Политичката некултура на власта во Македонија: Претседател од џунгла, парламентарец со јазик и манири на пештера

t

Не ме загрижува министерот за култура, туку културата на министерот

(Не ме загрижува претседателот на Парламентот,Талат Џафери, туку неговата култура. Истото важи и за парламентарниот апаратчик и бирократ Арбен Адеми)

Сведоци сме на денови на политичка некултура во Парламентот на Република Македонија. Претседател на Парламентот(Талат Џафери) псуе како уличар, а претседател на парламентарно тело(Арбен Адеми) фрла и удира парламентарци, колеги од опозицијата. Каков простотилук!?. – Невиден. Која некултура?! Срамна и загрижувачка политичка некултутра. Ама, да се потсетиме, се почна со шверцерскиот, фалсификуваниот и насилен избор на претседателот Талат Џафери. Секако и со безобразното пцуење на граѓаните од страна на поранешниот премиер Зоран Заев. Останатото, ова денес, веќе е чиста политичка рутина и сурова владеачка прагма – на власта во Македонија. Безобразна узурпација на демократското владеење, кое е сведено на политичко насилие. Затоа, една лекција по демократија, плурализам и цивилизирано владеење(со помош на политичката наука – Ненад Марковиќ, Мирјан Маклеска и Анета Јовевска, и секако, напомош ја повикуваме старата добра метафора) би била добродојдена и полезна.

Политичката култура е родното место на политичките навики и делувања на луѓето во политиката. Во најголем дел таа се врзува за одредени ставови кои се формираат на групно и корективно ниво. Ставовите се однесуваат на политичките појави и политичкиот систем на конкретна општествена заедница. Ваквиот концепт на политичка култура е директно поврзан во политичката заедница во која се формираат и дејствуваат различни групи на ставови и емоции во врска со политичките појави. Исто така, се работи за различни нивоа на политички ангажмани и делувања, во конкретни политички контексти, а во врска со најразлични политички феномени. Малкуте истражувања во Македонија доаѓаат до показатели кои се вградени во политичката култура на нашите граѓани. Тие даваат сигнали и индикации за пројавените и присутни клиентелистички практики кај граѓаните, во врска со политичките партии и институции, како и за перцепциите во врска со тие практики.Така, клиентелизмот покрај тоа што е присутен, е и препознаен од истражувачите, аналитичарите и медиумите. Сите тие констатираат дека граѓаните го препознаваат феноменот на клиентелизам во политиката. но и се активни учесници во клиентелистичките практики. И покрај се, граѓаните во Македонија покажуваат голем степен на препознавање на политиката и разбирање на истата. Нивната доверба и поддршка на политичките партии и државните институции се намалува и е се помала. Кај нив постои незадоволство кое е очигледно лесно се става во функција на политичка демагогија и клиентелистички практики. Тоа незадоволство води кон се поголема недоверба и слабеење на социјалниот капитал кој и така го имаме премалку во општествената заедница. Краен резултат за жал, се социјален клиентелизам и изразен патримонијализам (“Лидерот е партијата – Партијата е лидер“).

Од тука, и се поприсутната поданичка политичка култура кај граѓаните, чиј субспецијален вид е изборниот клиентелизам. Тоа е ad-hoc и краткотраен тип на клиентелизам кој се практикува за време на политичките кампањи на партиите, и е присутен во изборниот процес и на самиот изборен ден. Тој најчесто подразбира модалитети од типот купување гласови, размена на материјални добра за возврат на добиена политичка поддршка (Ненад Марковиќ, политичка култура во северна Македонија и прашањето на клиентелизмот, Предизвици, бр. 3, 2019 година). А како бумеранг на сето ова, ни се враќа агресивно, насилничко и до небо вулгасрно и простачко однесување и владеење на највисоките претставници на државната власт.

Концептот на политичката култура само објаснува некои традиционални прашања и проблеми кои веќе постоеле во политичкиот систем и општествената заедница. Најконкретно се мисли на политичка идеологија, владеење на правото, суверенитет, и легитимитетот на избраните кои практикуваат власт. Од аспект на поединците, и општествените и интересните групи (нивната политичка акција, однесување, вредности, ставови, симболи, и емоции) политичката култура е показател за приврзаност и отуѓеност од политичкиот систем, државните институции и политичките актери на една држава. Политичката култура, со своите вкрстени теми, методи, модели и модалитети ја изучуваат политикологијата, антропологијата, социологијата, психологијата(најдобронамерно ги замолувам политолозите, антрополозите, социолозите и психолозите јавно да истапат и да дадат свое видување на нашите загрижувачки општественополитички состојби, во вид на дијагноза и мерки за лекување на овој канцер вгнезден во највисоките државни врвови).

Политичката култура е еден вид дистрибуција на знаење, однесување чувства и вредности на граѓаните и политичките актери во однос на политичкиот систем во целина. Станува збор за инпутите и влезните влијанија на политичкиот систем за неговите аутпути, односно излезните решенија (политики мерки, одлуки) и улогата на граѓаните во политичките процеси и односи. Есенцијалното ткиво на политичката култура го сочинуваат слободата демократијата владеењето на правото, одговорното однесување на политичките актери, како чинители кои ја овозможуваат стабилноста на демократијата, во конкретниот политички систем. Ако елитата треба да биде одговорна тогаш од граѓаните се бара да бидат активни, вклучени и влијателни во политиката. Ако елитата треба да биде моќна и авторитативна, тогаш граѓанинот треба да биде пасивен неактивен и послушен на елитите. За жал, во Македонија е присутна втората парадигма.

