Светски икони – Ленард Коен: Поет на животот и музичар на смртта

t

Светски икони – мода, филм, музика, стил(11.)

Ленард Коен: Поет на животот и музичар на смртта

‘’Сакав да бидам слободен’’

‘’Еве ме, подготвен сум, Господе’’

Ленард Коен

Пред шест години(2016г.) на 6 ноември од овој свет си замина и Ленард Коен(Leonard Kohen) – светски познатиот песимист кој го сакаше животот.Ни остави огромно творештво проткаено со сомнеж. Ниту времето,ниту долгата кариера, не ја нагризаа оваа карактеристика на неговото творештво.Таа постојано добиваше различни форми: депресија, духовно/физичко повлекување, необјавување, мудро молчење…Но, како и да е, тој беше и за секогаш ќе остане најголемиот поет помеѓу музичарите и ненадминатиот музичар помеѓу поетите, бард на светската поезија и гуру на алтер рок и поп музиката.

Засекогаш ќе го паметиме како великанот на светската поезија и легендата на меланхоличната рок и поп музика. Ненадминатиот поет на љубовта, тагата и болката, квалитетниот романописец/текстописец, моќниот композитор, љубопитниот авантурист, тивкиот будистички свештеник, боемот со блага душа и стил на современ данди во 21от век. Човек со бројни дарби,  огромна мудрост, немерлива доброта, природна отменост и благородна душа, каков што беше Коен, можеби и не припаѓаше на овој неправеден и грд свет.Поетски и музички бренд со раскошно единство на духот и телото. Икона со блесок на дијамант.

Во младоста пееше за трагедијата на животот, а во последната етапа од животот ја славеше радоста на живеењето – се до неговата 82 година. Тој беше толку храбар и одважен, што во последното интервју за Њујоркер ќе изјави ‘’…Подготвен сум да умрам. Се надевам дека не е премногу непријатно. Тоа е тоа што се однесува до мене…’’. Така во нашите очиќе остане вечен јунак, бунтовен и романтичен поет, но и композитор од глас и омилен изведувач. Некој со право ќе запише дека тој е поет и писател, колку и музичар. Рокер, колку и поп пеач, кој уште за живот стана авторитет и вистински класик. Вистина е дека секоја негова популарна песна не стануваше само хит, туку и евергрин, кој генерациите го обожаваа и славеа како култ.

Го нарекуваа творец на меланхолијата, првенец на песимизмот, трговец на очајот,крал на тагата, кум на темнината и црниот универзум. Се појави како поет во педесетите, израсна во фолк пеач во шеесетите, седумдесетите му донесоа губење на кредитот за стекнатата слава, во осумдесетите стекна култен статус на алтер рок сцената, во деведесетите ја предвиде иднината и стана надежен зен-будист, во двеилјадитите менаџерката и поранешна љубовница го ограби, а во 21от век, најпрвин,ни пееше  за ‘’Популарни проблеми’’, што наликуваше скоро како блуз, а за крај го сними одличниот албум ‘’Би сакал потемно’’, го облече свечениот костум, го накриви шеширот и замина – отиде на некое подобро место.

Тој и таков Ленард Коен важи за еден од најчитаните автори(поет и писател) во светот, но и композитор и кант-автор, чии песни се најмногу изведувани и слушани. А сигурно е дека така ќе остане и за долго. Зошто? Затоа што во своите нумери најпрвин пееше за убавината на животот и ништавилото на смртта, за тагата и болката во душата, за паднатоста на духот, а потоа, и затоа што тој пеејќи ги песните, проповеда за љубовта, за чувството на припадност, за солидарноста, за осаменоста, но и за несогласувањето со заглупувачките навики на секојдневието.

Во касните шеесети од 20от век рок музиката го фати тој правец, а музиката на Коен стана еден од симболите на тоа определување. Но, со своите стихови Коен, го надмина нивото на рок и хипи-поезија, и се приближи на високото ниво на осамената медитација, на иронијата вперена кон индивидуалната самосвест, и секако, на сомнежите и неверувањето на единката која даваше отпор на естаблишментот кој сакаше да ја проголта.  Во таа смисла неговите теми, римите и длабочината на емоциите, ги достигнаа оние на Бајрон и Шели, и секако, на нему најблискиот Федерико Гарсија Лорка.

Самиот истакнуваше дека циганската музика, романтичарскиот фатализам, левичарската цртка, и воинствениот етос со кои беа натопени стиховите на Лорка, го поттикнале да ги напише своите први песни и да купи гитара, која на вистински начин ќе отпочне да ја користи неколку години подоцна, кога ќе учествува во создавањето на традицијата на протестната поезија и музика во САД, чиј зародиш е во маргините на њујоршката музичка сцена, а се зацврстува преку симбиозата на американското влијание и европскиот стил. Тој процес Коен го започнува со  книгите поезија ‘’Ајде да ги споредуваме митологиите’’(1956), ‘’Кутија со зачини за Земјата’’(1961), ‘’Цвеќе за Хитлер’’(1964), ‘’Да се победи рајот’’(1966), ‘’Одбрани песни 1956 – 1968’’(1968) и ‘’Сила на робовите’’(1972), романите ‘’Омилена игра’’(1963) и Убави губитници’’(1966) и секако песните и музиката во издадените плочи ‘’Песните на Ленард Коен’’(1967), ‘’Песните од собата’’(1969), ‘’Песните за љубов и омраза’’(1971) и ‘’Живите песни’’(1972). За неговите романи ‘’Омилена игра’’, од 1963 година, и ‘’Убави губитници’’  од 1966 година, еден критичар од САД го опишува како врвен поет и романсиер, и притоа за историјата ќе запише:  ‘’Џејмс Џојс не е мртов… Тој живее под името Коен… и пишува од точка на гледање на еден Хенри Милер’’.

Инаку, тој ги поседува сите карактеристики на народните пеачи, познати како минезенгари и трубадури, а во јавноста препознаени како осамени скитници, изведувачи кои зборуваат со јазикот на обичните луѓе – за тагата на отфрлените, загриженоста на навредените и разочараноста на понижените. Такви се Жак Брел, Боб Дилан и Жорж Брасонс. Тоа е друштвото на одбраните, посебните, на кое припаѓа и Ленард Коен.

А всушност тоа беше неговата животна приказна. Во секоја од напред наведените песни се преплетуваат тагата, радоста, надежта и очајот, но таа испреплетеност ја чувствував и во душата на легендарниот пеач, секогаш кога и да слушав било која негова песна.

Кој е Ленард Коен? Ленард Коен е човек со многу лица, творец со многу способности. Беше скромен, тивок и повлечен. За себе не размислуваше ниту како за писател и изведувач, ниту на нешто слично. За него да се биде човек, беше многу повисоко чувство, од сето тоа. Тој беше човек кој ја бараше смислата на постоењето и животот воопшто. Како ‘’Будистички Евреин со Исусов комплекс’’ и ‘’Џикан – тишина помеѓу две мисли’’, беше неврендинг истражувач на најнедостапните дамари на нашите души. Алелуја.

Сотир Костов

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Еден Стpaтег, една Струмичка Барбика и немopaлна…

Колумната е кратка приказна за селските и…