Обвинението за Кочани уште се оценува – и „Адитив“, „Синџир“ и „27 април“ се оценуваа околу три месеци, велат од Судот

t

Додека родителите на загинатите деца во кочанската дискотека „Пулс“ најавуваат дека ако нема правда ќе постават шатори пред зградите на полицијата и судот, обвинението за 34-цата, меѓу кои сопственикот на дискотеката и негови блиски, како и против поранешни функционери кои биле на власт во изминатите 13 години, уште се оценува од Кривичниот суд.

Досега се доставени 40 приговори од обвинетите и нивните бранители и, според информациите од Кривичниот суд, се чекаат приговорите на уште мал број бранители и обвинети кои потоа ќе треба да ги разгледува Советот за оценка. По приговорите, потоа Судот ќе одлучи дали критикуваното обвинение кое го поднесе Обвинителството, според кое, сите обвинети, па и тие од кои биле на функција пред повеќе од десет години, се виновни за смртта на децата кои загинаа во трагедијата.

Досега доставени 40 приговори од обвинетите
– До овој момент до Судот се доставени 40 приговори од обвинетите и нивните бранители кои веќе се експедираат на надлежното јавно обвинителство. Примените приговори се во фаза на анализа од Советот за оцена, по што треба да се донесе одлука за која странките и јавноста ќе бидат известени. Како што посочивме и во соопштението од 18.07.2025 година, станува збор за обемен обвинителен акт со голем број докази и оштетени лица (37 обвинети правни и физички лица) и Судот ги презема сите законски обврски за навремена оцена со доследно почитување на правата на странките – велат од Кривичниот суд за „Слободен печат“.

Од Судот ни набројуваа обвиненија и случаи во кои имаше повеќе од 30, па дури и 40 обвинети кога оценувањето на обвинението траело околу три месеци. Така, меѓу аргументите на Судот зошто се одолговлекува оценката е времето потребно за оценување на обвинението за случајот „Адитив“, каде се обвинети 36 физички и правни лица. Според Судот, тоа било поднесено на 27 февруари, а било оценето на 6 мај. Обвинението за случајот „Синџир“ против 41 субјект, било поднесено на 23 јануари 2024 година, а било оценето на 22 април 2024 година. Обвинението за крвавиот упад во Собранието против 30 лица се оценувало од март до јуни 2018 година.

Како аргумент повеќе, Судот ги споменува годишните одмори, временски период кој го затекна обвинението за Кочани.

– Овие предмети кои биле и со помал број на обвинети лица, а биле оценувани вон судска ферија и годишни одмори кои ги користат адвокатите, потребни биле околу три месеци за нивна оцена. Судот апсолутно го разбира интересот на јавноста за оваа постапка, но законодавецот предвидел стриктни рокови и права кои мора да бидат испочитувани, како од странките во постапката, така и од Судот, со цел да не се случат пропусти во постапката кои во иднина може да го компромитираат судскиот процес – велат од Кривичниот суд.

Обвинението уште не е поднесено за полицајците. Тие не се во притвор, а за нив постапка води Обвинителството за гонење на организиран криминал. Оттаму не одговорија на прашањето на „Слободен печат“ – до каде е постапката за полицајците. Според она што последно го кажа републичкиот обвинител Љупчо Коцевски, обвинението за нив треба да биде поднесено во септември.

Имало ли или не блокада на поддржувачи на протестот во Кочани?
Родителите на загинатите што протестираат секоја сабота, најголемата одговорност ја лоцираат кај полицијата. На последниот протест, тие го обвинија Министерството за внатрешни работи дека не ги пуштиле во Кочани граѓаните од други градови кои сакале да им дадат поддршка на протестот.

– Полицијата не дозволи да влезат во градот возила од други градови кои дојдоа за да ни дадат поддршка и заеднички да ја споделиме нашата болка. По нашата реакција директно до началникот на ОВР Кочани, кој беше присутен на Плоштадот на слободата од каде стартуваме со Маршот, издејствувавме барем дел од луѓето да ги пуштат да влезат во Кочани. Со ваквиот чин, како да сакаат и солидарноста во тагата да ни ја забранат, да ни ја одземат единствената сила што ни остана – заедништвото и човечката поддршка. По една таква незамислива трагедија, кога изгубивме млади животи што можеа да бидат спасени, очекувавме барем почит, барем зрно совест и разбирање. Наместо тоа, добивме нова повреда и ново понижување.

Ова е невиден срам, кој ќе остане запаметен како симбол на целосно отсуство на морал, емпатија и човечност. Со оваа постапка директно се нарушува уставно загарантираното право на слободно движење и правото на мирен марш – темелни демократски вредности кои треба да бидат заштитени, а не погазени. Нашите деца заслужуваат правда, нашата болка заслужува почит – пишува во реакцијата на родителите кои имаат формирано и Здружение.

Полицијата негираше дека се случила блокада и забрана за влез во Кочани.

– На ниту еден граѓанин не му беше ускратено правото да присуствува на вчерашниот протест во Кочани. Министерството за внатрешни работи ги демантира дезинформациите објавени во дел од порталите и на социјалните мрежи дека наводно полицијата вчера (16.08.2025) не дозволила влез на граѓани во Кочани, кои сакале да учествуваат на протестот „Маршот на ангелите”. Напротив, ниту еден граѓанин не беше спречен да влезе во Кочани.

Со цел остварување на своите законски надлежности, меѓу кои и безбедно одвивање на протестот „Маршот на ангелите”, на 15.08.2025 во Кочани, СВР Штип вршеше редовни контроли на сообраќајот (возила и возачи) на подрачјето на СВР Штип, вклучувајќи го и градот Кочани. Но, на ниту еден граѓанин на кој му беше извршена редовна сообраќајна контрола не му беше скратено правото на слободно учество на протестот „Маршот на ангелите” и не е задржан повеќе од нормално потребното време за полициска контрола. Апелираме да не се шират дезинформации со кои се вознемируваат граѓаните – рекоа вчера од МВР.

Родителите по пет месеци од трагедијата обелоденија дека се соочуваат со закани, притисоци, инспекции, но лути беа и на граѓаните кои, според нив, не им даваат поддршка поради страв и лични интереси.

Извор: Слободен Печат

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Обвинението за Кочани уште се оценува –…

Додека родителите на загинатите деца во кочанската…

Торба со марихуана пронајдена во автобус во…

Торба со марихуана е пронајдена во автобус…

Секоја чест! Support Kocani ја обезбеди третата…

Граѓанската иницијатива Support Kocani ја реализираше и…

Израелската актерка Гал Гадот ги поддржа семејствата…

Израелската актерка Гал Гадот во неделата се…

Европскиот суд за човекови права ќе одлучува…

Европскиот суд за човекови права ќе одлучува…