Рамката на една идна политичка култура, во која ќе преовладуваат ставовите и вредностите на граѓаните треба да биде исполнета со следната содржина: Активен информиран, образован, во дух на граѓанска култура граѓанин пред кој носителите на политичката власт одговараат; За такво нешто ние имаме политичка демократска рамка (устав и закони) која опфаќа повеќе партиски натпревар за власт, слободни избори, слобода на печатот, гарантирани слободи и права на граѓанинот, поделба на власта, правила кои утврдуваат одговорност на избраните пред избирачите и слично. Сега за сега, оваа рамка е во најголема мерка исполнета со недемократска содржина. Нашата демократија е нова, и млада, има само 30тина години, и има големи слабости. Основната слабост на системот е што граѓаните немаат доверба во институциите на власта – локална и централна или пак таквата доверба е многу ниска. (Мирјана Малеска, Политичката култура и демократската стабилност, Предизвици, бр. 3 2019 година).

Демократијата и плурализмот не се составени само од изборни правила туку вклучуваат и определена политичка култура. Култура на примерно однесување и демократско владеење. Ваквата култура претпоставува, пред се, извесна загриженост за стабилноста и традицијата на сопствениот поредок. Во спротивно сведувањето на изборите на чин „по секоја цена да се добие власта” (што значи по секоја цена да се победи – zero sum game), па дури и да се нерегуларни, делува поразително за демократијата на една држава и политичката култура на нејзините граѓани. Тоа е за изборите. А кога се работи за практикувањето на власта, тогаш се се сведува на принципот “по секоја цена да се остане на власт“. И сега не е чудо што Претседателот на парламентот во Македонија, највулгарно пцуе по вработените, а и најнормално му е да ги заклучува пратениците на опозицијата во салата на Парламентот. И тоа веќе е матрица “остани на власт“, па така претседател на собраниска комисија, ревносно ја следи и спроведува, така што мава со предмети на пратеници – опозиционери, притоа им се заканаува и ги навредува.

Поради ова на изборите не се гледа само како на процедура преку која се избираат непосредно и периодично легитимни претставници на кои им се пренесува суверенитетот од народот. Тие се многу повеќе од таква процедура, бидејќи се и еден вид битен агенс во едукацијата на индивидуата и општеството. Тоа пак значи дека изборите покрај напреднаведената легитимирачка функција, имаат и култивизирачка функција кон граѓанинот и групите чиј член е тој. Поинаку кажано тоа е учење на политичка партиципација, која допринесува за политичката едуцираност на гласачите, преку што тие стануваат посензитивни кон вољата на општествената заедница(Анета Јовевска, Изборните концепти во теориите на демократијата, ИСППИ, Скопје, 1999).

Предвид напред изнесеното, еве, денес, вистината за демократијата и владеењето на власта ни експлодира во лице. Сведоци сме на бедата и срамотилакот на парламентот, извршната власт, судството и контролните механизми на системот. Гледаме државна и партиска корупција, злоупотреба на јавните фондови, злоупотреба на функциите во јавниот сектор без малку во сите јавни институции. Ова непримерно и надвор од законот однесување на сите наведени чинители е инфлагранти компромитација на принципите на правда, еднаквост (недискриминација) и владеење на правото. Гледаме и чувствуваме дека повеќе ништо не е исто после аферите Катица и СЈО, Рекет 1 и 2, собранискиот изборен инженеринг, и државната и партиска изборна корупција. Свеста за одговорна власт е падната на најниско ниво, а граѓаните изразуваат се поголем цинизам кон јавните и практични политики на политичките партии.

Значи, демократијата, практикувањето на власта, топтан сосе изборите, како комплексен политички чин, се индикатор и катализатор на видот и степенот на политичката социјализација и култура. На вонинституционален план, овие категории на политичкиот систем се битни за создавање поволна психолошка клима, за стабилност на политичката заедница и за идентификација на граѓаните со нив. На институционално политички план пак, резултатот на изборите, доколку тие се слободни и непосредни, е легитимно претставничко тело кое ја презентира вољата на избирачите. За жал, во македонија тоа не е случај. Демократијата пак е создавање на позитивна демократска атмосфера на плурализам и отворен дијалог, разбирање и толеранција. И на овој план сме тенки. Кај нас царува политичкиот варваризам на власта, со основните вредности на животинската недемократска џунгла и темелните принципи на политичката пештера. Нека ни е на здравје.

Пишува: Сотир Костов

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(Документи+Видео) Ова се доказите за соработката помеѓу…

Maкедонската јавнос е во шок по деталите…

Добри вести од соседството, пронајдена e Сара!…

Пронајдена е Сара П.(17) од Борча која…

Koнечно искрен политичар: Не верувајте на сѐ…

Не верувајте во сѐ што ви кажуваме.…

Не за џабе ја нарекуваат Белата Палата:…

Истакнат член на партијата и близок човек…

(Видео) ПЕРО АНТИЌ „МУ ГО ЧУВА ГРБОТ“…

Поранешниот прославен македонски кошаркар и актуелен претседател…