Политичко уништување или за тоа како политички се уништува ВМРО-ДПМНЕ
Политичко уништување
(или за тоа: како политички се уништува ВМРО-ДПМНЕ)
За жал, секојдневно ја потврдувам констатацијата дека Мицкоски свесно го уништува ВМРО-ДПМНЕ. За ова веќе ви пишував, глаголејќи ви за „де-факторизацијата“ на ВМРО-ДПМНЕ на и така веќе политикантската сцена во Македонија, но според тоа што во последно време го прави Мицкоски, слободно можам да константирам дека брутално, садистички, пред наши очи ја убива нашата партија.
Ќе ве потсетам на онаа политикантска креатура од Муртино на чии недела сите заборавија, а која токму во последно време интензивно комуницира и преговара со Мицкоски (никогаш за оваа информација не добивме одговор од Мицкоски), и некои други, како што впрочем Филипче преговара со Николоски и повторно нема објаснување од раководството на партијата. Зошто сакам да ве потсетам на лицето под илјада маски викано Заев? Затоа што тоа лице без личност, обидувајќи се да биде паметен ни зборуваше за „реал-политиката“. Токму деновиве го препрочитувам родоначалникот на реал-политиката, Бизмарк, и си поставувам едно многу важно прашање, на кое впрочем однапред го знам одговорот. Имено: „Знае ли Заев, а и Мицкоски секако, но и Ковачевски, и сите оние кои во последно време се гледаат со Заев, кој е заклучокот на Бизмарк во однос на таканареченото Источно прашање“? Убеден сум дека ниту еден од нив не го знае одговорот.
Да го знаеја ова ќе им беше јасно на сите нив, дека токму реал-политиката за која зборува Бизмарк е втемелена врз долгорочните цели на големите сили, да напомнувам, на големите сили.
Така, тие големи сили денес 150 години подоцна јасно ни ги предочуваат стратешките цели, а тоа значи дека Источното прашање конечно треба да заврши и тоа во рамките на Европската унија.
Оттука започнува по задача политичкото уништување на ВМРО-ДПМНЕ или садистичкото политичко убивање на нашата партија кое трае веќе пет години, но, во таа рамка и уништувањето на македонскиот народ и македонската нација како современа европска нација. Тивкото згаснување на партијата е најмногу видливо во процесот на ажурирање на членството. Тоа е оној процес кој Мицкоски го започна веднаш по јавното појавување на Фракцијата за демократизација и ревитализација на ВМРО-ДПМНЕ. Ви пишував за тоа зошто го започна тој процес на ажурирање, процес кој траеше повеќе од пет месеци и за кој никогаш официјално не дознавме кога заврши и како заврши. Резултатот од ажурирањето кој го знам од сигурни партиски извори, несомнено зборува за тоа дека Мицкоски успешно ја извршува доверената му задача да ја уништи ВМРО-ДПМНЕ. Тоа што несомнено укажува на состојбата со довербата кон партијата од нејзините сопствени членови, а всушност е доверба кон самиот Мицкоски и неговото раководство, е нивото на ажурирање на членовите. И покрај посетата по домови, достигнато е ниво од околу 25% ажурирани членови на ВМРО-ДПМНЕ во однос на бројот на ажурирани во 2018 година. За да биде трагедијата уште повидлива, односно разочарувањето на членството од Мицкоски, процентот на активни членови од оние кои се ажурирани не надминува 40%. Поразителни бројки кои многу кажуваат, но кои бараат демистификација на процесите кои се одвиваат околу нас и во кои несомнено мора да учествува ВМРО-ДПМНЕ, а не учествува, бидејќи над нашата партија лицето кое се претставува за нејзин претседател врши еутаназија.
Пишувајќи ги колумните веќе долги години наназад, дојдов до еден искуствен заклучок. Тоа е дека, за жал, некои работи мора да бидат предочени најприземно и најдиректно за да бидат разбрани. Ова особено важи кога преку колумните ви се обраќам вам драги мои сопартијци. Причината за тоа е едноставна. Мицкоски и оние околу него сеат магла и ве манипулираат, но во исто време се плашат од вас, особено од моментот кога ќе осознаете дека сте биле манипулирани. Тие се свесни дека силата на партијата, на нашата ВМРО-ДПМНЕ е во вас во членовите, а не во нив и нивните политикантски манипулации од лукративни цели.Свесни за своите постапки и резултатот од вашиот оправдан гнев, ќе се обидат повторно да го избегнат и пак со измама преку создавањето на замаглен поглед кај членството. Па така, во континуитет се прават измами и со секоја следна изјава Мицкоски уште повеќе ја прави првата измама поголема од втората. Трагично за политикантите во врвот на ВМРО-ДПМНЕ е тоа што мислат дека тој континуитет на измами им успева и кај нашите европски и стратешки партнери.
Од овие причини би сакал низ оваа колумна накратко и експлицитно да Ви укажам на тоа како Мицкоски прави политичка еутаназија на ВМРО-ДПМНЕ, за да тој божем преживее со помала штета врз сопствените интереси кои не се ниту политички.
