Разузнавачите алармираат за предавство: Премиерот сака да ја укине АНБ и АР и да постави блиско лице на раководна позиција

t

Група вработени во Агенцијата за разузнавање (АР) испратија анонимно писмо до медиумите, до неколку странски амбасади и до кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова со кое укажуваат дека добиле сознанија дека премиерот планира да ја укине Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање и да воспостави нова партиска служба. Разузнавачите од АР обвинуваат дека новиот закон наместо експерти го подготвуваат „партиски послушници и криминалци“, „лица кои или биле осудени или моментално се водат постапки за нив во Обвинителството“ . Тие стравуваат дека со таквиот чин целта е „да се воспостави целосна политичка контрола во Република Македонија налик на Северна Кореја“.

– Со ова писмо сакаме да ја информираме јавноста, дека се подготвува предавство врз Република Македонија, односно безбедносниот сектор на оваа држава, што според нас е темелот врз кој Македонија постои. До нас секојдневно пристигнуваат информации од членки на НАТО како државниот врв подготвува укинување на Агенцијата за разузнавање. Укинувањето не е никаква реформа, туку е воведување на Република Македонија во автократија и партиска контрола. Целта на државниот врв е да се партизира и она малку што е останато професионално, сè со цел да се воспостави целосна политичка контрола во Република Македонија налик на Северна Кореја – се нагласува во мејлот.

Разузнавачите тврдат дека зад идејата за укинувањето на клучните агенции АНБ и АР стои лично премиерот кој според писмото планирал на чело на новата служба да постави свој близок човек.

– Во информациите што пристигнаа до нас јасно се гледа дека премиерот планира да ја укине Агенцијата за nационална безбедност и Агенцијата за разузнавање и да воспостави нова партиска служба која нема да им служи на сите граѓани, туку само на политичкиот врв. Лицата кои го подготвуваат новиот закон се лица кои или биле осудени или моментално се водат постапки за нив во Обвинителство. Не се вклучени експерти од пошироката јавност, туку само партиски послушници и криминалци. Ароганцијата и желбата за воспоставување тиранија водат дотаму што лицето кое треба да биде на чело на оваа нова служба не е од безбедносниот сектор и е во приватни блиски релации со премиерот на Република Македонија, а моментално работи во една компанија како шеф на маркетинг. Во моментов, Република Македонија е соочена со голем број предизвици од разни страни, каде Агенцијата за разузнавање е и повеќе од потребна, само неук или компромитиран човек би сакал нејзино укинување. Голема е и желбата на одредени центри на моќ да ја нема Агенцијата за разузнавање, за жал премиерот на Република Македонија, е на нивна страна – пишува во мејлот.

Вработените во Агенцијата за разузнавање апелираат до претседателката Гордана Сиљановска да се спротивстави на оваа одлука и да го спречи укинувањето на Агенцијата за разузнавање.

– Ние ги имаме сите информации кои соодветно ќе бидат употребени во рамки на нашите можности да ја информираме јавноста какво предавство сака да направи оваа влада. Во наредниот период очекуваме и политички апсења внатре, во Агенцијата за разузнавање. Тоа што ниеден непријател не успеал да го направи изминатите година, во моментов го прави оваа влада. Дополнително, познати ни се одредени нелегални активности и во врвот на Агенцијата, како и партиски активности кои се забранети според законот за АР, но тие работи ќе ги решаваме на институционален начин. Очигледно е дека новопоставената директорка и заменик директорка работат за нечии лични и партиски интереси, а не за интересите на државата и Агенцијата – пишува во анонимно испратениот мејл зад кој стојат „активно вработени во Агенција за разузнавање“ кои поради законот не смеат јавно да се идентификуваат.

Инаку, Претседателката Гордана Сиљановска Давкова на 28 јуни донесе одлука за разрешување на досегашниот директор на Агенцијата за разузнавање, Еролд Муслиу кој беше првиот Албанец кој раководеше со Агенцијата од 2019 година и на негово место ја постави Габриела Јаковлева.

Сиљановска-Давкова на позицијата заменик директор ја постави Ивана Стојановска, на местото на Александра Бакреска Додовска. Во јавноста имаше реакции дека заменичката Стојановска не ги исполнува законските услови за високата раководна позиција во АР, односно нејзиниот стаж во Агенцијата за разузнавање е помал од десет години, иако законот јасно пропишува кандидатот да има најмалку десет години работно искуство од областа на безбедноста, одбраната или надворешната политика, од кои пет години на раководно место во Агенцијата. Од кабинетот на претседателката Сиљановска-Давкова го оправдуваа назначувањето како законско со тоа што како искуство од областа на безбедноста, одбраната или надворешната политика на Стојановска ѝ го наведуваат и периодот во кој таа работела како асистент на приватни универзитети.

