Прешова: Џафери демонстрира самоволие – не може да биде и пратеник и премиер
Техничкиот премиер демонстрира самоволие – не може да биде и пратеник и технички премиер, регира професорот по Уставно право, Денис Прешова. Уставот е јасен, двете функции се неспојливи.
„ Во типично војнички манир – наређење, извршење – ни долови дека неговиот ментален склоп всушност е неспојлив со демократија, парламентаризам и владеење на правото, исто како што пратеничката функција е неспојлива со функцијата претседател на Владата. Институциите мора веднаш да постапат и да ги почитуваат и соодветно да ги спроведуваат правните правила. Едноставно треба да сфатиме дека правилата мора да се почитуваат од сите, а особено кога станува збор за носители на највисоките функции во државата, бидејќи тие треба да бидат пример за сите останати. Но како стојат работите со вистинските правни аргументи на кои сосема исправно се упатуваше во јавниот дискурс во изминатите денови“, пишува професорот Прешова.
Со член 63 став 5 од Уставот јасно се упатува на неспојливоста на пратеничката функција со вршење на друга јавна функција или професија. Врз основа на оваа уставна одредба Изборниот законик (член 8 став 1 и 5), Законот за Собранието (член 6 и член 7) и Законот за пратениците (член 5, член 8 и член 9) јасно регулираат во кои ситуации имаме неспојливост и како би требало да се постапи кога истата ќе настане.
„Воедно член 89 став 2 од Уставот изречно регулира дека претседателот и министрите не можат да бидат пратеници во Собранието. Истото е регулирано и со наведените закони (Изборен законик – член 8 став 1: „Функцијата пратеник, член на совет и градоначалник е неспојлива со функцијата претседател на Републиката, претседател на Владата на Република Македонија, министер,….“; и Законот за пратеници – член 8 став 1: „ Функцијата пратеник е неспојлива со функцијата претседател на Република Македонија, претседател на Владата на Република Македонија, министер,…“) при што воопшто не се прави никаква разлика во оваа смисла помеѓу претседател и министри туку, напротив, јасно и прецизно се предвидуваат двете функции како неспојливи со пратеничката функција“, вели Прешова.
Согласно постоечката правна рамка очигледно е дека апсолутно нема простор за некакво „креативно“ толкување како што Џафери се обидува да ни продаде. Со моментот на верификација на пратеничкиот мандат престанува дотогашната функција која е неспојлива со пратеничката (член 8 став 5 Изборен законик и член 9 став 3 Закон за пратеници).
„Демонстрирајќи класично самоволие Џафери одлучи самиот да си избере која функција ќе му мирува, пратеничката, иако таква можност за мирување кај пратениците апсолутно не постои, а која ќе ја извршува, претседател на Влада, и на кој закон тој ќе се повикува со сопствено толкување. Замислете секој од нас да може сам да си одлучува кои се функции сака да си ги извршува без оглед на правните правила. Можеби утре Џафери ќе сака во ист момент да биде и претседател на Републиката бидејќи претседателката заминала во странство па ќе потпишува укази за прогласување на закони или самиот да одлучи дека ќе биде претседател на Уставен суд бидејќи ете таму бил блокиран процесот на избор, а тој е најсоодветниот кандидат за таа позиција како една неспорна правно-експертска величина. И ако го прашате зошто го прави тоа, веројатно ќе одговори зашто ми се може. Е токму за вакви ситуации на спречување на арбитрарност и самоволие постојат правила и институции. Сега е првиот тест за тоа дали нешто ќе се промени на овој план или ќе си продолжиме по старо бидејќи по верификацијата и мандатот се познава“, се додава во текстот.
Прешова предупредува, Собранието веднаш да го извести Џафери за постоењето на неспојливост на неговата пратеничка функција со функција во извршна власт и да му укаже дека престанала неговата функција претседател на Влада, а не нему да му остава да си толкува правни норми како сака и како му одговара.
„Доколку и покрај ваквото известување Џафери не отстапи од своето „толкување“ и продолжи да ја извршува функцијата претседател на Владата тогаш Собранието треба веднаш врз основа на Законот за Собрание (Член 6 (1) На пратеникот му престанува мандатот пред истекот на времето за кое е избран, ако: 3) настапи случај на неспојливост со функцијата пратеник;) и Законот за пратеници (На пратеникот му престанува мандатот пред истекот на времето за кое е избран, ако: 3) настапи случај на неспојливост на функцијата;) да констатира неспојвилост на пратеничката функција, бидејќи по верификацијата на пратеничкиот мандат продолжува извршување на друга неспојлива јавна функција, со што по сила на закон ќе престане пратеничкиот мандат на Талат Џафери. Ако дотичниот пратеник не е задоволен слободно може да си поднесе тужба и да си побара судска заштита на своите права. Во секој случај престанокот на мандатот ќе биде ефективен и тужбата нема да го одложи правното дејство. Само на овој начин може и смее да се одговори на демонстрираната ароганција и самоволие. Секое политичко договарање и правење компромиси со клучните уставни и законски норми негативно ќе се одрази понатаму и ќе остави дамка уште на самиот почеток на овој парламентарен состав“, стои во реакцијата.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Најкорумпираниот функционер на ДУИ, Беким Мемети ги…
Беким Мемеди е единствениот албански шериф во…
ЏАФЕРИ: Ако партиите не обезбедат консензус, ќе…
Претседателот на Собранието Талат Џафери вели дека…
Џафери – Ву Таик: Потребно е отворање…
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија,…
Џафери – Озогуз: Германија е силен поддржувач…
Претседателот на Собранието на Македонија, Талат Џафери…
Средба на Џафери со претседателката на италијанскиот…
Соработката меѓу Италија и С. Македонија на…