Обезглавениот Хезболах е „спремен“ за израелска копнена офанзива
Слично како и во пресметката со Хамас, „брилијантната“ престрелка со проектили и ракети може само привремено да ја намали заканата од Хезболах за Израелците
Наспроти убиството на врховниот лидер и многумина команданти, како и уништувањето на комуникациската мрежа и на десетици бази и магацини со ракети, Хезболах е спремен за да се спротивстави на очекуваната израелска копнена офанзива врз јужен Либан.
Ова го објави Наим Касем, заменик на врховниот лидер Хасан Насралах, кој загина во саботата при израелско бомбардирање во Либан.
– Израел нема да ги оствари своите цели. Ќе се соочиме со секаква можност и спремни сме ако Израелците решат да навлезат по копнен пат. Силите на отпорот се спремни за копнено соочување – порача вчера Касам.
Сите досегашни постапки на Израел во изминатите две недели укажуваат дека наскоро ќе почне копнена инвазија против Хезболах, слична на онаа во Газа против Хамас. Целта на двете операции, според израелското раководство, е да се уништи капацитетот на Хамас и на Хезболах за ракетни и терористички напади врз израелски населби. И додека упадот во Газа беше испровоциран од терористичкиот напад на Хамас на 7 октомври и масакрот на повеќе од 1.000 израелски цивили и луѓе под оружје, операцијата против Хезболах една година подоцна била внимателно и темелно испланирана, дури и „брилијантна“, како што ја нарекоа некои израелски функционери.
„Брилијантна“ операција
Низата почна со уништувањето на комуникацискиот систем на Хезболах – масовното активирање бомби скриени уште пред половина година во неколку илјади пејџери и во стотици воки-токи што им биле доставени на борците и на членовите на проиранската милиција. Следуваше еднонеделно секојдневно бомбардирање и гранатирање командни, лансирни и магацински бази на Хезболах низ цел Либан, главно во јужните региони, близу до Израел, но и во долината Бека и во предградијата на Бејрут во кои е сместена командата. Убиени се повеќе од 1.000 луѓе, многумина од нив цивили, а околу 1 милион избегале од јужните региони кон север, подалеку од израелската артилерија. Уништени се делови од арсеналот и инфраструктурата на Хезболах. Во саботата при една од тие акции беше убиен и лидерот Насралах, но и повеќемина команданти на Хезболах и на Хамас. При нападите врз палестинскиот бегалски камп во Тир во јужниот дел на Либан бил елиминиран лидерот на Хамас, Фатех Шериф Абу ел Амин. Неговиот дом бил уништен од експлозија на проектил, при што биле убиени и неговата сопруга, ќерката и синот.
Но, тоа ни од далеку не значи дека е уништен капацитетот на Хезболах да стрела ракети и проектили кон Израел. Пред една недела еден балистички проектил се проби до небото над Тел Авив, првпат откако почна меѓусебната престрелка, како предупредување до Израелците дека убиствените капацитети на Хезболах не се уништени.
Слично како и во пресметката со Хамас, „брилијантната“ престрелка со проектили и ракети може само привремено да ја намали заканата од Хезболах за Израелците.
– Никој во одбранбениот естаблишмент или надвор од него нема поим како да извлече политичка полза од овие „брилијантни оперативни успеси“, како да ги претвори во „победа“ што би ја запрело војната. Сѐ додека Хезболах има огнена моќ, северната граница нема да може да се врати во нормална состојба – предупредува колумнистот Надав Ејал во весникот „Једиот ахронот“.
Хезболах и Хамас
Хамас има многу поскромна воена моќ од Хезболах, помало членство, послабо оружје и е концентриран на помала територија, но и покрај тоа цела година не капитулирал и ѝ возвраќа на моќната израелска армија.
