Ритам на чаршијата – Култура на живот заедно

t

Скопје е место каде иднината доаѓа да проба. Во град Скопје, и општините Центар, Карпош, Ѓорче Петров, Чаир, Бутел, Гази Баба, Шуто Оризари, Кисела Вода, Аеродром и Сарај, што е заедничко за сите нив? Голема и емотивна поврзаност на граѓаните кон град Скопје и општините во кои живеат. Тие во нив се родени, живеат, работат и имаат силни и јаки емоции кон Скопје.

Тоа е страст и љубов!

Страст за креативност и иновации, со цел да се оствари повисок квалитет на живеење. И љубов кон убавините на Скопје, кон Старата скопска чаршија, кон Камениот мост, кон Калето, Водно, Дебар маало, Топаана, Шутка, Хиподром… Страста и љубовта се заштитни знаци на успехот со кој се остварува целта – Живот заедно за сите скопјани и во Скопје. Тие се трајно вградени во потребите на скопјани. Скопје е на патот за развој, технологија, креативни индустрии и промени – кон квалитет.

Старата скопска чаршија е јадрото каде се создава култура на мирно и заедничко живеење. Таму, на едно место се среќаваат и се преплетуваат безброј животни искуства, традиции, среќни и тажни моменти, искушенија, размислувања, мотиви за творење, предизвици, успеси и неуспеси. Тоа е познатиот и динамичен Ритам на магичната стара чаршија. Чаршијата со тесните, таинствени, кривулести, примамливи улички, исполнети со живот, со малите дуќани од чии ѕидови како да избива длабинска енергија и како да секој камен и секоја пукнатина дише Живот заедно, му дава Ритам на живеење, ја раскажува приказната за Скопје, Скопје низ вековите, Скопје во времето и просторот. А Камениот мост е Временската порта преку која влегуваме во чаршијата и од сегашноста ѕиркаме во минатото, а се загледуваме во иднината.

Ете тоа е Духот на Старата чаршија: Во неа има траги од таинствени посети; таму се дуќаните како јадро на творештвото; во чаршијата е привлечноста на занаетите, кои се вртат како на филмска лента – од абаџиски, терзиско-срмаџиски, јорганџиски, кафтанџиски, преку ќурчиско-кожарски, папуџиски, фурнаџиски, месарски, слаткарски, до бозаџиски, алваџиски, казанџиски, ковачки, тенеќеџиски, коларски, столарски, а многу одамна и пушкарски, сабјари и мноштво други; Саат кулата како уметничко дело; ја гледаме моќта на свилата, убавината на кожата, сјајот на златото и среброто, прецизноста на часовниците, значењето на старите фотографии, кафеаните, гостилниците, убавините на исламската архитектонска тројка – ан, амам, џамија. Се воодушевуваме од Сули ан, Куршумли ан, Капан ан и нивниот опстој низ вековите; Таму, во чаршијата, се приказните за амамита – Даут пашин амам, Чифте амам, па Безистенот, и секако џамиите и црквите – Мустафа-пашина џамија, Султан-муратова џамија, Алаџа џамија, Араста џамија, и Црквата Свети спас, Црквата Свети Димитрија; Не ги забораваме и прекрасните уметничките атељеа, галериите, старите чајџилници и модерните кафулиња.

Во Чаршијата, преку Камениот мост, во Градскиот трговски центар, во Пајко маало, населбата Ченто…се гради доверба и владее хармонија. Скопјани се граѓани-визионери, кои не само што ја доловуваат иднината, туку се и ентузијасти во остварување на истата.

Ајде утре 17 септември во 17:00 часот па до касно во ноќта, сите да ја удостоиме Чаршијата со поезија, уметност и чалгија, а воедно и ќе го почувствуваме нејзиниот магичен ритам.

Сотир Костов

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Светот може да здивне: Иран официјално објави…

Денес, во порака до нацијата, претседателот на…

Томовски: Претходната влада трошеше недомаќински

Директорот на Службата за општи и заеднички…

Нетанјаху: Остваривме историска победа, му благодарам на…

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека неговата…

Руте: Незамисливо е Русија да нè престигне…

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави…

МФ: Намалени царинските стапки на 67 стоки…

Собранието денеска ги усвои измените на Законот…