Само во Македонија може “да ти никне рака”: Нелогично законско решение и незаинтересираност на институциите оставаат луѓе без егзистенција

t

Нелогично законско решение и неажурност на Собранието и Владата создаваат главоболки за граѓаните кои се корисници на времена инвалидска пензија.

Лицата кои остваруваат права врз основ на инвалидност и неспособност за работа врз основа на која се стекнува право на инвалидска, односно семејна пензија како и телесно оштетување, фактичката состојба се утврдува врз основа на наод, оцена и мислење на Комисијата за оцена на работната способност.

Комисијата на контролен преглед констатира дали лицето е работоспособно или не. На контролен преглед одат најчесто лица со телесен инвалидитет кои се во поодминати години, но согласно закон се во рамката на работоспособно население.

Проблемот и нелогичноста на законското решение во Законот за пензиско и инвалидско осигурување настанува поради тоа што лицата кои добиваат право на времена инвалидска пензија мораат задолжително да одат на контролен преглед на секои две години.

Комисијата, иако во првиот преглед констатирала дека лицата не се работоспособни и им определила право на користење на времена инвалидска пензија, има право, во секој следен контролен преглед да го промени првичното мислење, односно да констатира дека тие во меѓувреме станале работоспособни.

На пример, на лице кое му е ампутиран екстремитет Комисијата на првиот преглед може да констатира дека не е работоспособен и да добие право на времена инвалидска пензија, но на некој следен преглед може да се предомисли, па да констатира дека лицето сепак е работоспособно, што верувајте можеби звучи чудно и нелогично, како што е, но не е воопшто редок случај.

Но овде се јавува и дополнителен проблем. Доколку Комисијата на контролен преглед утврди дека лице кое користело времена инвалидска пензија е работоспособно, постои обврска истото лице до денар да ги врати сите средства кои му биле исплатени по тој основ.

Значи Комисијата практично може “да згреши” во првичниот наод, но за нејзината грешка плаќаат корисниците на времена инвалидска пензија.

Покрај тоа што треба да ги вратат средствата, овие лица доколку го изгубат правото на времена инвалидска пензија ќе треба повторно да се вратат на пазарот на труд за да можат да преживеат, што е многу тешко поради тоа што лицата најчесто се во поодминати години и навистина имаат инвалидитет кој ги попречува нормално да работат.

Практично, овие граѓани остануваат без егзистенција бидејќи Комисијата одлучила дека при првиот преглед “ја утнала работата”.

Народниот правобранител по сопствена иницијатива за овој проблем има алармирано во два наврати до Владата и до надлежното Министерство за труд и социјална политика, но по повеќе од три години ниту Владата ниту МТСП не реагираат на нивните сугестии.

Излезот од оваа ситуација, Народниот правобранител ја гледа во можноста за создавање дополнителен основ за мирување на работниот однос во Законот за работните односи, во случај кога на работникот му се исплатува времена инвалидска пензија, до донесувањето на решение по контролниот преглед.

Имајќи го предвид фактот дека во тек е подготовка на нов Закон за работни односи во кој се содржани и одредби за мирување на работниот однос по различни основи Народниот правобранител препорачува да се разгледа прашањето со времените инвалидски пензии и последиците кои се јавуваат кога истите ќе се укинат, а граѓаните кои веќе се одјавени од работа остануваат без никаква егзистенција со што се создава состојба на социјални случаи, но на ваквиот апел нема одзив од Владата, МТСП или Собранието каде во процедура е токму измена и дополнување на Законот за работни односи.

Измена, пак, на Законот за пензиско и инвалидско осигурување не е започната, а до промена на овие закони граѓаните ќе ги трпат последиците од нелогичните законски решенија и преголемата слобода која ѝ се остава на Комисијата за оцена на работната способност, како и немањето последици по членовите на Комисијата кои можат да се предомислуваат колку сакаат, а со тоа да си играат со човечки судбини.

Во врска со ова прашање разговаравме со професорот од Правниот факултет “Јустинијан Први”, Лазар Јовевски.

Во продолжение неговите размислувања на оваа тема.

Александра Петровска, Инфомакс: Лицата кои остваруваат право на времена инвалидска пензија се соочуваат со проблеми во случаи кога Комисијата за оцена на работната способност ќе даде негативен наод откако претходно дала позитивен наод за истиот случај. Во ваква ситуација корисниците треба да ги вратат паричните средства кои ги оствариле по овој основ назад во Фондот. (Често се случува кај лица со телесен инвалидитет, ампутирани рака или нога да им дадат негативен наод).
Дали е логично и најдобро ваквото законско решение со кое практично за грешка на Комисијата се казнува лицето кое добило првао на времена инвалидска пензија.


