СДСМ: Без табуа, со знаење – младите заслужуваат предмет каде ќе се учи на промоција на здравје, здравствени навики и сексуално образование

t

Соопштение за јавност

На младинската трибина на СДММ „Без табуа, со знаење – младите и сексуалното образование“, учесниците порачаа дека младите имаат право на научно засновани информации, здравствена заштита и образование што ќе им помогне да носат одговорни одлуки и да градат здрави и ненасилни односи.

На трибината се обратија претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, проф. д-р Ана Данева, претседателка на Комисијата за здравство на СДСМ и гинеколог, Даниела Николова, пратеничка и членка на Комисијата за образование и наука, доц. д-р Стефан Васев, член на Комисијата за труд и социјална политика и член на Европската асоцијација на сексолози, и Стефанија Кузмановска, претседателка на СДММ.

Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, порача дека образованието мора да се темели на научно засновани факти и да им обезбеди на младите квалитетно знаење и соодветна институционална поддршка, посочувајќи дека денес Владата наметнува политики спротивни на потребите на младите и го ограничува нивниот пристап до едукација за здравјето, психофизичкиот развој и градењето здрави меѓучовечки односи.

„Образовниот систем мора да се темели на знаење, наука и факти а младите имаат право на квалитетно образование и институционална поддршка. За жал, денес имаме Влада која, како и сè друго во државата, го узурпираше и образовниот систем, креирајќи политики спротивни на потребите на младите и ограничувајќи го нивниот пристап до едукација за теми од значење за нивното здравје, правилниот психофизички развој и градењето здрави и одговорни меѓучовечки односи. Образованието е важен дел од здравствената превенција и им помага на младите да го разбираат сопственото здравје, да препознаваат ризици и да носат одговорни одлуки“, рече Филипче.

Проф. д-р Ана Данева се осврна на здравствените придобивки од сексуалното образование, особено во превенцијата на несакани бремености и сексуално преносливи инфекции, како и во развивањето здрави навики и одговорен однос кон сопственото тело. „Сексуалното образование е важен дел од здравствената превенција. Младите треба да имаат точни медицински информации за сопственото тело, репродуктивното здравје и начините на заштита, за да можат навремено и одговорно да се грижат за своето здравје“, истакна д-р Данева.

Даниела Николова ја истакна потребата сексуалното образование да биде дел од образовниот систем, нагласувајќи дека неговата цел е младите да развијат самосвест, критичко размислување и почитување на сопствените и туѓите граници. „Сократовото ‘Спознај се самиот себеси’ нè потсетува дека не можеме свесно да управуваме со сопствениот живот ако не ги разбираме своите мотиви, чувства и граници. Сексуалното образование не треба да им диктира на младите кога, како и со кого да живеат, туку да им помогне да се спознаат себеси и да знаат што можат да очекуваат од другите“, посочи Николова.

Доц. д-р Стефан Васев презентираше податоци за малолетничките бремености и раните бракови, посочувајќи дека Македонија мора посериозно да се посвети на превенцијата и сексуалната едукација. „Според податоците што ги презентираме, стапката на малолетнички бремености во Македонија за 2024 година изнесува 15,7 на 1.000, наспроти европски просек од околу 6 на 1.000. Особено загрижувачки е податокот за евидентиран абортус кај девојка на само 13 години. Овие бројки се сериозно предупредување дека младите имаат потреба од навремено образование, проверени информации и институционална поддршка“, истакна Васев.

Тој посочи дека во повеќе европски земји сексуалното образование е задолжително или интегрирано во образовните програми и нагласи дека Македонија треба да ги следи научните сознанија и позитивните практики.

Стефанија Кузмановска, претседателка на СДММ, ја потврди определбата на младите социјалдемократи за образование што ќе им овозможи на младите да ја разбираат сопствената сексуалност, да препознаваат ризици и да градат безбедни односи засновани врз почитување. „Младите заслужуваат образование што ќе им даде знаење, самодоверба и вештини за одговорно донесување одлуки. Не смееме да ги оставиме без одговори на прашања што директно влијаат врз нивното здравје, безбедност и иднина. Наместо табуа и предрасуди, потребни се знаење и поддршка“, порача Кузмановска.

Од трибината беше упатен повик до Министерството за образование и наука да продолжи со концептот за воведување сексуално образование, а не да го попречува патот кон знаењето. Ако навистина сакаме да излеземе од темнината на незнаењето, мора да им овозможиме на младите пристап до образование засновано врз наука, факти и почитување. Без табуа, со знаење.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Хаос во авиосообраќајот: Прекини на радарите и…

Американската Федерална управа за воздухопловство (ФАА) во…

Прекини во комуникациите ги погодија полицијата, аеродромите…

Голем глобален дефект во системите на „Мајкрософт“…

Прекин на метеоролошкиот радарски портал низ САД,…

Американската Национална метеоролошка служба (NWS) соопшти дека…

Сите авиони приземјени: ФАА ги запре полетувањата…

Американската Федерална управа за авијација (ФАА) во…

Големо признание за Тамара Котевска – гран…

Македонската режисерка Тамара Котевска освои уште едно…