Формирање на нова агенција е во програмата на Владата
Она што го тврдат разузнавачите дека двете агенции ќе преминат во една не е тајна, бидејќи премиерот Христијан Мицкоски уште во јули годинава најави дека Агенцијата за разузнавање и Агенцијата за национална безбедност ќе се спојат и ќе функционираат како една агенција. Тој при посета на општина Бутел нагласи дека процесот на спојување се очекува да трае неколку месеци.

– Ваков тип на спојување на служби имаат направено многу држави што се членки на НАТО. Меѓу нив во соседството се Република Словенија на крајот на деведесеттите години, потоа Република Хрватска на почетокот од овој милениум – рече Мицкоски во таа прилика.

Според програмата за работа на Владата, во соработка со домашните експерти и со граѓанскиот сектор, а со цел постигнување на широка граѓанска и експертска поддршка, се предвидува спојување на Агенцијата за разузнавање и Агенцијата за национална безбедност во единствена модерна безбедносно – разузнавачка служба со фокус на борбата и детектирањето на тероризмот на национално, регионално и меѓународно ниво.

„Агенцијата ќе биде раководена од високи професионалци избрани под строго утврдени критериуми според стандардите на ЕУ и НАТО. За правилно функционирање на Агенцијата, се предвидува изградба на комплетно нов објект за таа намена, врз основа на строги безбедносни НАТО стандарди, надвор од Министерството за внатрешни работи“, стои во програмата.

Од друга страна, според програмата, се предвидува и формирање на координативно тело за борба против организиран криминал и корупција коешто ќе ги опфати: министерствата за внатрешни работи и за финансии, Агенцијата за разузнавање и Агенцијата за национална безбедност, Царинската управа, УЈП, Управата за финансиска полиција и Управата за финансиско разузнавање.

Агенцијата за Разузнавање е оформена во 1995 година како посебен орган од државна управа, а ефективно функционира од 1997 година. Таа е во надлежност на претседателот на државата која има надлежност да собира, обработува, анализира, проценува, разменува, чува и штити податоци и информации од значење за безбедноста, одбраната, надворешно-политичките и економските интереси на Република Северна Македонија. Агенцијата собира разузнавачки информации за закани и ризици од странство за заштита на националната безбедност, независноста, суверенитетот, уставното уредување и слично.

Според актуелниот закон за АР за својата работа и работата на Агенцијата директорот му одговара на Претседателот на Република Северна Македонија, додека Владата може да побара одговорност на директорот за работата на Агенцијата. Директорот треба да има најмалку дванаесет години работно искуство од областа на безбедноста, одбраната или надворешната политика, да не е член на политичка партија и да поседува безбедносен сертификат со степен на класифицираност „државна тајна“.

Меѓу условите за засновање на работен однос во Агенцијата е и позитино мислење добиено при полиграфското тестирање, и доколку кандидатот го одбие се смета дека не ги исполнил условите за засновање на работен однос во Агенцијата. Иако е обврска, сепак во Агенцијата досега не е спроведено полиграфско тестирање на вработените.

Разузнавачите кои го испратија анонимно дописот тврдат дека „Агенцијата за Разузнавање била и е првиот и последниот обрач на одбрана на Република Македонија“ и „секогаш била на ниво на своите задачи, нејзините вработени бескомпромисно и пожртвувано одговориле на повикот на својата татковина“.

Инаку во безбедносната сфера делуваат и Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и Оперативно-техничката агенција (ОТА) кои во 2019 година, по аферата со прислушкувањето произлегоа од поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање. Формирањето на АНБ беше последниот чекор во реформирањето на безбедносните служби, со цел да се спречат злоупотреби за партиски цели и интереси наместо професионално справување со реалните безбедносни закани од надвор и внатре.

Извор: Слободен Печат

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Разузнавачите алармираат за предавство: Премиерот сака да…

Група вработени во Агенцијата за разузнавање (АР)…

Прилепчанец со „пежо“ се заби во оградата…

Четири лица се повредени од кои тројца…

Многу сум среќен, имав голема поддршка од…

Актуелниот државен првак на Македонија во шах…

Скопската Сеизмолошката опсерваторија потсетува какви мерки да…

Земјотресот што беше почувствуван ноќеска два часа…

Чеченскиот воен лидер го обвинува Маск: „Тоа…

Се сеќавате ли на приказните за рускиот…