Ритам на чаршијата – Култура на живот заедно
Скопје е место каде иднината доаѓа да проба. Во град Скопје, и општините Центар, Карпош, Ѓорче Петров, Чаир, Бутел, Гази Баба, Шуто Оризари, Кисела Вода, Аеродром и Сарај, што е заедничко за сите нив? Голема и емотивна поврзаност на граѓаните кон град Скопје и општините во кои живеат. Тие во нив се родени, живеат, работат и имаат силни и јаки емоции кон Скопје.
Тоа е страст и љубов!
Страст за креативност и иновации, со цел да се оствари повисок квалитет на живеење. И љубов кон убавините на Скопје, кон Старата скопска чаршија, кон Камениот мост, кон Калето, Водно, Дебар маало, Топаана, Шутка, Хиподром… Страста и љубовта се заштитни знаци на успехот со кој се остварува целта – Живот заедно за сите скопјани и во Скопје. Тие се трајно вградени во потребите на скопјани. Скопје е на патот за развој, технологија, креативни индустрии и промени – кон квалитет.
Старата скопска чаршија е јадрото каде се создава култура на мирно и заедничко живеење. Таму, на едно место се среќаваат и се преплетуваат безброј животни искуства, традиции, среќни и тажни моменти, искушенија, размислувања, мотиви за творење, предизвици, успеси и неуспеси. Тоа е познатиот и динамичен Ритам на магичната стара чаршија. Чаршијата со тесните, таинствени, кривулести, примамливи улички, исполнети со живот, со малите дуќани од чии ѕидови како да избива длабинска енергија и како да секој камен и секоја пукнатина дише Живот заедно, му дава Ритам на живеење, ја раскажува приказната за Скопје, Скопје низ вековите, Скопје во времето и просторот. А Камениот мост е Временската порта преку која влегуваме во чаршијата и од сегашноста ѕиркаме во минатото, а се загледуваме во иднината.
Ете тоа е Духот на Старата чаршија: Во неа има траги од таинствени посети; таму се дуќаните како јадро на творештвото; во чаршијата е привлечноста на занаетите, кои се вртат како на филмска лента – од абаџиски, терзиско-срмаџиски, јорганџиски, кафтанџиски, преку ќурчиско-кожарски, папуџиски, фурнаџиски, месарски, слаткарски, до бозаџиски, алваџиски, казанџиски, ковачки, тенеќеџиски, коларски, столарски, а многу одамна и пушкарски, сабјари и мноштво други; Саат кулата како уметничко дело; ја гледаме моќта на свилата, убавината на кожата, сјајот на златото и среброто, прецизноста на часовниците, значењето на старите фотографии, кафеаните, гостилниците, убавините на исламската архитектонска тројка – ан, амам, џамија. Се воодушевуваме од Сули ан, Куршумли ан, Капан ан и нивниот опстој низ вековите; Таму, во чаршијата, се приказните за амамита – Даут пашин амам, Чифте амам, па Безистенот, и секако џамиите и црквите – Мустафа-пашина џамија, Султан-муратова џамија, Алаџа џамија, Араста џамија, и Црквата Свети спас, Црквата Свети Димитрија; Не ги забораваме и прекрасните уметничките атељеа, галериите, старите чајџилници и модерните кафулиња.
Во Чаршијата, преку Камениот мост, во Градскиот трговски центар, во Пајко маало, населбата Ченто…се гради доверба и владее хармонија. Скопјани се граѓани-визионери, кои не само што ја доловуваат иднината, туку се и ентузијасти во остварување на истата.
Ајде утре 17 септември во 17:00 часот па до касно во ноќта, сите да ја удостоиме Чаршијата со поезија, уметност и чалгија, а воедно и ќе го почувствуваме нејзиниот магичен ритам.
Сотир Костов
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Двајца поранешни министри од владата на Орбан…
Унгарските власти приведоа двајца поранешни министри од…
ФФМ: Организиран превоз и фан зона за…
Македонската фудбалска репрезентација вечерва од 20:45 часот…
Арагчи: Отворени сме за преговори, но подготвени…
Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи…
(Видео) Трамп повторно задрема пред камера
Американскиот претседател Доналд Трамп повторно привлече внимание…
Радикални имами, киднапирања и врски со странски…
Агенцијата за национална безбедност во координација со…