Светски икони – мода, филм, музика, стил (24.)Брус Ли – личност во која се сретнаа Истокот и Западот

t

Раните 70-ти години од минатиот век ги карактеризираа два поврзани феномени: Кунг-фу боречките вештини во подем и неповторливиот и извонреден Брус Ли. Овие феномени имаа свои социо-културолошки, уметнички, естетски, едукативни и психолошки аспекти и карактеристики. Преку нив директно се запознавме со историјата, културата и традицијата на источните општества во Азија, како што се Кина, Кореја, Хонг Конг и Јапонија. Тие ни ги приближија древните боречки вештини на Далекиот исток, познати каско Кунг-фу(“шаолински бокс“) кои ја јакнат физичката кондиција, но и психичката стабилност.

Брус Ли е култна и културна икона. Важи за најпознат и најславен мајстор на боречки вештини. Познат актер е, добар режисер, сценарист и продуцент. Филозоф на боречки вештини. Филозоф-борец кој допринесе за взаемно разбирање на социо-културните мисли на Истокот и Западот

Личност со идеи и визии. Карактер со ред и дисциплина. Убеден, упорен, издржлив. Највисоко ниво на фокусирана одговорност. Човек концентрација и перфекција! Тој е борец кој внесе уметност во кршењето коски. Гледа десно, а удира на лево и притоа мјаука. Одличен кунг-фу мајстор, со изградена индивидуален стил и извонредно чувство за техника, ефектно брилјантен и вонсериски.

Супер херој на младите од 70-тите и 80-тите години. Поради него и неговите боречки вештини, но и сваќања за животот, младите од целиот свет масовно почнаа да тренираат кунг – фу, а неговиот реквизит “нончаки“, го присвоија под името “чакли“.

Откога ги видоа неговите боречки перформанси, во неговите филмови, снимени без филмски трикови и без дублери, сите посакаа да бидат бесмртни херои на улицата, моќни борци и на крајот симболи на источните боречки вештини, но и филозофијата од која тие вештини произлегуваат. Како учител на софистицирана филозофија од Истокот допринесе истата да се измеша со западната филозофија, со што оствари големо влијание на животниот стил и начинот на однесувањето на младите од Западот.

Сите го знаат како прекален и вешт борец, но мал е бројот на оние кои навлегоа во неговата суштина и ја запознаа неговата вистинска личност. Многу години подоцна неговата ќерка Шенон Ли, сними филм “Змејот: Приказна за Брус Ли“ филм кој се темели на претходно напишани две биографии за Брус Ли и филм кој ја открива непозната страна на неговата личност. Филм кој го открива како нежен и внимателен сопруг, грижлив и одговорен татко, вљубеник во филозофските учења, но и како плоден писател и поет.

Младите од светот го запознаа како борец за правда и одмазник, но одмазник кој ги штити слабите и неоправданите. Преку остварените улоги во своите филмови тој се претвори во светец заштитник на луѓето – на мистичното верување на луѓето дека се доволно моќни да го надминат физички невозможното, под услов ако упорно тренираат, доволно медитираат, и одговорно внимаваат на исхраната.

Основата на неговата филозофија беше дека силата на човекот е во неговата волја, упорност и пред се одговорност кон себе и своето опкружување. А токму тоа е духот на кинеската традиција. Цел живот континуирано учеше и не се срамеше да каже дека секогаш во секоја прилика учи по нешто ново. Како вистински филозоф многу често знаеше да каже “Сите видови на знаење на крајот водат кон самоспознавање“. Во основа беше многу практичен и рационален и советуваше “користете го само она што функционира, и земето го од каде било“. Беше свој, автентичен и оригинален, и на своите следбеници им сугерираше секогаш да бидат тоа што се. Да веруваат во себе и слободно да се изразуваат на свој начин, а не да ги копираат познатите личности за да не бидат нивна копија.

Можеби најповеќе од се го прослави неговиот голем фанатизам, фанатизам кој одеше до границата на здравиот разум. Тој навистина веруваше, а така и се однесуваше и до последниот ден во својот живот, дека телото може да доведе до убиствена перфекција и бесмртна издржливост. Во тој контекст, тој не беше Супермен, а за волја на вистината ниту еднаш не заличи на подоцнежните – Рамбо, на Силвестер Сталоне, ниту на Терминаторот на Арнолд Шварценегер. Со својот боречки перформанс, на еден начин тој му даде убавина на насилството (само во случаите кога со примена на сила се бранат незаштитените и немоќните) и на уличните тепачки (исто така само во случаите кога послабите се нападнати од улични насилници и разбојници).

Неговите прецизни акробации беа налик на балетска игра, во која тој скокајќи во воздухот и правејќи движења со рацете и нозете, односно удирајќи ги своите противници по главата телото и екстремитетите, личеше на балетан кој ги допира и гали луѓето околу себе, а всушност со елеганција, брзина и невидена умешност тој ги поразуваше. Мора да се признае дека беше пионер, мисионер, мајстор и лидер на ширењето на кунг-фу вештините во светот. На крајот, за жал, стана и жртва на својот перфекционизам, жртва која почина под недоволно разјаснети околности. Единствен во стилот, ненадминат во животната филозофија, совршен во неговата кунг-фу експертиза.

Сотир Костов

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Герасимов: Запрено е напредувањето на украинските сили…

Напредувањето на вооружените сили на Украина длабоко…

Рускиот опозициски активист: Украина е жртва на…

Рускиот опозициски активист Илја Јашин вели дека…

Во Брисел е нападнат амбасадорот на Азербејџан…

Амбасадорот на Азербејџан во НАТО и неговата…

Немаме сознанија, ќе го контактираме Киев –…

Соединетите Американски Држави планираат да ја контактираат…

Вечна им слава на ХЕРОИТЕ! 23 години…

И по 23 години од случувањата на…