„Новогодишна кошница“, најавени 900 производи со пониски цени, инспекторите на терен
Стартува акцијата „Новогодишна кошница“ со која до 15 јануари над 900 производи опфатени со акциската листа треба да се продаваат по пониски цени за 10 проценти. Акциската листа опфаќа леб и житарици, пекарски производи, месо и преработки од месо, риба, млеко и млечни производи, кондиторски производи, свежо, замрзнато и конзервирано овошје и зеленчук, безалкохолни (газирани и негазирани) напитоци, алкохолни пијалаци (вино и пиво) и друго. Тие производи на полиците во трговските ланци треба да бидат обележани со налепница и лого „Помалку трошоци, повеќе за тебе“, како дел од кампањата на Владата.
Најавени се контроли од Државниот пазарен инспекторат кој веќе неколку дена ги мониторира цените за да утврди евентуални неправилности. Владата очекува акцијата да го заштити семејниот буџет во услови на зголемени цени на прехранбените производи што се потврдија и со последните податоци за инфлацијата од Државниот завод за статистика.
По официјализирањето на акцијата на 5 декември, кога беше најавено дека листата содржи 600 производи, до завчера, како што објави заменик-министерот за економија Марјан Ристески, бројката достигна 900 производи.
– Интересот за приклучување на компаниите во акцијата „Новогодишна кошница“ расте, за една недела листата на производи се зголеми од 650 на повеќе од 900 производи. Граѓаните ќе можат да купат повеќе од 900 производи од 83 компании кои тие самите ги понудиле, со пониски цени од најмалку 10 проценти, напиша Ристески на социјалните мрежи.
Апелираше компаниите доследно да ја почитуваат акцијата која посочи дека самите ја креираа, а доколку граѓаните имаат забелешки да ги пријават до Државниот пазарен инспекторат на бесплатниот телефонски број 191 или на веб страната www.dpi.gov.mk.
Во пресрет на акцијата, ДПИ објави дека пазарните инспектори ги мониторираат цените на производите коишто ги содржи акциската листа заедно со најниските цени на истоимените производи кои биле применувани во последните 30 дена. Целта на мониторингот е да се утврди дали по почетокот на акцијата трговците ќе се придржуваат до дадената иницијатива од нивна страна за акциско намалување на цените од 10 отсто или повеќе на прехранбени производи кои најмногу се продаваат во текот на новогодишните празници.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Курсна листа на НБРМ: Колку чини еврото…
Според курсната листа на НБРМ средниот курс…
Германија и покрај многуте проблеми сѐ уште…
Германија, и покрај многуте проблеми, сè уште…
Инспекциски контроли утврдиле дека цените во маркетите…
Имајќи предвид дека од денеска почнува кампањата…
„Новогодишна кошница“, најавени 900 производи со пониски…
Стартува акцијата „Новогодишна кошница“ со која до…
Златото од почетокот на годината поскапе 28%
Цените на златото се зголемија за повеќе…