Опозицијата прашува: Дали БДП за 2021 има статистичка грешка или се работи за грешка во макроекономските политики?

t

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ реагираат за пресметаниот БДП за 2021 година и прашуваат дали се работи за статистичка грешка или за грешка во макроекономските политики.

Го пренесуваме партиското соопштение во целост:

БДП за 2021 година има статистичка грешка или покажува грешка во макроекономските политики?
Пред три дена Државниот завод за статистика (ДЗС) ги објави податоците за Бруто домашниот производ (БДП) за последниот квартал од 2021 година, а со тоа и првичната проценка за цела 2021 година. И веднаш се поставија две прашања: дали БДП има статистичка грешка или пак покажува грешка на макроекономските политики, кои требале, а не ја стабилизирале растечката инфлација?


Симптоматично е сознанието дека во 2021 година економскиот раст бил 4%, ТОЛКУ КОЛКУ што предвиде Владата (4,1%). Воедно, номиналниот БДП пораснал за 10,3%, ТОЛКУ КОЛКУ што е доволно за да го сведе зголеменото ниво на јавен долг на 60,9% од БДП на крајот од 2021 година (61% во 2020 година). Високиот реален раст на БДП треба да покаже значајно закрепнување на економијата, а релативното учество на јавниот долг во БДП треба да покаже стабилизација на јавниот долг. Но, дали вистинската слика е таква?

Сомнежот се јавува заради претходно направената голема грешка на проценката на ресецијата во 2020 година. Така, првичната проценка за годишниот пад на реалниот БДП во 2020 година беше 4,5%, за да со поновите објави ДЗС утврди дека падот бил 6,1%. Ова е многу подлабок пад на економијата во кризната 2020 година од она што Владата го кажуваше, а со кое се фалеше дека го превенирала! Двојно подлабок пад од оној за време на интерниот воен конфлик во 2001 година од 3,1%!


А како да не е подлабок пад на македонската економија во 2020 година кога опозицијата за цел период на кризата предизвикана од Ковид-19 пандемијата викаше дека антикризните мерки на Владата беа ненавремени, недоволни, а некои и чисто политички мотивирани за избори, и дека не спречија пад на економијата.

Вредноста на антикризните мерки со фискални импликации ја потврди и Државниот завод за ревизија дека изнесувала 313 милиони евра, наместо славната 1 милијарда евра со којашто се фалеше Владата. Но, затоа пак во 2020 година нѐ задолжија со нови 942 милиони евра и во 2021 година нѐ задолжија со дополнителни нови 652 милиони евра.


И сега повторно, дали е грешка на првичната проценка на БДП за цела 2021 година? Како до 4% реален раст на БДП за 2021 година. Годишниот реален раст на БДП во последниот квартал на 2021 година е оценет на 2,3%, при внимавајте – годишен реален раст на бруто инвестициите од 21,2%, со што бруто инвестициите го надминале дури и нивото од последниот квартал на 2019 година за 3,3%! Дали е ова статистичка грешка во категоријата бруто инвестиции? Бруто инвестициите се категорија која се содржи од инвестиции во основни средства и промена на залихи, последната – позиција со која се балансира БДП според расходна и производна страна.


Дека немаме никакви инвестиции во основни средства покажуваат податоците од производната страна на БДП кои ја потврдуваат лошата состојба во градежништвото, кое во последниот квартал на 2021 година има висок годишен пад од речиси 10%. Но пак затоа може оправдувањето за високиот раст да се најде во висока промена на залихи, што би значело дека фирмите ги зголемиле залихи заради неможност за пласман или се обезбедиле за нареден период, заради растот на цените. Која е вистината ќе видиме после две години со дефинитивните податоци.


