Светски икони: Кетрин Хепберн – Интелигентна, револуционерна и независна

t

Светски икони – мода, филм, музика, стил (21.)

Кетрин Хепберн – Интелигентна, револуционерна и независна

Најголема актерка во историјата на Холивуд и филмската индустрија. Добитничка на четири оскари, прогласувана за најдобра актерка на фестивалите во Кан, Венеција, Берлин и многу други. А и како нема да биде најдобра, кога е интелигентна во актерството, во облекувањето секогаш револуционерна, предизвикувачка и интригантна, а нејзиното однесување одсекогаш беше независно. Таа е првата актерка која се избори за својата слобода, во однос на големите студија, режисерите и продуцентите.
Овие карактеристики и помогнаа да израсне во најголема и највпечатлива икона на стилот. Голем феномен на Холивуд – актерка, со истенчен нерв за глума и дива која одбиваше да се потчини на клишеата, шаблоните, па и на целиот систем на Холивуд. Беше посебна и неповторлива во сè што направи на филмското платно.
Инаку, на филмот дебитираше уште во 1932 година со комедијата Сметка за развод, а потоа во еден здив до 1943 година сними повеќе филмови како што се Мали жени, Силвија Скарлет, Празник, Филадејфиска приказна, Насила дадилка, Театарска кантина, Богата улица, Жена на годината и Алис Адамс. Иако во овие филмови била облекувана во гламурозни креации, таа приватно преферираше удобна, функционална и елегантна облека, лежерни, безмалку машки костими и андроген изглед. Со улогите во овие филмови во кои се прослави како актерка, создаде нов тип хероина.
Најпрвин беше дочекана како “отров за публиката”, но со тек на времето беше прифатена со восхит, разгорен колку поради нејзината агресивна духовност, толку и поради нејзината неконвенционална убавина. Интелектуално доминираше на филмското платно, а богами и во животот не заостануваше во таа доминација. Со својата оригиналност, но и харизмата и сјајот што ги поседуваше, со кои едноставно зрачеше и привлекуваше, се вивна во највисоките холивудски ѕвездени врвови, предодредени само за најдобрите и најголемите.
Посебноста беше нејзината диференција, специфика. Висока, коскеста, со изразени црти на лицето кое умее да ги изрази најсуптилните емоции, таа се прослави особено со улогите на енергични, еманципирани и чувствителни жени, дистанцирани од доблестите и пороците на своите партнери. Со нејзината неконвенционалност помешана со изразената интелектуалност освојуваше на прва топка. Кога размислувам за актерките како Кетрин Хепберн кои со своето облекување, актерските вештини кои ги поседуваа и стилот кој ги одликуваше, убеден сум дека тие го обележаа 20век – век на современа и екстравагандна мода и век на впечатливи животни стилови. Во овој контекст Кетрин е на самиот врв, иако нејзиниот стил е еден вид негација на холивудското промислување за изгледот на ѕвездите.
Уште во првата фаза од нејзината кариера, во стил на вистинска антимодна икона, секогаш зборуваше дека модата не ѝ е особено битна. Таков начин на размислување, во тоа време целосно неприфатен, со тек на времето се претвори во раѓање на нов поглед на американски стил на живот и елеганција. Секогаш носеше панталони, дури и во време кога жените што ги носеа немаа пристап на многу места. Црната и бела кошула, белите панталони и црвените чорапи засекогаш останаа константа на нејзиното облекување низ целиот нејзин живот. Таа е најзаслужна што машките костуми станаа составен дел на женската гардероба. Често ги носеше и ги промовираше во јавниот живот во 40-тите години од 20 век, период кога жените исклучиво носеа сукњи и фустани. Покажа дека и тој вид ‘’машка’’ гардероба, може истовремено и за жените да биде удобна, практична, но и гламурозна.
Во тоа време нејзиниот стил беше револуционерен, а покасно стана и инспирација за трендовите кои на модните писти се искачија дури во 70-тите години од минатиот век. Исклучителниот, ослободувачки став кон облекувањето, подоцна беше инспирација за генерации и генерации жени и зачетник на лежерна, удобна класика инспирирана од машка гардероба и машки стил. Нејзиниот впечатлив јавен имиџ го почитуваа и костимографите од нејзините подоцнежни филмови, допуштајќи ѝ да се облекува баш онака како што го прави тоа во приватниот живот. Без разлика што на тоа не му даваше голема важност, таа и тоа како беше свесна за своето големо влијание врз модата во тоа време.
Жестока и независна, Кетрин Хепберн своевремено изјави дека секогаш кога ќе ги слушне машките како сакаат да ги видат жените облечени во сукња, им вели да се обидат тие да ја облечат. Нејзината бескомпромисност влијаеше на цели генерации модни дизајнери. Тоа го потврдуваат и Келвин Клајн и Ралф Лорен кои не еднаш искажале дека Кетрин Хепберн е голема инспирација во нивната работа. Во позрелите години нејзините хероини од филмовите беа подеднакво цврсти, упорни и бескомпромисни. Поседуваа мудрост на зрели години, која на искричавите каприци од младоста им даваше посакувана благородност и благост пред која безмалку сè се топи. Во таква светлина останаа ликовите во филмовите Лето, Човекот што правеше дожд, Ненадејно минатото лето, Погоди кој доаѓа на вечера(во кој е добитничка на оскар), Зимата на еден лав(добитничка на оскар) и Летниковец(добитничка на оскар). Трите добиени оскари сведочат дека Кетрин Хепберн беше голема актерка обожавана од публиката, а ценета од филмската фела и критика.

Сотир Костов

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Еден Стpaтег, една Струмичка Барбика и немopaлна…

Колумната е кратка приказна за селските и…