирано, населението сепак не е доволно подготвено и обучено. Тоа е, главно, вооружено само колку да издржи една подолга битка, па затоа само предвреме ќе се дадат излишни човечки и материјални жртви, без да се постигне каков и да е резултат. Зашто, големите сили, кои ги следат своите егоистички и груби интереси, нема да се вмешаат или ако го сторат тоа,, прашањето ќе го разрешат не според желбите на македонскиот народ, туку согласно своте империјалистички интереси. Според тоа, политичката власт, повторно привремено, би можело да се преземе само со едно општо и распространето вооружено востание. Меѓутоа, наспроти желбите, аргументите, авторитетот и влијанието и на едните и на другите, прашањето за востанието го беше решило самото население. Тоа фактички избувна дури и порано од определеното време, зашто го наложи самото население и пожестоко се пројави само во оние места во кои, поради географската положба, имаше услови за четничка борба – Пирин, Пелистер, Бабуна, Осогово и др.

Востанието не успеа да ја постигне својата директна цел, но има свое историско значење и даде извесни резултати. Меѓутоа, најважно е што ни донесе поуки од кои може да се разбере дека и кога се застанува врз принципот за распространета општа и масовна револуционерна борба, таа има свои правила, карактеристики и особености, посебно на Балканот каде ситуацијата е многу поспецифична и посложена, и во многу се разликува од револуционерните борби во светот и Европа. Кога се говори за општа вооружена масовна или распространета револуционерна борба на Балканот, постојано треба да се имаат предвид општите, специфични локални услови и уште претходно да се знае и сфати дека балканските – се земји и народи на кратковременоста! И таа карактеристика, заедничка за сите балкански народи, во никој случај не треба да се испушти од предвид, туку да се работи и дејствува во согласност со неа било при подготовките, било за време на агитациите, било во самата борба.

Солунскиот заговор, според неговите подготовки и реализацијата, беше еден чисто терористички акт. Еден жесток вооружен протест, како против турскиот апсолутистички монархизам и безличната тиранија на Султанот, така и против империјализмот на големите западноевропски држави, кои поради своите капиталистички интереси го поддржуваа хаосот и бесзаконието во тогашна Турција или, пак, во најмала рака го користеа бунтовното население за своите груби, капиталистички и империјалистички цели.

Која беше целта на солунските атентати? Meѓy останатото, најдиректна беше таа да се заплаши вложениот европски капитал во Македонија банки, железници, бродови и др. кредитни институции, како единствено и најефикасно средство со кое можат да се обеспокојат и заплашат владите на заинтересираните европски капиталистички и империјалистички држави, а истоџвремено турската власт да се држи постојано напрегната и да се истошти од огромните материјални и човечки жртви. Атентатите беа дело на 10-12 души заговорници, кои без да прифатат и да имаат каков било ангажман со народните маси, ги организираа и подготвија по своја иницијатива и на сопствен ризик. Во името на слободата и правдата, речиси сите смело и самопожртвувано ги положија животите во отворена борба со претставниците на тиранијата, со единствена надеж дека за македонскиот народ ќе настапат посветли денови. Но, ете, каква илузија, каква самоизмама…

Илинденското востание и солунските атентати не ја постигнаа својата директна цел. Наспроти сите човечки и матерјални жртви и наспроти сите страдања и борби, македонскиот народ не ја стекна својата слобода. Напротив, уште повеќе се заострија освојувачките апетити на Србија, Бугарија и Грција кои шпекулираа со своите сонародници во Македонија за да ја остварат својата освојувачка и политика на поделби, а за истовремено со тоа уште повеќе се ставија на услуга на големите европски капиталистички и империјалистички држави кои, пак, од своја страна шпекулираа, шпекулираат и ќе шпекулираат со интересите на балканските народи и држави за свои подалечни. чисто ограбувачки и империјалистички цели.

По солунските атентати и Илинденското востание, исто како и денес, балканските држави и заинтересираните големи сили, тогаш царска Русија и Австро-Унгарија, а по војната Италија, Франција и Англија, под разни љубезни изговори го раширија и го шират своето влијание на Балканот, за да ја заграбат и опустошат, пред се, Македонија. Војните и опустошувањата, грабежите, бесчестијата, жестокостите и предавствата, што следеа над сите балкански народи, а најмногу над Македонците, се најкрасноречивиот доказ.

Никој, во никој случај и никаде не може да ги оправда терористичките акти. Меѓутоа, историјата ни покажува дека речиси во сите национал-револуционерни и социјал-револуционерни движења, во извесни епохи имало терористички чинови. Во историјата на руското, ирското, индиското и др. револуционерни движења периодично имало терористички акти, што останале запаметени по нивната одлучност. И ако во историјата има едно единствено оправдување за нив, тоа е во примената на општото правило дека колку е посилна тиранијата, колку е посилен теророт и самоволието на власта, толку посилен е и отпорот кон нив, кога владите, државите и одредени лица изгубиле секаква мерка… Така што, терористичките акти не се и не можат да бидат само цел, тие се последица на секоја своеволна и произволна власт.

По сето преживеано досега, по сите поуки, што ги имаме од минатото, историјата и од искуството, и по променетата општоевропска и меѓубалканска положба, денес кога Македонија е поделена и се наоѓа во потешко политичко, национално и економско ропство, македонскиот народ разбира дека наспроти сите напори и жртви, како во минатото, така и во иднина, тој самиот не ќе може да го постигне своето ослободување, па токму затоа ќе треба да ги бара своите вистински и природни сојузници. А тие се, пред се, сите останати национално угнетени народи на Балканот и економски угнетените и експлоатирани класи, главно селаните и работниците, со своите посебни револуционерни организации и групи. Сојузот и соработката на национално угнетените народи со економски експлоатираните класи, тоа е најмоќниот фактор за ослободувањето на балканските народи и посебно на македонскиот народ. Лозунгот за независна Македонија и Балканска федерација останува единственото заедничко знаме под кое треба да се наредат сите балкански револуционери, а пред сè и најмногу, македонските револуционери.

П. П. Шатев

,,Македонско дело“, бр. 40, 25 април 1927 г.

П.С. Во периодот кога ја предводев владата на Република Македонија, во 2013 година поставен е споменик на Павел Шатев веднаш до “Порта Македонија” и два споменика посветени на Гемиџиите, еден до камениот мост на плоштадот Македонија во Скопје и еден пред новиот објект на Скопскиот водовод.

Се снимија и документарни филмови, се подготвуваше играна серија “Македонија” која новата власт после нас ја прекина како проект и излегоа голем број книги.

Академијата за судии и обвинители го доби името Павел Шатев, како и улица-булевар која е граница меѓу општините Центар и Кисела Вода во Скопје, а се поставија восочни фигури и уметнички слики во музејот на македонската борба за државност и независност.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ДОБРА ВЕСТ! Младиот Никола ја победи болеста!

Во објава на својата официјална страна на…

Груевски ја нарече власта на СДСМ дрва…

КОГА ДРВЦА САДАТ ДРВЦА Каква траги-комедија се…

Османи вели дека во ВМРО-ДПМНЕ има страв…

За тврдењата на албанската опозиција дека во…

Груевски открива дека Заев има бизниси во…

Иако во минатото во повеќе наврати кажав…

Каков “шамар”: Тајвански “Јагео” не доаѓа во…

Премиерот Димитар Ковачевски се испофали со доаѓањето…