Пазарна не констатирала криење залихи на гориво на бензинските станици
Контролите извршени од Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) на над 300 бензински станици покажале дека немало криење на залихите на гориво на бензинските станици.
Директорот на ДПИ, Влатко Стојкоски, вели дека контролите се вршеле изминатите три до четири дена и оти инспекцискиот надзор е продолжен кај дел од бензинските станици.
Она што инспекторите го увиделе е дека 30-ина бензински станици престанале со точење гориво откако ги истрошиле залихите. Но, како што рече, ситуацијата се променила откако за неколку часа резервите биле надополнети.
„По час-два можеби и четири часа, по ново танкирање на резервоарите продолжуваат со точење на гориво. Таква беше ситуацијата во овие три четири дена“, рече Стојкоски, кој денеска заедно со директорката на Управата за јавни приходи, Елена Петрова, присуствува на настанот „Усогласеноста и фер конкуренцијата одат заедно“.
Во однос на барањата за намалување на ДДВ за увоз на енергенти доколку кризата потрае подолго и колку тоа би ја чинело државата, директорката на Управата за јавни приходи вели дека таквите проценки ги прави Владата во соработка со ресорните министерства.
„Какви ќе бидат мерките изразени преку законски решенија или други акти, ние ќе треба да ги спроведеме. Значи прашањето не може да се адресира кон УЈП во тој дел“, рече Петрова.
По најавите дека е можно зголемување на цените на основните прехранбени производи откако денеска цената на дизел-горивото порасна за 14,5 денари, а на бензините за пет денари, директорот на ДПИ најави построги контроли кај трговците.
Стојкоски, иако очекува трговците да покажат општествена одговорност, сепак вели дека се изготвува оперативен план и оти ќе има инспекциски надзори.
„Уште од денеска ќе биде формиран тим, изготвуваме Оперативен план и ќе има инспекциски надзори по маркетите, дистрибутерите, увозниците и производителите на храна, така што наредниот период ќе се посветиме стриктно на тоа. Се надевам на разум кај трговците имајќи предвид дека и светот се соочува со светска економска криза и очекувам и нивна општествена одговорност“, рече Стојкоски.
Тој додава дека Владата во многу наврати покажала дека е партнер со трговците во смисла на обезбедување евтини кредити, овозможување фер и лојална конкуренција и додава дека како Инспекторат ќе бидат на терен и ќе ги следат бруто-профитните маржи.
Денеска и премиерот Христијан Мицкоски рече дека Комисијата за заштита на конкуренцијата и Државниот пазарен инспекторат ќе го следат однесувањето на трговците на производи на мало и на големо, и врз основа на нивното однесување така ќе се однесува и Владата.
Според Мицкоски, државата има најниски цени на горивата во споредба со земјите од соседството. Ваквата ситуација, според него, од една страна е добра, но од друг аспект создава, условно кажано, проблеми бидејќи, како што вели тој, граѓани од соседните земји доаѓаат во земјава за да ги наполнат резервоарите на возилата, пред сè со дизел-гориво. Тоа, како што рече, особено се случува на бензинските пумпи во пограничните општини.
Тој рече дека очекуваат притисок и во периодот што следува, но увери дека во државата има доволно количини на нафта, се разговара со дистрибутерите и компаниите снабдувачи и во моментов нема опасност од каков било недостаток.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Пазарна не констатирала криење залихи на гориво…
Контролите извршени од Државниот пазарен инспекторат (ДПИ)…
САД гледаат знаци дека Иран се подготвува…
Американското разузнавање почна да гледа индикации дека…
САД потрошија муниција во вредност од повеќе…
Американската војска потроши муниција во вредност од…
Пендаровски вели дека американско-израелскиот напад врз Иран…
Поранешниот претседател на Македонија, Стево Пендаровски, вели…
Енергетска криза на повидок: Г7 размислува за…
Министрите за енергетика на земјите од Г7…