Светски икони: Брус Ли – легендата живее

t

Светски икони – мода, филм, музика, стил (24.1)

Брус Ли – легендата живее
/Стратегија Биди вода!/

Брус Ли како легенда, супер стар и кунф-фу воин ни го претстави неговото поимање на кунг-фу филозофијата и стратегија за борба и победа. Тоа најдобро го правеше со сопствениот стил Џит -кун-До, како специјална техника, теорија на борба, начин на вежбање и методологија на тренинг. Сето тоа го обликуваше во посебни стратегии. Една од нив е стратегијата “Биди вода!“. Со оваа стратегија тој стана легенда, а неговиот живот и моќта на расудување и дејствување, станаа мит.
Овој кунг-фу борец и филозоф стана мој голем идол кога се запознав со неговата филозофија/стратегија наречена “Биди вода“. Сета тајна и моќ на динамичните комуникации, кои се основа на модерниот брендинг, можеме да ги најдеме во филозофијата на Брус Ли. Еве ја сржта на таа филозофија, претставена во кратка рамка: Треба да го отвориме својот ум и да го испразниме како вода. За таа цел тој советува ‘’Испразнете ги своите мисли, бидете без строга форма, безоблични како водата. Истурете ја водата во чаша и таа станува чаша. Истурете ја водата во шише и таа станува шише. Истурете ја водата во чајник и таа станува чајник. Но, водата може да тече и може и силно да удри! Биди вода, пријателе’’.
Оваа своја животна филозофија Брус Ли ја изнесе во едно телевизиско интервју во 1971 година. Тој со познатата мудрост на Истокот објасни како е да бидеш најдобар во борбата. При тоа кажа: ‘’Водата е брза, моќна, со леснина се прилагодува на околностите, секогаш го наоѓа патот, не можеш да ја стиснеш…’’. Брус Ли преку оваа филозофија сугерира дека техниките и елементите, за постигнување на резултати кои водат до успех се познати, но редоследот и активирањето на конкретниот елемент во вистинско време и на право место се различни.
Основна поука на оваа филозофија е да учиме нови работи, да ги совладуваме препреките, и на крајот да си го најдеме сопствениот пат. Пат до поставената цел, пат до саканите резултати, и пат до успехот кој ни недостасува и го посакуваме. А сето ова подразбира дека мора да научиме како да се справуваме со проблемите, како да ги решаваме, како да ги поднесуваме поразите и слично. Значи, како да се прилагодуваме на околностите и контекстите што тие ги прават. Тоа подразбир како да бидеме флексибилни, како да бидеме активно свесни и незапирливи. Но, и да не заборавиме да бидеме природни и како да се култивираме, во вистинска смисла на зборот. Затоа, Брус Ли пак би рекол: Биди вода пријателе!(Стратегијата применета е во политичката арена во Македонија, во изборна кампања во 2017-та и се покажа како победничка.)
Брус Ли беше филозоф роден во годината на змејот, кој секојдневно правеше склекови на палците на раката, но и вистински воин, поет и танчер, склон кон ча-ча-ча фенси чекори и движења. Не успеа да стане сведок на сопствената слава. Почина еден месец пред прикажувањето на филмот “Во змејовото гнездо“, најголемиот и најгледаниот филм со кунг-фу борби во историјата. Во киносалите во светот немаше празно место или столче додека се прикажуваше овој филм. Филм во кој Брус Ли (во стилот “сам против сите“) со своите боречки умешности ги совладуваше сите противници.
Преку овој филм, боречките вештини од истокот влегоа на голема врата во САД и тоа дефинитивно е заслуга само на Брус Ли. Инаку филмот заработи повеќе од 200 милиони долари, а Брус Ли стана икона на сите тинејџери во светот по својата смрт. Во годините по неговата смрт, неговите фанови станаа опседнати со неговиот лик и дело. Сите сакаа и одеа да тренираат кунг-фу, неговите постери беа закачени во домовите на средношколците и студентите заедно со постерите на Че Гевара, Џемс Дин, и Мерилин Монро.
Остана да го паметиме вечно младиот херој од големото платно, кој преку својот животен став и движењето на рацете, нозете и телото се трансформираше од обичен секојдневен човек во голем јунак на денот. На тој начин Брус Ли стана легенда, а преку убавината на вежбите и силината на ударите, напорното тренирање, цврстината и челичната волја со која ги совладуваше многубројните животни препреки прерасна во мит.
Што можеме друго да научиме од Брус Ли?
Знаењето ни дава моќ, а карактерот ни обезбедува почит.
Не е доволно само да се има знаење. Треба тоа знаење да се примене во реалниот живот.
Не е доволно само да посакуваш, треба и да дејствуваш.
Не ме плаши човек кој 10 000 удари вежбал еднаш. Се плашам од човек кој еден удар го вежбал 10 000 пати.
Не постојат граници. Постојат само скали, на кои не треба да се задржуваме, туку да одиме понатаму – напред.
Не треба да се фокусираме на околностите, туку на можностите во нив и пошироко.
Како размислуваме, такви и ќе бидеме.
Секогаш треба да бидеме свои. Слободно да ја изразуваме својата личност. Да имаме доверба во самите себе. Треба да бидеме автентични и оригиналани.
На крајот само можам да кажам дека “малиот змеј“ леташе подобро и повеќе од останатите. Подалеку дури и од ѕвездите. Но, во суштина беше само упорен и праведен млад човек кој што туку зачекори по златната патека на успехот – блескава но и трнлива.
Денес и понатаму луѓето го паметат Брус Ли како легенда која и понатаму живее преку неговата боречка вештина Џит Кун До – вештина која тој ја доведе до совршенство.

Сотир Костов

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Еден Стpaтег, една Струмичка Барбика и немopaлна…

Колумната е кратка приказна за селските и…