Светски икони – мода, филм, музика, стил(16.) Дејвид Боуви: Бунтовен херој и вечен камелеон

t

Не знам каде одам,
ама ветувам дека нема да биде досадно
Дејвид Боуви

Дејвид Боуви е музичар, уметник, славна личност, ѕвезда, икона, легенда, мит…

Постојат луѓе за кои мислам дека ќе живеат вечно. Еден од нив е Дејвид Боуви. Музичар кој најпрвин беше ексцентричен уметник, потоа славна личност, која израсна во ѕвезда, а ѕвездата во поп и рок икона. На 10 јануари 2016 година физички не напушти, заминувајќи кон патеката на легендите. Денес, во нашата меморија е мит. Етеричен, со продорен поглед, делуваше како битие од некој друг свет, човек кој повеќе припаѓа на некои дтуги свери. Се работи за феномен. Феномен не само според авангардното дело што го создаде, туку и според начинот на кој живееше. А тој избра да живее по сопствени правила и во сопствена режија, а неговата редизајнирана верзија на глам-рок го направи вистинска музичка икона.

Беше и остана прв и последен, најголем и единствен уметник со јако изразена автоконцептуализација и имагинативно самоосмислување, и секогаш одново, и како по правило, различно осмислување. Невиден бунтовен херој до неговото паѓање на планетата Земја. Создавајќи разновидна уметност, стана мајстор на трансформацијата, вистински и вечен камелеон, кој со својот извонредно квалитетен и шокантен перформанс, сите ги воодушевуваше, заведуваше, насочуваше и забавувше. Самиот, во една прилика, рече дека сакал да биде и натчовек, а не само човек. Од друга страна пак одбиваше да стане витез и ‘’Сер Дејвид’’, и на двапати на кралицата Елизабета II и даваше корпа, културно и елегантно, како никој пред него. Дефинитивно, беше креативна личност со бескрајна имагинација, и немирен дух, со нагласена индивидуалност.

На музичката и целата светска јавност и стана познат со првиот негов музички хит Space Oddity, уште во 1969 година, наговестувајќи големи промени во светот на музиката, и покажувајќи нешто ново, свежо, дотогаш невидено. Овој хит го лансираше во врвовите на музичката орбита, а тој за прв пат инкарнираше во Мајорот Том. Таму, истражуваше во многу области, а најмногу од се експериментираше. Пред се, и над се, Дејвид Бови беше за промена. Го артикулираше задоволството на мутацијата: Зошто да бидеш она што си бил вчера, ако утре можеш да постанеш нешто друго?
На почетокот, самиот себе се пронаоѓаше. Го бараше својот идентитет. Тоа беше првата драма на неговото ‘’јас’’. Следуваше албумот The Nan Who Sold the World(1970), кој содржи нумери во кои е отфрлен дотогашниот акустичен манир и го менува со звукот на електрична гитара, а веднаш по него во 1971 го објавува и Hunky Dory. Со нив не постигнува некој голем успех, па заради публицитет, ја објави својата хомосексуалност, косата ја исфарба црвена и ја започна својата трансформација во рок ѕвезда – вонземјанин. Стана вонземјанин помеѓу земјаните, и земјанин помеѓу вознемјаните.