Хезболах, од друга страна, денес е најмоќната милиција во светот, со голем и убиствен арсенал проектили, ракети и беспилотни летала, во доволен број да убијат илјадници луѓе во Израел. Нема точка од Израел што не е во дострел на проектилите „скад“ од лансирни позиции на Хезболах во Либан. Поголемиот дел од арсеналот го сочинуваат ракети и проектили од советско производство, кои Хезболах ги добил преку Иран. Ракетите „катјуша“ имаат дострел од 4 до 40 километри и со нив Хезболах може да ги гаѓа Хаифа и Назарет. Проектилите „фалак 1 и 2“ имаат дострел од десетина километри, „фаџр 3“ има 42 километри, „раад 2 и 3“ имаат по 60 до 70 километри, а „фаџр 5“ 75 километри. Веќе со проектилите „желзал 1“ (со дострел од 125 до 160 километри) Хезболах може да ги гаѓа Тел Авив, оддалечен 80 километри од Либан, и Ерусалим, оддалечен 150 километри. Двојно поголем дострел имаат „желзал 2“ и „фатех 110“, а најмоќниот „скад“ има дострел 100 километри подалеку од најоддалечената точка на Израел.
Израелските одбранбени сили објавија дека се уништени неколку илјади ракети, проектили и лансирни рампи во Либан. Но, разузнавачите предупредуваа дека Хезболах поседува веројатно 150.000 парчиња долгострелни проектили од разни типови. Сѐ додека тие постојат, Израел не може да се прогласи за безбеден, со што нема да биде исполнета целта објавена од премиерот Бенјамин Нетанјаху.
Лекциите од досегашните судири укажуваат дека на Хезболах не му треба многу време за да ги обнови, па и да ги надгради, членството и арсеналот. Шиитската група е формирана во времето на израелската инвазија врз Бејрут во 1982 година и, со огромна политичка и финансиска поддршка од Иран прерасна во доминантна оружена сила во Либан. Герилците на Хезболах го принудија Израел да се повлече од териториите во јужен Либан што ги окупираше повеќе од 20 години. Израелските сили повторно интервенираа во 2006 година во Либан, но Хезболах ја „преживеа“ 34-дневната војна и го обнови арсеналот. Веќе десетина години подоцна единиците на Хезболах стекнаа непроценливо борбено искуство на бојното поле во Сирија, на кое го одбранија режимот на Башар ал Асад од нападите на разните опозициски групи, поддржани од западните земји. Тие сега се доминантна сила и во Либан и во Сирија, што овозможува непречено движење на оружје и муниција сѐ до Иран.
Убиствен арсенал
Одбранбени аналитичари укажуваат дека Хезболах, пред новата израелска офанзива, имал помеѓу 30.000 и 50.000 борци, а шефот Насралах тврдеше дека под команда има 100.000 борци и резервисти. Илјадници од нив веќе се искусни од рововски битки и урбани пресметки во Сирија. Во арсеналот од речиси 150.000 ракети и проектили (од 120.000 до 200.000 во зависност од изворите), има и неколку илјади софистицирани и прецизни.
Закана за Израел се и ескадрилата беспилотни летала од иранско производство, кои се користат главно за извидување, но и како самоуништувачки проектили. Во ескадрилата се „мирсад 1“ со радиус на лет од 120 километри, „мирсад 2“ има дострел од 150 километри, „маараб“ има 200 километри, „карар“ 1.000 километри, а „шахед 129“ може да биде наведуван до цели на далечина од 2.000 километри.
За одбрана, Израел ги користи противвоздушните системи „Железна купола“ и „Давидова прачка“, кои можат во исто време да следат по 1.100 цели на далечина од 70 до 300 километри, односно сѐ до северните региони на Либан. Системот „стрела“ за одбрана од балистички проектили е наменет рано да ги препознава и да ги уништи уште во вселената.
Што се однесува до борците, активни се околу 30.000, распоредени во бази во јужен Либан и во долината Бека, а може да бидат повикани и 20.000 резервисти.
Израел има неспоредливо помногубројна армија (од 100.000 регрути и 26.000 професионални војници) со помодерно оружје и тенкови, авијација (околу 34.000) со модерни борбени авиони, морнарица со 9.500 членови и дури 465.000 резервисти од сите родови.
Предноста од директен судир, сепак би била на страната на Хезболах, бидејќи непристапниот терен и утврдувањата ја неутрализираат предноста на модерното вооружување на израелските трупи.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
„Севернизација“ во Собранието: Од 41 закон се…
Владата и министерствата ја бетонираат „северна“. До…
Пожар изби во Ајфеловата кула во Париз,…
Во тек е евакуација на Ајфеловата кула…
Кривична пријава за даночно затајување за сопственик…
Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава…
Кривичен ја одби жалбата за притвор на…
Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје…
Владата со препорака Службен весник да ја…
Транспарентна влада е силна влада! Еден значаен…