Повампирени неофашистички елементи сакаат да не турнат во крвави ноктурна
Историски континуитет или поделена македонска историја(4.)
Крвави историски траги на Балканските мегаетникуми во Македонија
Денес веднаш ин медија рес на темата: Се потсетуваме на крвавите траги на патот до слободата, самобитноста и независноста на Македонија и Македонскиот народ. Тоа е болно сеќавање. Ама поучно и корисно. Мораме да сме на штрек, бидејќи некои повампирени неофашистички елементи – балкански мегаетникуми, околу и во Македонија, како да повторно сакаат да не втурнат во некои крвави ноктурна, својствени за 19-от и првата половина на 20-от век.
Сами од себе се поставуваат прашањата: До кога ќе трпиме неправди од соседите? До кога ќе молчиме за ѕверствата на андартите и припадниците на грчката монархистичка војска? Треба ли да го избришиме од меморијата колежот и палежот во Загоричани? Што правиме со извршените ѕверства на бугарската фашистичка војска и полиција, извршени врз 12-те младинци од Ваташа, врз Благој Јанков Мучето во Струмица, врз Вера Циривири – Трена,убиствата на Орце Николов, Цветан Димов, Васил Антервски – Дрен, Мите Богоевски, Стефан Наумовски и Стив, Невена Георгиева – Дуња, Страшо Пинџур, Мирче Ацев, Јане Јовчевски – Корчагин, Христијан Тодоровски – Карпош, Кузман Јосифовски – Питу, и врз многу други, знајни и незнајни храбри борци за слобода, независност и самобитност на Македонија.
Не ли ни беа доволни долгогодишните страдања од нив: Андарти, фанариоти, грчки монархофашисти, бугарски егзархисти, врховисти и фашисти? Како да го заборавиме теророт во Егејска Македонија и бугарските репресивни мерки? Можеме ли да не се сеќаваме на теророт, репресалиите и убиствата во Костур, Лерин, Воден, Костурско, Гуменџиско, Леринско, Воденско и Мегленско? Има ли некој кој не знае кој ги изврши свирепите убиства на Ташко Караџа и Лазо Трповски? Не, не се забораваат репресиите во Пиринска Македонија од 1941 до 1944г. и убиствата на Никола Парапунов, Арсо Пандурски, Станке Лисичков и другите револуционери од македонското национално ослободително движење.
Што ни правеа напред наведените реакционерни и фашистички субјекти(балакански мегаетникуми), низ годините и вековите?
Најпрвин ќе ни приредеа само балкански магми и магли, а потоа ќе не втурнеа во фатални хомоциди, етноциди и геноциди. Мислевме дека тие гнили процеси беа во минатото и се завршени. Наивни сме биле. Еве ги повторно се започнати. Та само тоа и го знаат и можат ментално шугавите политичари и морално алипните историчари, кои веќе пристигнаа од Бугарија. Едни седат во некаква си комисија и ни пишуваат нова историја, други регистрираат граѓански организации во Македонија со имиња на бугарски фашисти, а трети, како неофашисти се журкаат при отворање на културен центар со име Иван Ванчо Михајлов, од глава до пети бугарски фашист и соработник на Хитлер. Срам и арам! За сите нив. Брука и проколнати да се тие што тоа им го овозможија.
Пак ли бре луѓе ќе преживуваме стравови и ужаси? Несмисливи, незамисливи, шокантни.
Повторно ли во нас ќе се насели историскиот чемер и јад?
Ќе ги преживуваме ли одново и одново, а сосема непотребно, болните и трагични историски трауми на нашето национално битие?
Ќе сфатиме ли еднаш дека сите наши ужаси, цинизми и интелектуални лицемерија, безпотребно самите си ги создаваме?
Ќе се опаметиме ли, еднаш за секогаш, да не дозволуваме соседите да ни предизвикуваат и наметнуваат национализми, шовинизми, шизофрени заговори и расколи, кои секогаш, како по некое непишано правило, воделе кон масовни кланици и сите заедно не втурнуваaт во dance macabre?. – Во смрт. Физичка. Духовна. Културолошка. Идентитетска.