Во периодот на преоѓање од мод во хипи фаза, кога кокетираше со сопствената андрогиност и кога ‘’making love with his ego’’, тој беше Зиги Стардаст од истоимениот негов албум(1972). Се работи за клучен албум, не само за неговата кариера, туку и за иднината и историјата на рокот. Со овој лик тој се прикажува како футуристичко андрогено суштество од друг, повозбудлив и поексцентичен свет. Неговиот физички сценски изглед содржел елементи на кабуки театар(Јапонија), италијанската комедија дел арте и елементи од пантомима. Со таков футуристички изглед Дејвид ја фасцинираше публиката, а тој стана пионер во трансформирањето на рок-концертите во екстравагантни спектакли.
Откако успеа во тоа, повторно се самоизмислуваше… се менуваше и самоубиваше(‘’Ashes to Ashes’’, ‘’Rock n’ Roll Suicide’’), стануваше и повторно почнуваше(‘’Absolute Beginners’’). За само 10 години се впушти во невиден и неверојатен жанровски слалом со кој помина преку глам-рок, пластичен соул, експериментален и арт рок. Покрај веќе споменатите албуми ги издаде и ‘’Aladin Sane’’, ‘’ Young Americans’’, ‘’ Station to Station’’, ‘’ Low’’, ‘’ Heroes’’, ‘’Lodger‘’, ‘’ Lets dance’’. Сите тие ја сочинуваат гривната во која секој бисер блеска со магичен сјај. Така со својот најкомерцијален албум ‘’Lets dance‘’ ја обележува ерата на новиот романтизам(1983). Истоимената насловна нумера се искачи на врвот на топ-листите во САД и Велика Британија, и заедно со ‘’Modern love’’ и ‘’China girl’’ ги поставува новите стандарди на музичкиот свет.

Камелеон способен за фасцинантни трансформации. Кога прв пат го запозна публиката, Боуви во себе ги носеше дилемите предизвикани со крајот на шеесетите од 20от век и со смртта на контракултурата. Сепак, публиката беше спремна за нешто ново. Тој понуди еден дотогаш невиден и непознат композит од соул и фанк, преку експресионизам и нов поп, до глам-рок и електронска музика. Во оваа уметничка, музичка и културна понуда Боуви се пројавуваше во новите, измислени ликови, како Зиги Стардаст, Аладин Сеин, Виток Бел Војвода, Мајорот Том, Џон Мерик, Хеловин Џек, преку кои константно ја трансформираше својата личност. Сите овие ликови до еден, му служеа да ја раскаже приказната.
Тоа е неговата приказна – роман со многу лица. Тој роман Боуви го пишуваше цел живот. Тоа беше и негов филм кој сам го режираше и во него ја играше главната роља. Сето заедно претстава со многу карактери, кои сите, повторно, се тој самиот – претстава во која на еден по малку Чаплиновски начин ја раскажува приказната за малиот човек, изгубен во светот во кој никој за никого не води сметка и никој на никого не му е потребен. Накратко, Боуви беше голем горостас, кој цело време, преку своите различни ликови, не играше нас – обичните секојдневни мали луѓе.

Неговата основна магија беше дрската моќ да ни се обраќа како да ни раскажува само на нас. Секој кој се впуштил во чувствата на неговите песни, знае дека Боуви беше најдобар кога ги глумеше судбините на различните ликови и ги раскажуваше нивните приказни, кои можеа да бидат и наши. И за чудо, во тоа сите се пронаоѓавме, бидејќи беше така уверлив и заводлив во својата љубов за животот таков каков е, додека траеше музиката, а ние затечени, станувавме херои, барем за миг. А се реализираше и како успешен актер. Постојано флертуваше со филмската уметност. Глумеше вампири, вонземјани, војници…. на филмското платно ги овековечи и Енди Ворхол, Никола Тесла и Понтие Пилат. На сите тие флертови им ги подари својата креација, имагинативноста, идентитетот. На сето тоа само додаде израз и тон и кругот беше затворен. Уметничкото дело беше создадено.

Ако погледнеме кон небото, легендата Боуви е таму некаде во вселенските височини.

Сотир Костов

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Герасимов: Запрено е напредувањето на украинските сили…

Напредувањето на вооружените сили на Украина длабоко…

Рускиот опозициски активист: Украина е жртва на…

Рускиот опозициски активист Илја Јашин вели дека…

Во Брисел е нападнат амбасадорот на Азербејџан…

Амбасадорот на Азербејџан во НАТО и неговата…

Немаме сознанија, ќе го контактираме Киев –…

Соединетите Американски Држави планираат да ја контактираат…

Вечна им слава на ХЕРОИТЕ! 23 години…

И по 23 години од случувањата на…