Здравството нема да преживее ако лекарите се пензионираат

t

Професорката Марија Ралева од Катедрата за психијатрија и медицинска психологија при Медицинскиот факултет во Скопје алармира дека ќе се направи голема штета со иницијативата која доаѓа од Министерството за здравство, а се однесува на Законот за пензионирање, со што се наложува здравствените работници, поточно лекарите и професорите на Медицинскиот факултет со веќе навршени 64 години да заминат во пензија.

– Потребно е преиспитување на одлуката, реална анализа на состојбата и предвидување на последиците што произлегуваат од овој чекор, затоа што тоа може дополнително да го разурне  здравствениот систем и да придонесе за натамошно детериорирање на кревкото здравје на нашите граѓани. Да не заборавиме дека просечниот животен век на нашите граѓани во последните години е намален за неколку години (за мажи изнесува 71.6 години, за жени 75.3 години) во однос на просекот од 2018 г.  (76,7 години) и просекот во ЕУ којшто изнесува 81 години, вели проф-др. Марија Ралева.

Таа објаснува дека ако од Универзитетска клиника за психијатрија докторите заминат во пензија, целата специјализација ќе остане без ментор.

-Во моментот постојат 3 различни специјализации коишто се одвиваат на Универзитетската клиника за психијатрија: клиничка психијатрија, детска и адолесцентна психијатрија и медицинска психологија. Специјализацијата по детска и адолесцентна психијатрија отпочна 2015 г. бидејќи потребата од детски психијатри стана горечка поради малиот број на вакви специјалисти (т.е. субспецијалисти), чиј број во моментот во нашата земја едвај изнесува 7. Од нив, на единственото Одделение за детска и адолесцентна психијатрија  при Клиниката за психијатрија во земјава работат четири специјалисти.  Ниту една државна специјализација од оваа област не е доделена до сега, а само 2 доктори завршиле приватна специјализација. Со интервенцијата на министерот за здравство, во пензија треба да заминат 2 супспецијалисти (детски психијатри), од кои еден наставник. Тоа значи дека целата специјализација  од оваа област ќе остане без ментор, без едукатори и ќе треба да згасне. Тоа ќе се одрази и на другите специјализации кои се изведуваат на Катедрата, што долгорочно ќе се рефлектира врз севкупната грижа за менталното здравје на децата и младите, врз семејствата и врз самите пациенти, алармира проф. д-р Марија Ралева.

Професорката објаснува дека општествените проблеми директно се одразуваат врз младите поради што се соочуваме со епидемија на ментално-здравствени проблеми кај децата.

– Соочени сме со епидемија на ментално-здравствени проблеми кај децата и младите, бидејќи општествените проблеми директно се одразуваат врз менталното здравје на граѓаните, особено на најмладите: пред сѐ децата и младите во социјален ризик, децата изложени на насилство и злоупотреба, децата со невроразвојни растројства и особено растројствата од аутистичниот спектар, како и други состојби кои се одразуваат врз менталното здравје на најмладите, при што постои огромен јаз помеѓу потребите и достапноста на службите. Со згаснувањето на специјалистичките и едукативните програми за оваа област уште повеќе ќе се опустоши дејноста во наредната деценија, дополнува професорката.

Таа нагласува дека потребата од млади кадри е разбирлива, но не по цена на здравјето на граѓаните.

-Дури и да е целта да се згрижат овие продуцирани млади кадри, или да се задржат во земјата, за сметка на искусните лекари, тие нема да бидат во состојба да ја надоместат работата, бидејќи значително се намалува, а во некои области и се прекинува процесот на нивната специјалистичка едукација. За тоа веројатно треба да се обмисли многу посериозно, затоа што последиците кои произлегуваат од краткорочно донесените решенија се несогледливи по здравјето на граѓаните, како впрочем и целокупната политика на вработување на младите кадри, завршува д-р Ралева.

Извор: Слободен печат

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

МЗ: Над 50 илјади граѓани примиле вакцина…

Министерството за здравство информира дека над 50…

Судска медицина ќе ја утврдува причината за…

 Министерството за здравство во врска со смртниот…

На распит пред Анкетната комисија актуелни и…

На собраниската Анкетна комисија за скандалот во…

Левица: Нема термини за прегледи за рак…

Алармантната состојба во здравството, поради катастрофалните политики…

Меџити: eден месец пред скандалот на Онкологија…

Имавме индиции дека во минатото се случила…