Јасно е дека уставни измени ќе се случат. Уставните измени не се прашање за навреда на нас Македонците, ниту пак за да се поништи македонскиот народ или спречи преобликувањето на современата европска македонска нација. Токму спротивно, тие се насочени кон цврсто одвојување на Македонецот од Бугаринот и засекогаш, историски потврдено низ взаемно потврдена формално-правна форма наречена Устав на Македонија. Сите злонамерни обиди за манипулации од типот: а што потоа со вработувањата, со правата, со квотите итн. исклучиво и само сѐ вметнување за да се попречи клучниот процес преку употребата на приземни човечки суети.
Но, тоа е само еден сегмент или врвот на брегот, за кој сегмент верувам дека сите или барем големото мнозинство го гледа и секој на свој начин се обидува да го разбере.
Не дека Ковачевски во потполност го разбира тоа што го спроведува, за волја на вистината убеден сум дека ниту СДС-криминално не би презел никакви чекори во правец на уставни измени да не се фатени во тесно. Со ова не ги амнестирам од одговорноста за се што и сторија на Македонија преку неквалитетното, криминално и анархистично владеење, туку само укажувам дека во однос на геополитичките процеси се потполно исто плитки како и нивните компањони од актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ. Впрочем затоа и упорно му помагаат на Мицкоски да остане на чело на ВМРО-ДПМНЕ, свесни дека со неговото заминување од претседател на ВМРО-ДПМНЕ и заминување на неговото раководство, нашата ВМРО-ДПМНЕ многу бргу ќе се демократизира и ревитализира.
Што или кој е всушност делот од брегот што никако да се види, а е толку видлив?
Тоа е политиката на САД и ЕУ, Балканот по цели 150 години да престане да биде место на судири и да влезе во Европската унија и под политички патронат на Унијата и поддршка на САД. Отвореното прашање на „Источното прашање“ кое некогаш и одговараше на реал-политиката на Бизмарк заради остварувањето на целите на Германија во втората половина на 19-от век, а во контекст на односите со Русија и Отоманското царство, денес конечно мора да биде затворено.
Ниту Германија како една од водечките држави на Европската унија, ниту целата Европска унија, а уште помалку САД имаат интерес да го држат отворено „Источното прашање“ и нивната актуелна реална-политика е во насока на гаснење на судирите и недоразбирањата на Балканот. А како тие најлесно ќе се смират и решат? Едноставно, преку влезот на сите балкански држави во Европската унија по што ќе нема и граници, а ние Македонците од оваа генерација и нашите идни генерации ќе ја имаме Македонија таква каква што ни ја оставија нашите предци до 1913 година.
Последното прашање од оваа колумна е: „Кому тоа во новата геополитичка реалност (реал-политика) не му одговара затворање на источното прашање“?
Одговорот е пред сите нас и е едноставен. На моменталната Руска реал-политика. Таа доцни 150 години зад Бизмарк и неговата реал-политика во врска со „Источното прашање“ и неговата употреба од страна на Германија во тогашната европска политика. Денес по истиот принцип Русија се обидува истото „Источно прашање“ да го употреби како дел од својата реална геополитика кон Европа и САД.
Тоа е фактичката состојба на реал-политичката шаховска табла, а нашите политички аналфабети се заинтересирани исклучиво за сопствените бизниси и опстојување во политиката исклучиво од лукративни причини.
Затоа тврдам дека Мицкоски политички (преку погрешни „политики“, а во пракса и изјави во последно време) го уништува ВМРО-ДПМНЕ. Го убива, садистички измачувајќи ја партијата, при тоа ставајќи и про-руски венец. Не случајно го прави тоа. Причината е многу едноставна. По мајскиот договор во 1924 година, ВМРО влезе во хаос, за да на современото ВМРО-ДПМНЕ му требаа 60 години да се врати во нови услови на политичката сцена. Тогаш тоа враќање беше како јасна про-западна, про-европска партија, поради што ни беше дадена шанса. Шанса за создавање на независна македонска држава.
Современата политичка еутаназија која се одвива пред наши очи и со наша согласност (затоа што молчиме, а молчењето е знак на одобрување) има за цел да го поништи и избрише ВМРО (ВМРО-ДПМНЕ) од историската сцена засекогаш. При тоа, претставувајќи го како политичка идеологија која постојано е на спротивната страна од цивилизациските, европските и христијанско-демократски вредности. Преку оваа реал-политичко уништување на ВМРО-ДПМНЕ, нај подло Мицкоски го убива македонскиот политички идеал за македонска држава, за способност на Македонецот да биде државотворен и во исто време про западен, демократски фактор на Балканот, запишан во историјата како автентичен позитивен пример. Секако, во оваа операција учествува и СДС криминално (и стари и „нови“ структури), но изведувачот на работи на терен или реал-политичар за уништување на ВМРО-ДПМНЕ е Мицкоски.
На денот на Св.Агатангел Битолски (во Втората недела од Великиот пост – недела на Св.Григориј Палама)
Вонреден професор д-р Оливер Андонов
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
ВМРО-ДПМНЕ прво се извинија па сега откриваат…
Во два наврата претходно за време на…
СДСМ: ДПМНЕ одби клучни амандмани за земјоделците
Првиот амандман, кој имаше за цел да…
Двојни аршини: Кога должи фирма на министер…
Долг на фирма не е кривично дело,…
„И лавот му рече на орелот мјау“:…
Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ)…
(Видео) Николова: Мицкоски без грам совест и…
Предложениот ребаланс на буџетот не ветува дека…