А тоа е еден чекор до нашето соочување со смислата и бесмислата на нашиот земен опстој. И доста туѓи сурати да ги размрсуваат се уште неразмрсените македонски јазли. Да не заборавиме дека историјата не обедини во Република Македонија. И сега, после се, после сите наши маки и болки, ќе дозволиме туѓинци со зла намера од нашата историја да направат пивтиеста смеса, која секој што ќе посака ќе ја меси според своите потреби и интереси? Па за тоа паметниот македонски академик, кажа дека ќе биде исполитизирана историјата до максимум, која ќе заприлега на стар, истрошен и искршен автобус што јури и кружи низ Македонија во балканската темна ноќ како некое сениште, и во него, на некои постојки, едни се качуваат, други се симнуваат, едни се уфрлуваат насила, други се исфрлаат зорле.
Е па не бива!
Нам ни е потребна историја која ќе не помирува и обединува. Внатре во Македонија, ама и надвор, со сите Македонци во светот. А таа историја е можна и нужна.
Тоа е историјата на Македонија во своите географски и етнички граници, од памтивек, па до крвавата 1913-та.
Тоа е историјата напишана од Ѓорги Пулевски.
По неа следува историјата напишана од Павел Шатев.
Понатаму се надоврзува историјата на Македонското научно и литературно другарство во Санкт Петербург, историјата на Крсте Петков Мисирков, Димитрија Чуповски и нивните соработници.
Можеме ли да ја игнорираме историјата на ВМРО(Обединета)? Не доаѓа предвид такво нешто.
Постои ли Македонец кој може да ја игнорира историјата на НОБ/НОВ и антифашистичката херојска борба на партизанските единици од Македонија во Втората светска војна? Не! Не! И Не!
Тоа е историјата на АСНОМ и историјата на државотворните акти донесени од АСНОМ.
А што правиме со пионерскиот труд на Димитар Влахов “Македонија – моменти од историјата на македонскиот народ“? Зарем можеме да го негираме?!?
И да не го заборавиме делото на Александар Матковски “Отпорот во Македонија“(четири тома), кое е антологија и хроника на духовниот отпор, на пасивниот отпор, на ајдутството и на сите буни и востанија во Македонија – против поробителите. Сето ова да го бришиме од нашата меморија, за го задоволиме бугарскиот аждер? Е мало сутра! Или ако милуваат, по немски:Малку морген!
Ако потклекниме пред ултиматумот на Бугарите, ќе треба ли да го ретушираме и делото на Димитар Митрев “Пиринска Македонија во борба за национално ослободување“?
И секако на крај зборуваме за историјата испишана со Референдумот од 08 септември 1991г.
Нормална историја ни треба. Нормална. Неисполитизирана и неидеологизирана.
Во никој случај наметната.
Ни треба објективна и веродостојна историја, која ја одразува и изразува реалноста и вистинитоста на тоа што се случило во минатото, како се случило, кога се случило, кој се учествувал во тие настани, каква била улогата на учесниците и сл. Не ни требаат бели страници на историјата, а табу темите треба еднаш за секогаш да ги доразјасниме.
Историја во која се што се случувало ќе е пред нас на показ и увид. А тоа е историја на македонскиот дух и сите негови творби, на неговите подвизи, падови и на неговите беспатици, кои што никаква политика, домашна и инострана не ќе може да ги избрише. Тешко на онаа историја што ќе ја пишуваат и арбитрираат субјекти кои црпат моќ од наметнати и уценувачки договори. Таа и такваисторија ќе дојде во судир со времето, кое е единствен судија – судија кој нема да ја верификува. Едноставно, само ќе ја поништи, како воопшто да не постоела – бидејќи никогаш и не постоела.
Сотир Костов
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Еден Стpaтег, една Струмичка Барбика и немopaлна…
Колумната е кратка приказна за селските и…