Но она што е јасно и веројатно нема да има големи статистички промени е состојбата во надворешно-трговската размена на стоки и услуги. Во последното тримесечје на 2021 година има значајно влошување на нето-извозот, односно надворешната размена има силен негативен удар врз БДП. Со други зборови, голем дел од домашниот доход е одлеан заради увоз, при мал раст на извозот. Можеби и затоа е високата вредност кај бруто инвестициите, за да го неутрализира овој пад. На тоа укажува искуството од 2020 година кога првичниот реален пад на бруто инвестициите за целата година беше понизок, со цел да прикаже поблага рецесија, а со поновите попрецизни податоци истиот е значајно подлабок (од 10,2% на 16,1%).


И така сега, првата процена за цела 2021 година покажува годишен реален раст од 4% на БДП, што најверојатно ќе се корегира со наредни податоци и особено со дефинитивни податоци (по две години). Плус годишната промена на БДП според волуменски индекси и постојани цени (референтна година 2005) не е ист – а треба статистички да е ист. Според постојани цени, збирот од расходни категории собира БДП кој има годишен реален раст од 3,2% за 2021 година (а не 4%). Толку за статистика.


Сега за политиката.
Oбјавените податоците за последниот квартал на 2021 година покажуваат дека економијата растела заради силната домашна побарувачка – заради бруто инвестициите, но и во голем дел заради приватната потрошувачка и во дел заради јавната потрошувачка.


Приватната потрошувачка била значајно засилена и забележала годишен раст од 5,7%, со што го надминала и предкризното ниво за овој квартал (за 1,7% повисока од нивото од последниот квартал на 2019 година). Дека приватната потрошувачка растела покажува и производната страна на БДП, според која трговија на големо и мало има висок годишен реален раст од 9,2%, со што се надминало и предкризното ниво (за 7%). Јавната потрошувачка пак била годишно повисока за 6,5%, а од предкризното ниво за високи 9,8%.


Во последниот квартал на 2021 година немавме никаква реализација на антикризни мерки. Трансферите кон ЕСМ не треба да се евидентираат како јавна потрошувачка, а истите ја пополнуваа неспособноста на Владата, којашто заради подпросечното историски домашно производство на електрична енергија мораше да реализира увоз по скапи цени. Затоа овие трансфери никако не се стимулација за економијата, туку се одлеани девизи за увоз. Но затоа пак трошењата за стоки и услуги на Владата во последното тримесечје на 2021 година номинално годишно растат за високи 47% или реално (прилагодени со инфлацијата) за 41%!!!

И доколку во последниот квартал бројките се такви, зошто тогаш во услови на притисоци од домашната побарувачка и при веќе растечка инфлација немаше реакција од централната банка? НБРМ треба да реагира кога има притисок од страна на побарувачката за да ги стабилизира цените. Оправдувањето дека инфлацијата е само увезена и предизвикана од растот на трошоците за производство ја демантираат објавените бројки од ДЗС.


Според нив домашната побарувачка создавала притисок врз цените, што можеби е причина што имаме повисока инфлација од еврозоната.
Дали тековните состојби покажуваат дека затегањето на монетарната политика за стабилизација на побарувачката, а со тоа и на инфлацијата е закаснета мерка?
Дали на НБРМ и бил императив да обезбеди и понатаму поволна клима за ефтино финансирање на Владата којашто недисциплинирано и неконтролирано се задолжува на домашниот пазар (и на странскиот пазар)? Набргу ќе видиме.

И затоа прашуваме: БДП за 2021 година има статистичка грешка или покажува грешка во макроекономските политики? – стои во партиското соопштение?

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ВМРО-ДПМНЕ прво се извинија па сега откриваат…

Во два наврата претходно за време на…

СДСМ: ДПМНЕ одби клучни амандмани за земјоделците

Првиот амандман, кој имаше за цел да…

Двојни аршини: Кога должи фирма на министер…

Долг на фирма не е кривично дело,…

„И лавот му рече на орелот мјау“:…

Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ)…

(Видео) Николова: Мицкоски без грам совест и…

Предложениот ребаланс на буџетот не ветува дека…