САД објавија нови предупредувања за патување за 2026 – Македонија меѓу побезбедните дестинации
Државниот департмент на САД продолжува редовно да ги објавува и ажурира предупредувањата за патување за земјите ширум светот, со цел на американските граѓани да им обезбеди навремени и релевантни информации за безбедноста при меѓународни патувања.
Во пресрет на 2026 година, беше објавен ажуриран преглед на земји кои се сметаат за побезбедни дестинации, како и на оние што треба да се избегнуваат поради зголемен криминал, политичка нестабилност или други безбедносни ризици. Американскиот магазин Newsweek состави листа на земји поделени во четири нивоа на предупредување, со појаснување што значи секое од нив.
Предупредувањата за патување имаат за цел да им помогнат на Американците подобро да ги планираат своите патувања, не само преку избор на побезбедни дестинации, туку и преку информирање за потенцијалните ризици во одделни региони на една земја. При проценката, Стејт департментот зема предвид повеќе фактори, меѓу кои криминалот, тероризмот, граѓанските немири, пристапот до здравствени услуги, можноста од природни катастрофи и актуелните политички и безбедносни состојби.
Прва категорија – „Применете вообичаени мерки на претпазливост“
Ова е најниското ниво на предупредување и опфаќа земји кои се сметаат за генерално безбедни за патување. На оваа листа се најдоа, меѓу другите:
Аруба, Австралија, Австрија, Бугарија, Канада, Чешка Република, Финска, Грција, Ирска, Јапонија, Нов Зеланд, Норвешка, Полска, Португалија, Романија, Словенија, Швајцарија, Тајван, Виетнам, како и Северна Македонија.
Сепак, дел од земјите во оваа категорија се означени како дестинации со повисок безбедносен ризик во одредени региони или околности. Меѓу нив се наведуваат Аргентина, Грузија, Парагвај, Сенегал, како и Македонија и Хрватска.
Втора категорија – „Внимавајте дополнително“
За земјите од оваа категорија, американските граѓани се советуваат на зголемена претпазливост. Тука се вклучени Албанија, Босна и Херцеговина, Кина, Франција, Германија, Италија, Мароко, Холандија, Србија, Шпанија, Шведска, Обединетото Кралство, Обединетите Арапски Емирати и други.
Одделно, како земји со висок ризик во оваа категорија се наведуваат Алжир, Боливија, Бразил, Камерун и Саудиска Арабија.
Трета категорија – „Повторно размислете за патување“
Во оваа група се земји каде безбедносните ризици се значително зголемени. Меѓу нив се Гвинеја-Бисао, Непал, Никарагва, Танзанија, Уганда и Тринидад и Тобаго.
Како земји со уште повисок ризик се наведуваат Чад, Колумбија, Етиопија, Нигерија и Пакистан.
Четврта категорија – „Не патувајте“
Ова е највисокото ниво на предупредување, за земји каде ризиците за личната безбедност се екстремно високи. На оваа листа се Авганистан, Белорусија, Иран, Ирак, Либија, Мали, Нигер, Русија, Сирија, Украина, Венецуела, Сомалија, Судан и Јужен Судан.
Американските власти апелираат граѓаните внимателно да ги следат овие препораки и редовно да се информираат пред да планираат патување во странство.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
САД објавија нови предупредувања за патување за…
Државниот департмент на САД продолжува редовно да…
САД ангажираат 400 адвокати за проверка на…
Американското Министерство за правда се соочува со…
Грција меѓу омилените дестинации за одмор на…
Жителите на ЕУ во 2024 година направиле…
Забрана за вршење дејност за сопственик на…
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против…
Пезешкијан: Иран е во тотална војна со…
Во интервју објавено од иранските државни медиуми,…