Проф. Д-р. Лазар Јовевски: Не постои ниту едно совршено законско решение, па така и ова има свои пропусти, но во суштина постапката за оцена на работната способност е јасно и соодветено нормативно дефинирана. За остварување на правата поради инвалидност, врз основа на која се стекнува право на инвалидска пензија, фактичката состојба се утврдува со наод, оцена и мислење на Комисијата за оцена на работната способност која се формира во рамките на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Во тој наод врз основа на кој е утврдена инвалидност и поради кој лицето се стекнува со право на инвалидска пензија предвидува и обврска за задолжителен контролен преглед кој се врши во рок не пократок од една година од денот на утврдената инвалидност и кој може да се врши најмногу два пати до навршување на 65 години живот на корисникот на пензија. Оттука и тоа дека се до донесувањето на решение по извршениот задолжителен контролен преглед, на осигуреникот му се исплатува времена инвалидска пензија. Ваквата законска поставеност самата по себе не предизвикува проблем ако имаме дополнителен инструмент за заштита на лицето со времено констатирана инвалидност во однос на неговото евентуално повторно враќање на работа, но мора работите да се гледаат подлабоко односно која е причината поради што првичниот наод на лицето е позитивен односно утврдува инвалидност, а потоа е негативен? Да претпоставиме дека здравствената состојба на лицето не се подобрила драстично, тогаш дали станува збор за погрешна првична проценка или има некои други мотиви позади тоа. Во секој случај станува збор за системски проблем кој предизвикуваа штета на голем број на граѓани и мора да се корегира.

Александра Петровска, Инфомакс: Народниот правобранител предлага измена во ЗРО и предвидување на дополнителен основ за мирување на работниот однос во случај кога на работникот му се исплатува времена инвалидска пензија до донесување на решението од контролниот преглед. Сметате ли дека ова е едно од решенијата на проблемот?


Проф. Д-р. Лазар Јовевски: Да, тоа е прифатливо решение, во таков случај по првичниот позитивен наод од Комисијата за оцена на работната способност, работниот однос на работникот на кога му е утврдена инвалидност ќе биде во мирување се до спроведување на контролниот преглед и добивање на конечното решение. Доколку со контролниот преглед се потврди инвалидноста работниот однос на работникот ќе престане и истиот ќе го остварува правото на инвалидска пензија. За време на мирувањето на договорот за вработување, мируваат договорните и другите права, како и обврските од работниот однос коишто се непосредно поврзани со вршењето на работата и нема никакви посебни импликации на работодавачот освен што тој не не смее да го откаже договорот за вработување на работникот. Од друга страна пак доколку на контролниот преглед наодот е негативен, тогаш работникот ќе се врати на работното место и ќе продолжи со својата работа како и пред мирувањето на работниот однос, па така се избегнува ситуацијата каде работникот од потенцијален инвалид станува невработен. Ваквата ситуација е неповолна од многу аспекти, а еден од нив е секако и невработеноста, бидејќи мораме да имаме предвид дека тие луѓе во голема мера се пред самиот крај на работниот век или дури и да не се, се со делумно нарушена работна способност, без разлика како ценела Комисијата, па така повторното вработување и интегрирање на пазарот на трудот на овие лица може да биде уште потешко.

Александра Петровска, Инфомакс: Дали имате предлог за решавање на овој проблем бидејќи во ситуација кога работниот однос престанува, а потоа комисијата дава негативен наод лицата најчесто остануваат без никаква егзистенција?


Проф. Д-р. Лазар Јовевски: Како што напоменав и погоре, мирувањето на правата и обврските од работен однос во времето на траењето на времената инвалидска пензија е добро и прифтливо решение. Но, чинам главниот проблем не е во правната норма, туку во човечкиот фактор, односно дали имаме целосно екипирани, независни и професионални инвалидски комисии кои можат да одоговорат навремено на предизвикот и да одделеат на притисокот на нивната работа, односно служба?

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Најниската пензија треба да биде 20.000 денари,…

Пензионерите револтирано реагираат дека зголемувањето на септемвриската…

Од 30 август започнува исплатата на августовските…

Од 30 август ќе почне исплатата на…

Добра вест за пензионерите: Еве кога ќе…

Владата на денешната седница ја усвои Информацијата…

Одлична вест за пензионерите: Од денес започнува…

Минатата недела на седница беше усвоена Информацијата…

Здравството нема да преживее ако лекарите се…

Професорката Марија Ралева од Катедрата за психијатрија…